• среда, 29 ноември 2023

МИА Општински пул

МИА Општински пул

26 септември 2023 

Скопје - Од денеска учениците со образовни потешкотии во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје добија нова и комплетно опремена сензорна соба, донација од Турската агенција за соработка и координација ТИКА.

Како што информира денеска Општина Центар, се работи за донација на сензорна туба (со меурчиња) која менува бои, сензорни влакна, пректор со диск, сензорна светлечка маса, светленки листови и бројки, базен со топчиња, лулашка, темен шатор, трамполина, светлечки ЛЕЕД ципли, тактилен полигон за балансирање кои ќе го подобрат совладувањето на наставните содржини.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во присуство на координаторот на ТИКА во Скопје Мехмет Бајрак и помошник претседателот на ТИКА Махмут Чевик денеска истакнаа дека сензорните соби се од исклучителна важност за децата со аутистичен спектар на нарушено здравје.

Скопје - На терен почнаа градежните работи за изгрaдба на дел од фекална канализација во населба Илинден, во месноста викана Плац, во должина од 4.200 метри, како и изградба на препумпни уреди. Ќе се зафати површина од 46 хектари, соопштија од Општина Илинден.

Градоначалникотна Општина Илинден Александар Георгиевски изврши увид во градежните актовности. Информира дека овој дел од Илинден е еден од најниските делови од населбата и досега воопшто не бил третиран за работа поради својата сложеност за изведба и проблематичноста во реализација на фекалната канализација.

Тетово - Општинската организација на Црвен крст Тетово со пригодна активност ја одбележа Неделата за промоција на хумани вредности (ПХВ). Во просториите на Музеј на Тетовскиот крај (Дом на АРМ) се одржа трибина како и промоција на видеозаписи со спроведените проекти во 2023 година.

-ПХВ неделата од 21 до 27 септември има за цел промоција на мир, толеранција, ненасилство и соживот. Се одбележи со организирање на трибина на која се зборуваше за булингот (насилство) видливо и скриено во училиште и начините на кои може да се превенира, стопира и изолира, информираше Шкљќим Мурати, секретар на Црвен крст Тетово.

Штип - Набавен е нов апарат за Одделението за очни болести во штипската Клиничка болница истакна на денешната прес-конференција директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев. Посочи дека лекарите и медицинскиот персонал на очното одделение досега немале ОСТ апарат, а со него значително ќе забрза дијагнозата на одредени очни болести.

-Апаратот чини околу 42.000 евра или 2.600.000 денари и со ова квалитетот на здравствени услуги коишто ги нудевме досега на одделот за очни болести ќе го кренеме на едно повисоко ниво, ќе се прошири опсегот на работа на овој оддел, вели Ѓеорѓијев.

Најави дека следно што ќе се направи за овој оддел е во октомври една лекарка биде испратена на специјализација, бидејќи во моментов на оваа одделение има само двајца лекари специјалисти по офталмологија, кои секојдневно даваат здравствени услуги на пациентите од штипскиот, но и од струмичкиот регион.

Дебар - Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, ја одбележува втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен крст Господов – Крстовден.

Одбележувањето почнува вечерва со свечена и празнична вечерна богослужба, која почнува во 18 часот на која ќе претстои Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, во молитвено присуство на Неговото преосвештенство епископ Дремвицки г. Давид и на старецот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

- Многупочитуваниот Митрополит на Имврос и Тенедос, г. Кирил, кој доаѓа од редовите на Вселенската патријаршија, повторно ни доаѓа како наш драг гостин, овој пат на манастирската слава во чест на празникот Крстовден. Особена чест ни предизвикува тоа што тој ни го носи штедриот благослов од Првопрестолната Црква во православието, возглавена од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, кој ја врати нашата Помесна Црква во канонско единство со одлуката од 9 мај 2022 година. Оваа година, пак, и епископот Дремвицки г. Давид е присутен овде со нас, што исто така ја дополнува нашата радост, изјави сестра Ефимија за МИА.

Тетово - Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово информира дека водата за пиење од градскиот водовод е исправна и безбедна за пиење. Оваа информација ја споделуваат откако до нив како и до нашата редакција стигнаа голем број поплаки и прашања од граѓаните дали водата е исправна поради заматеност.

- Како и повеќе пати досега заматеноста се јавува поради интензивните дождови и тоа што од новиот водоснабдувачки систем водата ја зема од Лешничка река. Тогаш водата се заматува, но исто така постојано сме кажувале дека при појава на заматеност самиот систем го блокира дотокот на вода во градската мрежа. Водата од новиот водоснабдувачки систем е исклучена уште во 6.30 часот во понеделникот односно веднаш по интензивните врнежи во раните утрински часови. Од друга страна водата од стариот водоснабдувачки систем односно од Уливерички извори на Шар Планина е целосно бистра, информира д-р Ратко Давидовски, раководител на одделението.

Струмица - Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за Општина Дојран набави 20 електрични велосипеди со паметни брави, полнач за електрични автомобили, две градски информативни ЛЦД табли и безжична опрема за интернет конекција на централниот дел од Стар Дојран.

Како што информираа од Центарот, смарт опремата е набавена во рамки на проектот „Туризмот-иднината на регионот“, а со поставувањето на полначот за електрични автомобили, Дојран како туристичка дестинација ќе биде достапна и за туристи кои користат електрични автомобили како превозно средство.

-Информативните ЛЦД табли се поставени на две доста значајни локации и содржат корисни информации за тоа што се случува во Дојран, што е тоа што Дојран го нуди. Дваесетте велосипеди ќе се користат за организирани туристички тури со цел преку изнајмувањето и возењето на електричен велосипед да може да се доживее Дојран на еден нов и поинаков начин, каде освен возењето по пешачко-рекреативната патека долж езерото, мештаните и туристите ќе може да ги откријат и ридските убавини кои досега беа тешко достапни поради теренот, да се посети „Фердинандова“ чешма и да се вози електричен велосипед по патеката од Првата светска војна, стои во информацијата од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Гостивар  - По речиси двочасовниот прекин прекин во одвивање на сообраќајот по магистралниот пат Гостивар - Кичево, пред влезот на Гостивар, заради сообраќајна незгода, движењето на возила се одвива со наизменично пропуштање кое го регулираат полициски службеници.

Од СВР Тетово информираат дека денеска во 10 часот и 5 минути била пријавена сообраќајна несреќа на магистралниот пат Кичево-Гостивар, пред влезот на Гостивар, во близина на угостителски објект.

- Во неа учествувале патничко моторно возило „сеат кордоба“ со гостиварски регистарски ознаки управувано одР.Р. (75) од  долнореканско Велебрдо и трактор, исто така, со гостиварски ознаки што го управувал  Г.Ќ.(34) од гостиварска Ломница, наведуваат од СВР Тетово.

Во несреќата, двајцата возачи се здобиле со телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде биле пренесени за укажување на лекарска помош.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје информира дека денеска од 11:00 часот без вода ќе бидат корисниците на дел од улицата „Методија Митевски“, „7-ма Албанска Бригада“, крак 8,9,10,11 и 13, во Чаир.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато поради дефект на приклучна цевка ф 2“ на ул „Методија Митевски“ бр10/5.

 

Остани поврзан