• понеделник, 15 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 јуни 2023

Охрид - Во црквата „Света Софија“ во Охрид утрово почна света архиерејска литургија по повод годишнината од врачувањето на акт на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски , г.г Стефан со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ - ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви.

Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) на заседанието на 20. минатиот месец донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната охридска архиепископија (ПОА) и интегрирање во МПЦ-ОА.

- На заседанието особено внимание беше посветено на темата за конечното решавање на канонскиот статус на архиереите на Православната Охридска Архиепископија, во светло на минатогодишната одлука на Светиот архиерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство, како и последователната одлука за доделување на Томос за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.  За таа цел, Соборот донесе одлука за доделување канонско ослободување на ерархии на оваа автономна црква од страна на СПЦ и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со светите канони и Устави на двете помесни Цркви, како и претходно постигнатиот договор на Синодите на сите три црковни структури,  информираше во соопштение Светиот архиерејски синод на СПЦ.

Тетово – Во Основниот суд во Тетово денес во 12 часот треба да биде изречена пресудата за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите по што судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти на 5 јуни понеделник во 12 часот.

Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

И за денеска е најавена мирен протест за поддршка и барање за ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски од група граѓани кои се организираат преку социјалните мрежи.

На завршните зборови адвокатите на обвинетите истакнаа дека Обвинителството не ја докажало вината. Претставниците на Обвинителството, пак посочија дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни.

Тетово - Сообраќајните полицајци вчера на автопатот Тетово-Скопје меѓу 94 возачи кои ги казниле за пребрзо возење, откриле двајца кои се движеле со 214 и 227 километри на час. Акциската контрола за брзина со која се движат возилата, посебно на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје била спроведена од 15 до 21 часот на тетовско-гостиварското подрачје.

При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 94 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место од 66 во тетовскиот регион и 28 во гостиварскиот.

-Осум од нив односно пет во Тетовско и три во Гостиварско биле за над 70 километри повеќе од максималната брзина, меѓу кои двајца возачи на автопатот Скопје-Тетово се движеле со 214 и 227 километри на час. На сите возачи-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со предвидените парични глоби, а некои и со времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година. СВР Тетово со апел до возачите да не возат пребрзо, зашто најголемиот број и од годинашните сообраќајни несреќи се резултат на неприлагодена брзина според условите на патот и пред се оние со најтешки последици, порача портпаролот Марјан Јосифоски.

Битола - Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечер на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.

„Брод за кукли“ на Милена Марковиќ е приказна за една или за сите женски судбини, или за сите човечки судбини - како една жена го доживува својот живот како серија на неостварени бајки, вели режисерот Младеновиќ во пресрет на вечерашната премиера во Битола.

-Сите ние сме во позиција да го преиспитаме нашето живеење, и малкумина од нас сме задоволни од сопствениот живот. Тие бајки без среќен крај го одбележуваат животот на луѓето на овие простори, тука каде што ние живееме, каде сѐ се случи по распадот на земјата, со распадот на економскиот и политичкиот систем и создаде нервозни, гладни и понижени луѓе кои живеат несреќен живот. Таа потрага по смислата на сопствениот живот во серии на неоствареност е нешто што ја прави величенствена оваа поезија на Милена Марковиќ, како литературно така и како сценско дело, посочи Младеновиќ.

„Брод за кукли“ -  во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип. Во претставата ќе настапат актерките Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска, Валентина Грамосли и актерите Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна и квалитетна, покажува последниот неделен лабораториски извештај на ЈП „Водовод и канализација“.

Контролите се извршени од Секторот за санитарна контрола во периодот од 29 мај 2023 до 01 јуни 2023 на 147 примероци за физичко-хемиска и примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 39 мерни места во Градот Скопје. 

-Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, наведува ЈП Водовод и канализација

Остани поврзан