• петок, 26 мај 2023

МИА Општински пул

МИА Општински пул

26 мај 2023

Гостивар – Последиците од невремето со пороен дожд што го зафати јужниот дел од општина Гостивар се санираат, а надлежните служби работат на нормализирање на состојбата. Излевањето на водата од каналите за наводнување и надојдените потоци и реки поплавија повеќе десетици домови во населбата Бањешница и селото Беловиште. Вода навлезе и во ординациите на приземјето во болницата.

Локалната самоуправа по синоќешниот и денешниот увид на местата кои беа погодени од непогодата презеде мерки, а за евентуално обесштетување ќе одлучува на седница на Советот на општината.

Куманово - Младите кумановци да се пријават за мерката практикантство, повикаа денеска надлежните од Центарот за вработување Куманово. Мерката е доста популарна и меѓу компаниите и кај младите невработени, велат стручните, бидејќи од една страна работодавците си креираат кадар потребен за нивната дејност, а младите се стекнуваат со знаења и вештини и можност за идно вработување.

Делчево – Во делчевското село Разловци денес одбележани 147 години од Разловечкото востание. Официјалната програма започна во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски по повод годишнината од Востанието истакна дека Разловечкото востание е симболот на македонскиот непокор, а жителите на село Разловци и нивните предци се меѓу најзаслужните за тоа.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје известува дека денеска, од 14:00 часот, без вода се дел од корисниците на улицата „Митрополит Теодсије Гологанов“ на потегот од улицата „Лондонска“ до булеварот „8-ми Септември“.

Водоснабдувањето е прекинато поради дефект на два затварача Ф300 милиметри и еден затварач Ф 125 милиметри на улицата „Митрополит Теодсије Гологанов“ на крстосницара со улица „Лондонска“ во Карпош.

Куманово - Во рамки на меѓународниот фестивал, „Денови на прозата“ кој се одржува во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, денеска се одржа работилница за деца со авторката Јулијана Величковска. На интерактивното читање на книгата за деца „Ведра“ од Величковска, присуствуваше и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Децата уживаа во приказната за „Ведра“, плачката која победува змејови.

Авторката Величковска, кажа дека книгата била одлично прифатена од децата.

Дебар – Бигорски манастир беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, организиран од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.

- Стотина млади ликовни уметници од 22 земји во светот, кои со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талент и младешки творечки дух, вчера го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција, информираа од манастирот.

Битола - Битолскиот Архив го одбележа 26 мај, денот кога пред 69 години е основан и работи како подрачно одделение на Државниот архив на Република Северна Македонија.Во рамки на годишнината, архивските работници од Битола во офицерскиот дом презентираа изложба на документи и фотографии на тема „Македонија памети, никогаш да не се повтори“ посветена на македонските Евреи.

- Нашиот архив е значајна институција, трезор на оригинални документи, писма, фотографии и друг вид материјали од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата држава. Како чувари на колективната меморија, денес градиме и афирмираме пракса на соработка со наследниците на нашите сограѓани Евреи кои биле убиени во логорите на смртта, но тоа го практикуваме и со пошироката заедница, пракса која оди во насока на негување на меморијата, но и кон осмислени истражувачки процеси кои ја збогатуваат нашата национална историја, истакна Гоце Стојановски, раководител на битолскиот Архив.

Тетово - Од утре сабота почнуваат повеќето активности во организација на планинарскиот клуб Љуботен во пресрет на традиционалното 41-во искачување на Титов Врв што ќе се случува во недела, најавија денес организаторите. Во сабота, активностите ќе се одвиваат на Попова Шапка, од каде исто така во недела ќе се тргнува кон највисокиот врв на Шар Планина.

-Програмата предвидува во сабота да има акција за чистење во координација со Национален парк Шар Планина. Потоа околу 15 часот ќе се организира планинарски базар. Од 15:30 до 17:00 има планинарски квиз и забавно едукативни игри, ќе учествуват клубовите. Следува проекција на планинарски филм, додека свечено отворање ќе има во 19 часот. Ќе имаме и координативен состанок со координаторите на клубовите, изјави Јованче Даниловски, член на организацискиот тим.

Кочани – Граѓанска неодговорност предизвика опасност од излевање на водата од десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ и поплавување на куќи и други објекти кај Територијалната противпожарна единица во Кочани.

Фрлените отпадоци, остатоци од мебел, остатоци од домашни животни, пластична амбалажа и друг вид ѓубре ја затнаа решетката на каналот пред подземниот тунел и сериозно го покачија нивото на водата во каналот.

Вработените во водостопанската подружница од Кочани со итна интервенција исчистија околу половина тон отпадоци и спречија да дојде до поголема катастрофа.

Скопје - Oпштина Центар објави Јавен повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови за реконструкција на фасади на колективни станбени згради. Реконструкцијата на фасади опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна) фасадна обвивка, односно фасаден систем, на постојни станбени згради на територија на општината.

Јавниот повик ќе се реализира со селекција кoja ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ и предуслов за добивање финансиски средства покрај останатата документација да се обезбеди и правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада во согласност со законските прописи. 

Куманово - Почна пренамената на простор кој ќе се користи за продавачите и производители на цвеќе во рамки на зелениот пазар Куманово, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Цветниот пазар ќе биде дел од зелениот, со нова подлога и ќе се постави настрешница. Во моментов се поставуваат бекатон плочки.

- Во рамки на инфраструктурните активности кои се спроведуваат на булеварот „Трета МУБ“ и на улицата „Страшко Симонов“ на барање на ЈП „Пазаришта“ до општина Куманово, во моментов се спроведуваат и инфраструктурни активности внатре во пазарот, кој ќе бидат наменет за тезгите со цвеќе. Очекуваме нашите закупци да имаат соодветен простор за продажба на цвеќе, изјави директорот на ЈП „пазаришта“, Гзим Кадриу.

 

 

 

Остани поврзан