МИА Општински пул
- МИА Општински пул
3 октомври 2025
Штип – Во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип вечерва почнува интернационалниот Фестивал на камерни хорови „Астибо-Фест“.
Во писмено соопштение од Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип стои дека осмиот Фестивал на камерни хорови „Астибо-Фест“ почнува во 19:30 часот.
-Фестивалот ќе продолжи и утре, 4 октомври, со втор фестивалски концерт во исто време и на истото место.Публиката ќе има можност да ужива во настапите на врвни хорови и вокални ансамбли од: Македонија, Србија, Бугарија, како и интернационалниот хор „SINGERS UNITED“ со учесници од САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Русија, Белгија, Костарика и други земји, се вели во соопштението од Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип.
Настанот е со слободен влез и претставува вистински празник на хорската музика и култура. Организатор се Здружение на граѓани Градски камерен хор „Астибо - Штип“, а коорганизатор: НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Штип.
Виница - Вчера околу 11:25 часот пред угостителски објект во Виница, настанала физичка пресметка помеѓу Д.М. и И.С. откако претходно дошло до нивна меѓусебна расправија. Случајот е пријавен во локалното Одделение за внатрешни работи истиот ден во 18:20 часот, по што полициски службеници го лишиле од слобода Д.М. (37) од Виница.
Според пријавата, И.С. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во болницата во Кочани бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ на понатамошно лекување.
Увид на местото изврши екипа од СВР Штип - ОВР Виница,
Д.М. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Штип - Почна „Текстилијада 9“ во Штип, а на првата дебата се зборуваше за предизивиците во текстилната индустрија, се бараат решенија за надминување на состојбата во која се наоѓаат текстилните работнички. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека една од целите е модернизација на приватниот сектор, економски раст и развој.
-Оваа дебата е токму за тоа – модернизација на приватниот сектор, економски развој и раст. Се надевам дека ќе се разговара, за да видиме што може и како може оваа состојба која ни се случува веќе една година интезивно, Ампева.
На дебатата присуствуваше и заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој посочи дека мерки има и сега кои се користат од страна на текстилните фирми. Но според него во наредниот период потребни се и нови, со цел да нема затворање на фирмите со што работниците би останале на улица.
-Во наредниот период ќе се обидеме заедно во договор со стопанските комори, посебно со текстилните компании да видиме какви мерки да понудиме подобри со цел овие компании повеќе да опстојуваат во Македонија, бидејќи гледате дека текстилната индсутрија не само во Македонија, туку и насекаде на балканот и пошироко во Европа и светот под удар. Ние имаме активни мерки, активните мерки од економија кои ги користат сите компании. Меѓутоа ги користат и текстилните компании, од она што го собрав како податок од министерството за економија осум текстилни компании на ниво на Македонија, веќе ги користат тие активни мерки, вели Ристески.
„Текстилијада 9“ е настан од интернационален карактер, а денеска и утре ќе се реализираат дебати, форуми, визуелна изложба, литературен конкурс.
Куманово - Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од кумановското село Пчиња втора година по ред го организира Саемот на автохтони сорти - „Везенка“, информираа денеска од здружението. Оттаму ги покануваат граѓаните да присуствуваат на саемот кој ќе се одржи на 5 октомври годинава (недела) со почеток во 11 часот. На саемот, како што наведуваато од здружението, граѓаните ќе можат да се снабдат со свежи и преработени производи од локалните стари сорти, но и вкусови што враќаат во детството.
- Целта ни е да ги заштитиме и промовираме старите локални семиња и сорти, коишто полека ја „губат битката“ под напливот на хибридните. Исто така, ќе имате можност да дегустирате месни преработки на мал локален производител, но и пити и зелници кои за вас ќе ги подготват жените од село Пчиња, а љубителите на медот ќе уживаат во пчињски органски мед. Многу сме горди на жените од Пчиња кои доброволно учествуваат во подготовката на локалните зимници и пити со поддршка на Еко Пчиња и „Let’s Spread Love“, а средствата од нивната продажба ќе бидат насочени во хуманитарни цели, велат од здружението.
Воедно, ќе се организира и работилница за дечиња на самата локација а љубителите на пешачење ќе може да се прошетаат до познатата Бислимска Клисура.
- Ве чекаме во недела во село Пчиња на убава дружба и активен викенд исполнет природни домашни вкусови. Придружете нѝ се и поддржете ги малите локални производители и хуманата мисија на нашите мештани, додаваат од здружението.
Настанот ќе се одржи пред инфоцентарот, каде што има можност за паркинг. Саемот на автохтони сорти „Везенка“ е финансиран од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а за негова реализација е задолжено Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“.
Скопје – До понеделник 6 октомври 2025 година доколку не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Град Скопје, нивниот возен ред ќе биде намален за 70 проценти. Тие ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот, соопшти денеска опственикот на Јофи Бус, Јовица Зафировски.
Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани кои сообраќаат во Скопје денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.
Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП, истакна Зафировски.
Доколку не се исплатат парите до понеделник, приватниците рекоа дека ќе се редуцира возењето, односно трите компании ќе возат само прва смена со 30 проценти капацитет, се до исплатата на долгот.
Директорот на ЈСП Скопје Драги Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници, рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите согласно нивните можности.
-Од како сум јас директор, долгот се намалува и не е тој што беше кажан од приватните превозници. Траба да се престане со манипулација на граѓаните и дека ЈСП располага со возниот парк кој што располага и ги пушта сите автобуси што ги има. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари, истакна Кушовски.