• вторник, 15 јули 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  19  јуни  2025

 

Струга – Одбраната на градоначалникот на Струга Рамис Мерко денеска во Основниот суд во Струга треба да даде завршен збор за четирите споени предмети кои се водат против него за незаконско поставување директори во основните училишта „Гоце Делчев“ во Подгорци (два предмети), „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа и „Ашим Агуши“ во Радолишта.

Судијата Јордан Јованов, на минатото рочиште информира дека со оглед на тоа дека се работи за четири предмети споени во еден, одбраната побарала дополнително време да спремаат завршни зборови.

На претходното рочиште заврши доказната постапка. Во исказот пред Судот, Мерко рече дека не направил ништо погрешно во однос на назначувањето директори на основните училишта, односно дека тој само потпишувал она што ќе го подготвеле службите. Но, нагласи дека доколку го прекршил законот ќе му биле одземени ингеренциите од Министерството за образование и наука, подвлекувајќи дека тоа не се случило.

Тој тврдеше дека поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири бил запознаен со состојбата и му дал појаснување дека постојат законски услови да се постави за в.д. директор лице кое не доаѓа од редот на вработените во институцијата доколку на конкурост никој од училиштето не поднесе кандидатура за директор и оти за тоа постоел изграден став од Министерството за информатичко општество и администрација.

Посочи дека во повеќе наврати Шакири ги предлагал луѓето кои биле назначени на функцијата, потсетувајќи оти и директорите кажале дека немале средба со градоначалникот, туку биле поставени од министерот.

Според него, како било можно да е обвинет за наводно сторени кривични дела без да биде обвинет министер за образование во услови кога надлежностите им се определени во ист член на законот. Додавајќи дека на почетокот на учебната 2024/25 година кога министерката за образование и наука Весна Јаневска го одзела ингеренциите за основните училишта во Драслајца и Подгорци биле назначени в.д. директори, кои не исполнуваат услови.

Нагласи и дека сите поставени директори чесно, одговорно и совесно си ја вршеле функцијата и оти од исказот на инспекторите најмногу што сторил градоначалникот било прекршок, а не кривично дело.

Против Мерко се води уште еден одвоен предмет за училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Пред Судот во Струга против Мерко во тек се судски процеси и за други обвиненија за несовесно работење во службата, а Струшкиот суд на 9 јуни донесе ослободителна пресуда за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра. Тој е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД), поради вмешаност во корупција. 

Скопје - Советот на Општина Илинден официјално го усвоил локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) за периодот од 2025 до 2030 година, што е стратешки документ кој претставува основа за унапредување и заштита на животната средина на локално ниво.

Од Општина Илинден денеска соопштија дека ЛЕАП е сеопфатен стратешки план кој ги дефинира приоритетите и мерките за заштита и унапредување на состојбата со животната средина преку краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со јасно утврдена временска и финансиска рамка.

Документот е структуриран по тематски области кои го опфаќаат квалитетот на воздухот, управувањето со води, урбаниот развој и користењето на земјиште, управувањето со отпад, бучава, биолошката разновидност и урбаното зеленило. Исто така, посебно внимание се посветува на подигнувањето на јавната свест, еколошкото управување и вклучувањето на јавноста во процесите на донесување одлуки.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакнал дека од особена важност е што ЛЕАП содржи прецизно дефинирани проекти и активности, чија имплементација ќе придонесе за подобрување на животната средина и квалитетот на живот на сите жители на општина Илинден. Тој потенцирал дека овој документ ќе послужи како основа за подготовка на апликации за обезбедување финансиска поддршка од различни институции и фондови, со цел имплементација и реализација на предвидените еколошки проекти. 

Крива Паланка - Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас утре ќе оствари официјална посета на Општина Крива Паланка. За време на посетата евроамбасадорот ќе оствари средба со градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и со членовите на Советот на Општина Крива Паланка.

Подоцна, планирана  е средба со Советот на млади на Крива Паланка во Европската куќа, како и со млади амбасадори и претставници на граѓански органзиации.

Попладенето, во 18 часот, предвидено е амбасадорот да присуствува на  официјалното отворање на проектот „ПАРКОВИ“ ( PARKS) финансиран од Интеррег ИПА програмата на  ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија, со кој на локација од околу 2000 метри квадратни уреден е нов урбан зелен парк кај комплексот згради до градскиот зелен пазар во Крива Паланка, за подобра и позелена, урбана општина.

Проектот „ПАРКОВИ“ - Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост е со вкупна вредност од околу 895.000 евра од кои 388.000 евра за Општина Крива Паланка како партнер 2, додека останатите се наменети за водечкиот партнер,  Општина Дупница, Бугарија.

Општа цел на проектот е подобрување на урбаниот биодиверзитет и квалитетот на живот во општините преку креирање и промоција на еко-пријателски зелени паркови и површини.

Скопје - Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот - проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“, информираат денеска од локалната самоуправа.

Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.

- Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот, затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед, нагласува градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во пишаната изјава.

Во соопштението се нагласува дека сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.

- Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации. Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот, потенцираат од Здружението.

Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во „Паркот на франкофонија“. 

Скопје - Дел од општина Центар во текот на денов ќе остане без вода за пиење, информираат утрово од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што појаснуваат, водоснабдувањето од 11 часот ќе биде прекинато за корисниците на дел од улиците „Боро Петрушевски“ и „Ѓорѓи Абаџиев“.

Во соопштението се наведува дека причината за прекинот во водоснабдувањето е водоводен приклучок на улицата „Боро Петрушевски“.

Поради уличен дефект пак, вода за пиење во моментов немале дел од корисниците од улиците „Прохор Пчински“, „Јоаким Крчовски“ и „Самоилова“. 

Крива Паланка - Во Крива Паланка завршија градежните работи за реконструкција и рехабилитација на улицата „Јане Сандански“ – крак 1 и крак 2 и неколку краци од улици во населба Црквена маала во централното градско подрачје. Градоначалникот на Општина Крива Паланка денеска изврши увид на терен и посочи дека се решава децениски проблем за жителите на овие улици.

- Со реконструкцијата на улиците и поставување нов асфалтен слој, директно придонесуваме кон подобрување на секојдневното функционирање на жителите од оваа населба. Граѓаните мора да имаат безбедни улици и подобар квалитет на живот. Улици без кал е наш врвен приоритет и затоа одлучно вложуваме во секој дел од Крива Паланка. Целосно и секојдневно сме посветени на испорака на видливи, капитални проекти за граѓаните на Крива Паланка, изјави Митовски.

За реализација на проектот за реконструкција на овие улици се инвестирани 3.850.000 денари од буџетот на општината, преку Развојната програма на Општина Крива Паланка.

Периодов во градот се очекува да заврши проектот за рехабилитација на централната градска улица на потегот од ЛУ Градски музеј до Соларски мост, финансиран од Светска банка, а со развојната програма за подобрување на локална патна инфраструктура, општината ќе работи на реконструкција на улица „Ратко Минев“. 

Скопје - Без електрична енергија денеска во периодот од 08.00 до 16.00 часот ќе останат дел од корисниците од улиците Коле Неделковски, Наум Наумовски Борче и Антоние Грубишиќ во општина Центар, соопшти ЦУК.

Од 08.15 до 13.00 часот, струја ќе немаат корисниците од село Крушопек како и спортско рекреативниот центар Сарај, од 08.30 до 14.30 часот корисниците од селата Света Петка, Говрлево, Долно Соње, Горно Соње, Соње Коштан, Виничиште и Чифлик во општина Сопиште, а од 10.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улиците Фуштанска, Јужно Моравска Бригада и Жегљане во општина Гази Баба.

Остани поврзан