• вторник, 23 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

7 јуни 2023

Охрид - Народен театар Охрид в петок премиерно ќе ја изведе претставата „Сергеј е многу глупав“ од Дмитриј Данилов во режија на Дејана Николовска, на сцената во центарот за култура „Григор Прличев“.

Во улогата на Сергеј игра Никола Тодороски, првиот курир е Стрезо Стаматовски, вториот курир го игра Горан Стојаноски, а третиот Филипи Кипровски, додека Елизабета Стефановска ќе се појави во улогата на Маша. Сценографијата и костимографијата се на Енес Деари.

Текстот, како што информираше денеска на прес-конференција режисерката Николовска, првпат се поставува во државата. Според неа, се работи за многу популарен современ драмски текст.

- Во претставата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер, кој го игра Никола Тодороски. Навидум едноставната животна состојба одеднаш се претвора во егзистенцијална. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај Сергеј и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, почнува надреалистично шоу, кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив, открива Николовска.

Берово - Во Берово е распишан јавен повик до евидентирани невработени лица за вклучување во програмата општинско-корисна работа. 

Со јавниот повик се предвидени 17 работни позиции, а право на учество, како што информираа од Општината, имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.

- Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на 
четири негуватели на деца од предучилишна возраст, 8 лица односно по двајца вработени за позициите негувател за стари лица во Домот за стари лица/геронтодомаќин, личен асистент на деца со телесна и интелектуална попреченост во Малиот групен дом, негувател на стари и изнемоштено лица-палијативна нега и негувател на стари и изнемоштено лица-алцхајмер. Останатите позиции за кои може да се аплицира се двајца фацилитатори за координација и поддршка на социјални услуги во народна кујна и едно лице фацилитатор за оддржливи социјални услуги на ранливи категории, информираа од Општината.

Струмица - НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ од Струмица, заедно со Министерството за култура, почна со целосна санација на Спомен-костурницата во Струмица.

Овој вреден примерок е дело на архитектот Благој Колев и е изграден од армиран бетон и целосно е обложен со бел мермер.

-Службите на Музејот од Струмица веќе ги завршија активностите за детално чистење на отпадоците од површината и вегетацијата, како и детално чистење на самиот споменик од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. Во периодот што следува, продолжува санацијата и реконструкцијата на оштетениот мермер на површината на споменичната целина, како и хортикултурно уредување на Спомен-костурницата, информираа од Министерството за култура.

Куманово - Деталниот урбанистички план, кој се однесува на урбана единица во близина на Гимназијата и школската амбуланта во Куманово времено е суспендиран, одлучија советниците од владејачкото мнозинство од Куманово, „За наше Куманово“, коалиција, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците, Беса и Алтернатива.

Суспензијата на ДУП-от не ја поддржаа советниците на коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ и ГРОМ.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во однос на предлог-одлуката за суспензија од примена на деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е „Б.С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44 потенцираше дека овој детален ДУП го крши јавниот интерес на Општина Куманово и граѓаните, а од општината ќе се направи рашомонијада.

-Сакам да ве известам каде е дефиниран во законот јавниот интерес, бидејќи сите се повикуваат на јавниот интерес, да ви кажам дека тоа е дефинирано во член 4 и член 7 од Законот за експропријација. Јавниот интерес утврден со Закон за експропријација е уредување и рационално користење на просторот, заштита и унапредување на животната средина и природата во државата и во градот. Тоа е член 7 став 1, и дополнително имаме во став 8 дообјаснување на истиот тој јавен интерес. Кој е тој којшто цени на прва дали постои јавен интерес или не? Покрај стручните служби, покрај вештачењата кои можат да бидат изготвени, во овој случај е изготвено едно такво стручно вештачење од стручен вештак проф. д-р Мирослав Грчев, рече Димитриевски. 

Струмица - Од денеска во институциите кои се под надлежност на Општина Струмица, како и во основните и средните училишта, почна собирањето на отпадни батерии.

Како што информираа од Општината, садови за собирање на овој електронски отпад се поставени во 25 институции во Струмица.

- Со ова се прави значаен исчекор на одржливост и заштита на животната средина. Ова ќе придонесе за намалување на опасниот отпад на улиците, дивите депонии кои се создаваат покрај контејнерите и ќе влијае на подигањето на јавната свест. Заеднички придонесуваме да се намали влијанието на овој растечки проблем, но и да мотивираме повеќе луѓе да се грижат за себе и околината и да го селектираат опасниот отпад, стои во информацијата од локалната самоуправа.

Поставувањето на садовите за собирање отпадни батерии е во соработка и партнерство со „Нула отпад“.

Штип - Советот на Општина Штип за утре ја закажа вонредната седница, на која ќе има само две точки на дневниот ред, а тоа се ребаланс на буџетот и одобрување на 18 милиони денари за ЈП „Исар“, кое е во тешка финансиска состојба и е постојано со  блокирана сметка.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов пред два дена на прес-конференција најави дека ќе има вонредна седница, а воедно изнесе и детали за финансиката состојба во ЈП „Исар“.

-Сакам да презентирам решение на проблемите, а тоа е дека мора да се направи замрзнување на новите вработувања во ЈП „Исар“, да се направи преструктуирање, да се намали бројот на членови на Управни одбори, да се намали бројот на превработена администрација. Веќе сме подготвени да направиме нова систематизација, рече Јорданов на прес-конференцијата на 5 јуни.

Штипското комунално претпријатие „Исар“ има  долг од околу пет милиони евра, а вкупниот број на вработени е 325. Во текот на вонредната седница ќе се знае од кои ставки на буџетот на Општина Штип ќе се крати, за да се трансферираат средства за долговите на ЈП „Исар“-Штип. 

Струга - Полициски службеници од ОВР Струга, вчера во 9:45 часот во Струга,  ги лишиле од слобода стружанецот Д.У.(37)и Е.П.(46) од Куманово.

Како што соопшти МВР, тие се сомничат дека извршиле „тешка кражба“ во куќа во струшката населба Плитишта, при што одзеле повеќе предмети. Одземеното било пронајдено при преглед кај нив и при претрес, извршен со судска наредба, во домот на Д.У. во Струга.

-Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. додаваат од МВР.

Струга - Општинската организација на Црвен крст – Струга денеска објави конкурс за обука на спасители за капалиштата со отворени води.

Право за пријавување, според информацијата на струшкиот Црвен крст, имаат психофизички способни лица на возраст од 17 години.

Пријавувањето ќе трае до 16 јуни годинава, а кандидатите ќе се стекнат со Национална лиценца за спасител на отвирени води.

Заинтересираните кандидати може да се пријават во просториите на Црвен крст - Струга, на телефон 071398424 или на имеил struga@redcross.org.mk.

Битола - Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски го посети основното училиште „Елпида Караманди“ и на средба со директорката Татјана Дамчевска, беше информиран за моменталните состојби, потреби и планови на училиштето.

На барање на родителите, чии деца посетуваат одделенска настава во училиштето, Коњановски ја задолжи директорката Дамчевска да ги спроведе потребните законски процедури, во училиштето соодветно да биде адаптиран просторот во кој учениците до трето одделение ќе можат да престојуваат во т.н. дневен престој, и да ги извршуваат своите задачи, пред или после завршувањето на наставата.

-Општина Битола, согледувајќи ја потребата, застанува со потребната поддршка зад иницијативата на родителите, со цел од септември, овој долгогодишен проблем, повторно да не им создава грижа и неизвесност. Локалната самоуправа очекува училиштето да ги заврши сите потребни постапки, за да може идната учебна година, учениците да посетуваат дневен престој во училиштето, соопштија од секторот за односи со јавност на Општина Битола.

Кочани – Земјоделците од атарот на кочанското село Новоселани денеска првпат користеа дрон за прскање со хемиски препарати против плевелите во оризовите ниви.

Примената на оваа современа технологија во оризопроизводството значително ќе им ги намали трошоците, но и времето за примена на хербицидите во заштитата на растението во неговата рана фаза. Освен тоа, не се прави ни физичка штета на обработените површини, затоа што во нивите не се внесува земјоделска механизација.

-Очекувам третманот со дрон да биде многу поуспешен од класичниот начин на прскање против плевели, за што користевме рачни прскалки или моторни пумпи на трактор. Бидејќи веќе нема ни доволно работна сила за рачно прскање, ова е најповолна и најефикасна опција, а третманот се изведува многу брзо. Површина од пет декари со дронот ја испрскавме за десетина минути, а кога би користел трактор или рачна прскалка, освен дополнителни работници, ќе ми требаат еден или два часа, во зависност дали нивата е добро исцедена од водата. Имам 15 хектари со ориз и откако ги видов предностите, целата површина ќе ја прскам со дрон, со што наместо за две недели, работата ќе заврши за три-четири дена, истакна Зоран Станисавов, земјоделец од Новоселани.

Штип - Раководството на ЈП „Исар“-Штип наредната недела ќе излезе со план и активности на краток, среден и долг рок за излегување од тешката финасиска состојба, најави денеска вршителот на должност в.д директор на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков. Забележува дека она што го преземаат не е на база на политика, туку реална сосотојба со која треба да се врати ликвидност на ЈП „Исар“и тоа да биде сервис на граѓаните.

-За неполна недела ние ќе излеземе со точна утврдена финансиска состојба, со динамика на активности преземени на краток, среден и долг рок, сѐ тоа ќе биде транспарентно објавено. Она што ние сакаме да го направиме за ЈП „Исар“ не е политиканство, туку е реална потреба со крајна цел да направиме ефикасно јавно претпријатие кое ќе биде сервис на граѓаните. Врз основа на тие анализи ќе побараме поддршка од сите чинители во политичкото опкружување оти ЈП „Исар“ мора да биде сервис на граѓаните, вели Зајков.

Процесот на замрзнувањето на нови вработувања ќе започне со тоа што на местото на вработените кои ќе заминат во пензија нема да се вработат нови.

Битола - Македонски и грчки експерти во соработка со Здружението за телесен инвалидитет-Битола, Демир Хисар и Ресен, презентираа проект „Алтернативно туристичко патување“, посветен на лицата со попреченост.

Според Ивона Јанкова проектен менаџер, пристапноста сеуште е непознат поим за многу лица затоа што има многу елементи во поимот пристапност кој е посебно важен во туризмот.

-Во рамки на проектот обезбедивме попис на сите објекти во регионот кои имаат соодветна пристапност и притоа воочивме дека многу раководители на различни установи и институции не знаат кои се законските обврски за обезбедување пристапност кон објектите. Многу хотели иако тврдат дека се пристапни, кога ќе ги посетите воочувате дека не се пристапни. Истото се случува во објекти од културата, угостителски објекти и слично. Затоа треба да се помогне, посебно на лицата со попреченост, истакна Јанкова.

Делчево - Во Делчево во тек е имплементацијата на проектот „Горда и интегрирана Ромка“. Проектот, кој се имплементира со поддршка на Р РОМА, го спроведува Невладината организација „КХАМ“ од Делчево, а финансиски е поддржан од Европската Унија.

Проектот, како што истакна координаторот Мејрема Мемедова, има за цел да го зголеми учеството на жената Ромка во креирањето на родово одговорни политики на локално ниво согласно целите за одржлив развој.

-Меѓу останатите цели на проектот се и јакнење на вработливоста на жената Ромка и нејзиниот претприемачки дух, како и унапредување на репродуктивното здравје на жената Ромка и застапување на родово одговорен буџет за креирање на политики насочени кон жената Ромка, истакна Мемедова.

Активностите од проектот, како што додаде координсторката, ќе бидат имплементирани во повеќе општини од Источно-планскиот регион.

Остани поврзан