• понеделник, 10 ноември 2025
МИА Општински пул

2 октомври 2025 

Дебар - По дождот, кој се уште врне во пониските делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, во селото Татар Елевци над градот, како и во Маврово.

Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но, се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони, поради што се препорачува внимателно возење.

-На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, потврдија за МИА, од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.

Снег од ноќеска паѓа и во Маврово и на Попова Шапка.

Гевгелија - Во рамки на културната програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечер во 19:00 часот во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната изложба на Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“, информираа од Општината.

Како што се наведува, овој циклус слики е длабоко личен уметнички израз во кој Боев се навраќа на сопствените спомени и траги од животот, претворајќи ги во бои и облици што ја носат неговата внатрешна светлина.

-Уметникот се обидува да ја отелотвори суштинската емоција- било да се работи за обичен портрет или за цела приказна-при што платното станува простор каде што чувствата, илузиите и спомените се преточуваат во визуелен јазик. Неговото творештво не е само уметничка техника, туку и личен процес на самоосознавање. Сликите не се создадени за да се вклопат во идеализирана претстава за уметноста, туку да ја претстават вистината на уметникот – со сите негови падови и кревања, надежи и сомнежи, се наведува во информацијата.

Се додава дека изложбата „Од спомени до боја“ нуди ретка можност публиката да влезе во интимниот свет на Боев, да ја почувствува неговата искреност и транспарентност во изразот и да ја доживее уметноста како огледало на човековата душа.

Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со Музеј Галерија- Кавадарци и Националната установа Музеј- Гевгелија.

Инаку,Горан Боев е роден 1982 година во Кавадарци, а средно училиште за применета уметност (ДСУПУ „Лазар Личеноски") завршува во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни Уметности (ФЛУ Скопје) во 2005 година, во класата на проф. Благоја Маневски и досега има реализирано над десетина самостојни изложби во земјата и учествувано на многу групни во земјата и странство.

Штип – Деветото издание на „Текстилијада“ почнува од утре и со низа на дебати, културни настани ќе се одвива на 3 и 4 октомври во Штип. На денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ истакна дека станува збор за настан или Фестивал којшто низ годините стана традиционален и интернационален, бидејќи доаѓаат гости и од Балканот и од Европа. Посочува дека очекува на дебатите да дојдат работници, претставници од синдикатите и од власта.

-Она што го правиме утре е во 10.30 часот во хотел Оаза, каде што ќе имаме Форум за модернизација на приватниот сектор, бидејќи сметам дека за оваа тема треба да се разговара повеќе од било кога, со оглед на тоа што ни се случува не само во Штип, туку и во целиот источен регион, односно затварање на добар дел од текстилните компании. Затоа е битно да ги повикаме оние што ги носат одлуките за да видиме каква е Стратегијата во наредниот период и дали ќе има изгледи дека оваа ситуација ќе се подобри изјави Ампева.

Благојче Дишоски од „Гласен Текстилец“ додава дека утре ќе имаат и конференција за родово и одговорно буџетирање.

-Утре во 13.30 часот почнуваме со Регионалната конференција на тема родово одговорно буџетирање за Источен регион. На оваа дебата свое обраќање ќе имаат и кандидатите за градоначалници од Штип, Делчево и Виница. Продолжуваме со ликовниот конкурс на кој пристигнаа над 38 литературни творби, Дишоски.

Ампева најави и  дека во текот на утрешниот ден во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип ќе имаат мултимедијална изложба, на којашто ќе можат да се видат старите машини за шиење и други предмети кое го поврзува текстилството од минатото до денес.

Битола - На Битола и треба градоначалник со искуство и да знае да менаџира посебно во развојот на локалниот економски развој, истакна Јорго Огненовски, кандидат за градоначалник на Општина Битола, поддржан од политичката партија Демократи.

Според Огненовски, во Битола е потребна брза заштита на објекти и инвестирање во нови кои ќе им користат на младите и возрасните битолчани.

-На Битола и треба градоначалник со искуство, да знае да менаџира и посебно да е посветен на врвна економија бидејќи младите заминуваат. На Битола и треба заштита на најважните објекти како што на пример е хотелот „Битола“ познат како старски дом кој пред нашите очи се распаѓа, заштита на најстарото основно училиште „Гоце Делчев“ чиј училишен двор е претворен во нелегален паркинг, а заштита е потребна и на училиштата во битолските села кои немаат основни услови за настава. Тоа се само дел од мотивите што одлучив да се кандидирам за градоначалник, истакна Огненовски.

Во изјава за медиумите, Огненовски нагласи дека доколку биде избран за градоначалник, ќе иницира законски промени за целосна слобода, децентрализација на општините.

-Како одличен градоначалник и менаџер ќе привлечам инвестиции за економско зајакнување на градот, а со промена на законските надлежности Битола ќе може самоиницијативно да гради фабрики, здравствени објекти, училишта и детски градинки без да чека милост од министерствата кои треба да дадат согласност за општинските проекти. Зголемениот степен на децентрализација ќе и овозможи на Битола како економски моќна општина сама да инвестира во сопствениот развој. Еден од предлозите за нова фабрика ќе биде изградба на фабрика за велосипеди, посочи Огненовски кој на гласачкото ливче е под реден број 29.

Охрид – Повеќе од 170 експерти, лекари, научници, пациентски организации и претставници од здравствените институции од државите од регионот и пошироко учествуваат во работата на 10. Состанок за ретки болести на Југоисточна Европа што од денеска се одржува во Охрид.

Како што беше истакнато од учесниците, состанокот е добра можност да се поразговара за најновите достигнувања во дијагностиката и терапијата, за размена на искуства и дефинирање стратегии за подобрување на квалитетот на животот на пациентите со ретки болести.

Ретките болести не се ретки, тие се ретки затоа што бараат далеку посложена некогаш и долгогодишна процедура за дијагностицирање. Тие се семејна приказна, предизвик за сите, од самиот пациент, преку неговите најблиски во семејството, се до лекарите и здравствените институции.

Од иницирањето на Програмата за ретки болести во 2009 година, се работи на справување со предизвиците што ги носат ретките болести, како дијагностички така и тераписки.

- Во таа насока во јуни успеавме да го направиме првиот нацрт-документ на Стратегијата за ретки болести, што подоцна треба да биде преточен во закон. Стратегијата е работена од Комисијата за ретки болести заедно со министерствата за здравство, за образование и наука, за труд и социјална политика, за локална самоуправа, Агенцијата за лекови и помошни медицински средства и сите засегнати здруженија на пациенти. Партнерски изработивме документ кој ќе има огромна вредност, рече Злате Стојаноски, претседателот на Комисијата за ретки болести при Министерството за здравство.

Куманово - По 25-ти пат во организација на пчеларското здружение „Пчела“ денеска се одржа манифестацијата „Денови на мед“ во Куманово, поради временските услови во занаетчискиот дом. На манифестацијата учествуваат претставници на пчеларски здруженија од Македонија. Пчеларите ја оценуваат годината како просечна.

Претставниците од здружението доделија платени на најуспешни пчелари во повеќе категории, а воедно претставници од болницата. Директорот Сашо Стошевски додели плакета на здружението на поранешниот претседател Горан Митевски за поддршката за време на пандемијата кога пчелаирте донираа мед за здравствените работници од општина болница Куманово.

Претседателот на здружението, Бобан Стошевски посака успешна медена година, надевајќи дека наскоро ќе ги постават штандовите на градскиот плоштад и куановци ќе можат да се снабдат со мед.

- Успешно и неуморно работевме на жештините, го чекавме дождот, кој пристигна денеска. „Деновите на мед“ се круна на нашата работа. И очекуваме медена 2026-та година, изјави Стошевски.

Кочани - Денска во ЦК „Бели мугри“ Кочани е отворена изложбата насловена „Креации во ноќта - уметност инспирирана од соништата“ на Друштвото на ликовни уметници од Прилеп.

Пред публиката е изложена поставка од десетина творби на уметници создадени во 2020 година, а овој настан од културата е претставен во јавноста за првпат пред две години.

-  Создавајќи уметнички дела инспирирани од своите лични соништа, уметниците, членови на ДЛУ од Прилеп, се надоврзуваат на многувековната традиција присутна на светската и домашната ликовна уметност. По спроведеното тематско истражување секој уметник со автентичен ликовен јазик ја визуелизира и отелотворува својата визија, рече Маја Ралева Миладиновски, куратор на „Креации во ноќта“ на денешното отворање на изложбата во „Бели мугри“ во Кочани.

Проектот е дел од Годишната програма на НУ ЦК „Бели мугри“ од Кочани, со финансиска подршка од Министерството за култура и туризам. Поставена е во фоајето на  приземјето на Националната установа од Кочани, каде ќе биде достапна за посетителите во наредните две недели.

Остани поврзан