• понеделник, 10 ноември 2025
МИА Општински пул

2 октомври 2025 

Дебар - По дождот, кој се уште врне во пониските делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, како и во селото Татар Елевци над градот.

Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но, се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони, поради што се препорачува внимателно возење.

-На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, потврдија за МИА, од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.

Битола - Мешаниот хор на културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ и битолскиот Камерен оркестар со познатото дело на Карл Орф, „Катули Кармина“, ќе го отворат новото издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.

Концертот ќе се одржи во салата на битолскиот театар „Благој Стефановски“, а заедно со хорот и оркестарот ќе настапт и солистите Билјана Талевска-сопран од Македонија и Саша Арсенков, тенор од Србија.

Во периодот од 2 до 10 октомври на фестивалските сцени во Битола ќе настапат уметници и од Австрија, Италија, Швајцарија и Шпанија.

Крива Паланка - Со настан во организација на ментор Лариса Жулина Митовски, професорка по музичко, во Европската куќа Крива Паланка беше одбележан 1 Октомври, Меѓународниот ден на музиката.

-Музиката е јазик што сите го разбираме, нè поврзува, инспирира и ни го прави светот поубав. По повод вчерашниот меѓународен ден на музиката, учениците од нашето училиште подготвија презентација за историјата на празникот, како и интересни факти и цитати за музиката. Се запознаа и со музичката карта за движење, која претставува одлична интерактивна алатка за учениците, бидејќи на забавен и креативен начин им овозможува да ја доживеат музиката преку движење и игра. Во рамките на настанот учениците одржаа мини - концерт, свиреа и пееја заедно, создавајќи атмосфера исполнета со радост и хармонија, информира професорката Жулина - Митовски, наставник - ментор во основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски" во Крива Паланка.

Викендов што измина, наставници од ООУ „Св.Јоаким Крчовски" учествуваа на „Едуконференција 2025" во Струга, која обедини повеќе од 350 наставници и експерти од областа на образованието и технологијата, каде имаа можност да присуствуваат на предавања од меѓународни и локални експерти за вештачка интелигенција, како и на презентации што ја нагласуваат нејзината практична примена во наставата.

Конференцијата со наслов „Unlocking AI: Innovate, Integrate, Inspire!“ беше организирана од Невладината организација „Пријатели на образованието“, со институционална поддршка од Педагошкиот факултет при Универзитетот во Тетово и други педагошки факултети од земјава.

Остани поврзан