МИА Општински пул
- МИА Општински пул
6 октомври 2025
Берово – Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска заедно со пратеникот Драган Ковачки и кандидатот за градоначалник и актуелен претседател на Советот на Општина Берово, Петар Ружински, престојуваше во посета на Берово.
Министерот го посети руинираниот објект (стара киносала) за кој Општината аплицираше на јавниот повик за капитални инвестиции.
Владата, преку Министерството за култура и туризам, обезбеди 90 милиони денари кои ќе бидат наменети за целосна реконструкција на овој простор, со цел негово ставање во функција на локалната заедница и развојот на регионот.
-Ова е доказ дека Владата поддржува проекти без разлика од која партија доаѓа градоначалникот. Ние не ги делиме на партии, туку апсолутно даваме рамномерен регионален развој и сите општини подеднакво ги поддржуваме во капиталните инвестиции, изјави министерот Љутков.
Тој додаде дека Берово претставува важен туристички потенцијал, но и општина која има сериозни можности за економски и културен развој.
-Верувам дека во иднина Берово ќе се развива сè повеќе и повеќе, а вложувањата од Владата и институциите ќе продолжат да се зголемуваат, нагласи министерот.
Љутков ја истакна и посветеноста на Владата за рамномерна распределба на средствата во сите региони во државата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните и поттикнување на локалниот развој.
Штип – Општина Штип денеска со свечена академија го одбележа Денот на учителот - 5 Октомври. Снежана Санева раководител на Сектор за образование, јавни дејности и ЛЕР истакна дека настанот е традиционален и има за цел да се покаже значењето и вредноста на наставникот во самото општество. Признанија добија најдобрите наставници и професори во штипските основни и средни училишта.
-Сакаме да одадеме признание и почит на сите наставници, кои во воспитно-образовниот процес работат одговорно, посветено и креираат нови, млади, идни генерации. Со својата работа наставниците преставуваат мотивација на учениците, но и инспирација за нивна понатамошна работа, за нивниот живот да го креираат и да креираат една своја иднина во нашата држава. Се надеваме дека во иднина образованието ќе добие уште поголем акцент во нашата заедница, бидејќи значењето за образованието во една држава е навистина огромно, изјави Санева.
Ванѓе Манева е одделенски наставник во ООУ „Тошо Арсов“- Штип. Таа го доби признаниеот наставник на годината. Манева вели задоволството за неа е големо, но огромни се и предизвиците со кои се соочуваат наставниците секојдневно.
-Предизвиците на наставникот се многубројни, секој ден имаме нови предизвици, секој час, секоја учебна година предизвиците се различни. Мојот најголем предизвик како учител преставува од секоја генерација да успеам да изградам зрели личности на нашето општество, рече Манева.
Гостивар - Независниот кандидат за градоначалник на општина Гостивар, Висар Адеми на прес-конференција го претстави програмскиот столб „Образование, вештини и зајакнување на младите“. Тој посочи дека во изборната програма фокусот е ставен на пет клучни проекти за унапредување на образованието и развојот на младите во нашата општина.
- Како градоначалник, образованието ќе биде еден од моите главни приоритети. Најквалификуваните и мотивирани директори и наставници ќе се назначуваат исклучиво врз основа на заслуги, а не на партиска припадност, рече Адеми.
Во седиштето на изборниот штаб, Висар Адеми ги наведе петте главни проекти: професионална евалуација на наставниците, креирање на платформа за развој на човечки капитал со еднакви можности за професионален и личен развој за сите млади. Како трет проект за Адеми е создавање на училишна инфраструктура со модерни училници и напредни обуки за наставниците, а како четврт проект е трансформирано образование, кое ќе содржи иновативни и интерактивни методи за критичко размислување и практични вештини. Како многу важен, независниот кандидат Висар Адеми го посочи проектот за целодневно учење со простор за идеи, проекти и донесување одлуки.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро денеска се наоѓа на котата 693,18 метри надморска височина, што е за 13 сантиметри под просекот за овој период од годината (693,31 м.н.в).
Студениот бран и ветровитото време придонесе и за пад на температурата на водата која сега изнесува 17 степени Целзиусови, речиси идентично на просекот за октомври што изнесува 16,7 степени Целзиусови.
Вевчани - Поради приклучок на вториот дел од кабелот на трасата Суво поле - Вевчани утре без напојување со електрична енергија ќе бидат селата Вевчани, Октиси и Горна Белица.
Прекинот, како што соопшти градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, ќе биде во периодот од 9 часот до 14 часот и 30 минути.
Штип - Општина Штип распиша Конкурс за доделување на признанието „8 Ноември“ за 2025 година, кое традиционално се доделува како знак на признание за исклучителни достигнувања и придонес во развојот и афирмацијата на градот, се вели во денешното соопштение од Општина Штип.
Во него се објаснуваат условите за учество на Конкурсот, во кои се објаснува кој сè може да поднесе предлог и под кои услови.
- Признанието е наменето за физички и правни лица од Штип и пошироко, кои во текот на изминатата година придонеле за напредок на општествениот живот во различни области – како што се стопанството, науката, културата, спортот, уметноста, хуманоста и други. Секој предлог треба да биде соодветно образложен и придружен со кратка биографија на кандидатот, како и со целосни податоци за предлагачот, се вели во писменото соопштение од Општина Штип.
Конкурсот трае 15 дена од денот на објавувањето. Предлозите се доставуваат до Комисијата за доделување на награди при Општина Штип, на ул. „Васил Главинов“ бб, или во архивата на Општина Штип.