• четврток, 28 март 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

20 март 2023

Кочани – Општина Кочани ќе им додели едногодишни стипендии на двајца млади и надежни спортисти во машка и женска конкуренција, кои имале забележителни спортски резултати и достигнувања во текот на 2022 година.

Jавниот повик за пријавување на кандидатите веќе тече и можат да учествуваат спортисти кои се жители на општина Кочани и се на возраст од 17 до 20 години. Услов е да членуваат во спортски клуб, друштво или асоцијација која е регистрирана во Агенцијата за млади и спорт со решение за вршење спортска дејност.

-Кандидатите треба да се членови на национални спортски федерации, спортисти во индивидуални и во екипни спортови, учесници на национални или на меѓународни систем натпревари во борење, велосипедизам, гимнастика, карате, кошарка, скијање, тенис, триатлон, фудбал, шах и уште триесетина други дисциплини. Месечниот износ на стипендијата е три илјади денари и ќе доделува во периодот од март до декември. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Кочани, а исто лице не може да добие стипендија во две последователни календарски години, освен ако е поднесена само една прифатлива пријава за стипендирање, истакнуваат од Секторот за општи, правни и јавни дејности на Општина Кочани.

Тетово - Од СВР Тетово информираат дека со оглед на интензивните активности  за справување со употребата и продажба на дрога на подрачјето, па во изминатите два и пол месеци од оваа година регистрирани се вкупно 80 лица кои биле лишени од слобода и на кои по расчистување и документирање на случаите изготвени им се соодветни поднесоци.
-Во овој период во педесетина случаи евидентирани на тетовските простори регистрирани се вкупно 80 лица кои биле лишени од слобода и на кои по расчистување и документирање на случаите  изготвени им се соодветни поднесоци за кривично дело „неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, но и за „овозможување употреба на наркотични дроги“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
 
Куманово - Пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ, Бране Петрушевски, обвини дека во Здравствен дом Куманово на распишаниот оглас за вработување на медицински сестри вработени се само партиски кадри на ДУИ. Директорот на Здравствен дом, Фарук Алили, вели дека информацијата не е точна и дека вработувањата оделе преку Министерството за здравство и дека тој не можел да влијае врз оценките и знаењата на сестрите. Здравствениот дом неодамна распишал оглас за вработување на десет сестри на неопределено.

-Локалните СДС и ДУИ се договориле шест вработувања да бидат нови од ДУИ, а четири од СДС, кои веќе четири години работеле таму по договор. Директорот, поставен од ДУИ си ги вработува сите десет од ДУИ, според мои извори, со поделени десет веќе решени тестови на тестирање, затоа што сметал дека сите десет вработени треба да се Албанки. По овој настан, претседателот на ОО на СДС, Тушевски доблесно си дал оставка, а пратеникот Костовски се крие и никаде го нема. Сега нови и неискусни медицински сестри ќе ги вакцинираат децата и ќе вршат домашна посета, додека искусните ќе седат дома без работа, само затоа што не се од ДУИ, напиша пратеникот Петрушевски.

Штип - Најважно за мене е да донесеме закон за работни односи кој ќе биде јасен за секого. Во постоечкиот закон имаме такви одредби кои создаваат големи проблеми при имплементацијата. Се случува секој правник кога ќе го прочита, различно да го толкува, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров. 

Според него, треба уште да се дебатира за законот и добро е тоа што првичните идеи да се донесе тој до мај или до јуни се откажани. 

-Мора да ја пофалам одлуката на министерката на претпоследната седница на Економско-социјалниот совет кога рече сега не треба да брзаме. Значи, првичните идеи дека треба да се донесе законот до мај или до јуни се откажани и добро е да имаме уште некоја расправа, па Комисијата која работеше на законот после овие јавни расправи пак да се состане, да ги види сите забелешки и до крајот на годината, ако се донесе законот тоа ќе биде добро, вели Димитров.

Велес - Крајбрежјето на велешко езеро „Младост“ по викендот е преполно со ѓубре. Овој рекреативен центар освен од велешани за викендите е посетен и од гости од земјава, но и од странство, односно од Швајцарија, Франција, Србија и други земји.

Од ЈКП„Дервен“ апелираат до посетителите сметот да го фрлаат во корпите за отпадоци, а ако нема место во нив тогаш во контејнерите поставени на неколку места покрај езерото „Младост“.

Во разговорот за МИА, посетителите  се жалат дека има малку  корпи за отпадоци,  и дека истите два дена  за време на викенд не се чистат, туку се чека понеделник за да бидат испразнети.

Ана Стојанова за МИА вели дека ЈКП„Дервен“ треба да имаат дежурна екипа која и по два пати дневно за време на викендот ќе го отстранува сметот.

Прилеп - Прилеп сака да се задолжи со 5 милиони евра преку издавање општински обврзници. Во големата сала од локалната самоуправа денеска се спроведе јавна расправа на која градските власти понудија четири капитални проекти, три од инфраструктурата и еден за производство на елекрична енергија преку обновливи извори, со поставување фотоволтаици на училиштата.

Бранко Нешкоски, раководител на секторот урбанизам вели дека урбанистичките проекти се за развојот на градот, а производството на електрична енергија налагаат светските економски текови.

-Четирите проекти се капитални: кружен тек во градот во месноста Табана, целокупна инфраструктура  на улицата „Победа“ кај Типската населба, инфраструктурно уредување на влезот Прилеп- Македонски Брод и поставување фотоволтаични панели на сите основни и средни училишта. Првите три инфраструктурни проекти го означуваат развојот на Прилеп и граѓаните ќе добијат подобра инфраструктурна комуникација, а со фотоволтаичните панели, во склад со условите кои ги наметнува светското стопанство, обезбедуваме производство на електрична енергија и искористување на обновливите извори на енергија, рече Нешкоски.

Штип - Нашата земја нема инфраструктура за да увезе странски работници, а работодавците не размислуваа и не ги слушаа нашите совети кога ги бркаа работниците за време на корона кризата, кои се иселија во земјите во ЕУ, вели Кристина Ампева од Гласен Текстилец-Штип, откако претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров во интервју за МИА откри дека неколку Агенции нудат странски работници на македонските компании.

-За време на пандемијата полесно им беше да ги отпуштаат колективно  работниците, ова важи апсолутно за сите. Значи не само во текстилната индустрија и во останатите, но во текстилната особено кога беа отпуштани жени кои користеа мерки или беа дома. Сега нема работници и ќе увезуваме од Непал, вели Ампева.

Остани поврзан