• среда, 29 ноември 2023

МИА Општински пул

МИА Општински пул

28 септември 2023

Скопје - Реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје е веќе отпочната, но наиде на пречки со проектната документација во јули 2021 година, истакна на денешната прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсова. Токму поради овие пречки, додаде таа, се вклучи и  Министерството за култура.

- И оваа постапка како што е во својата фаза во последниот квартал на извршување Министерството треба само да го доврши и понатаму да отпочне новата постапка која што е за средување на внатрешноста на самиот објект. Така што, ова е отпочнат проект, само продолжува со својата реализација и во рамки на динамиката која што беше претходно утврдена верувам дека навреме ќе биде завршен, вели Арсовска.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека кога ќе ја добијат целосната документација и одлука од Град Скопје на неа ќе работи тим, којшто  веќе е формиран  од Одделот за капитални инвестиции и надворешни соработници.

Кавадарци - Денеска и утре по вторпат за оваа година ќе се врши дератизација во градот Кавадарци, планирано е да бидат третирани со мамци над 1.000 шахти од фекалната и атмосферска канализација, информираат од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

 - Во меѓувреме беше извршена и дезинсекција на просторот околу згради на улицата „Илинденска“, каде што имаше наезда на болви. Изведувач е Центар за јавно здравје Скопје, велат од кабинетот на градоначалникот. 

Оттаму нагласуваат дека ова се само дел од редовните активности на локалната самоуправа, што имаат за цел подобар живот во општината. 

Куманово - Недостигаат негувателки во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ - Куманово, информираа денеска надлежните од установата. Од домот кажаа дека побарале одобрување за вработување од Советот на општината, кое претходно е одобрено од ресорното министерство. Од институцијата очекуваат да се надмине проблемот со вработување во интерес на корисниците, старите и немоќните лица од Куманово и државата.

- Дефинитивно имаме потреба, бидејќи сме надвор од норматив пропишан од МТСП како институција. За годинава имаме една согласност од ресорното министерство кое претходно е поминато на Совет, но е на определно време, значи до 31 декември годинава. Тоа не е решение за нашите проблеми, бидејќи како институција мора да ги исполниме пропишаните нормативи и воедно оние кои се вработени треба да имаат сигурност, изјави директорот на установата Дејан Стојановски.

Ресен - Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски и Рејмонд Шембри, градоначалник на Општина Дингли од Малта, потпишаа меморандум за соработка.

Со потпишаниот меморандим се отвора постапка за збратимување меѓу двете општини, истакна градоначалникот на Ресен, Тозиевски.

- Со чинот на потпишување на документот се отвораат нови можности за соработка, а со договорот за збратимување ќе се продлабочи меѓуопштинската соработка во различни полиња од надлежност на локалната самоуправа, посочи Тозиевски.

Делегација на Општината Дингли од Малта на покана на Општина Ресен учествува на годинешните манифестации „Преспански јаболкобер“.

Гостивар – Со едногодишен проект што ќе го спроведуваат членови на две спелеолошки и истражувачки друштва предвидена е заштита и истражување на најголемата пештера во гостиварскиот крај „Убавица“.

На денешната работилница, беа презентирани дел активностите кои се предвидени со проектот „Заштита и мониторинг на пештерата Ѓоновица – идно НАТУРА 2000 подрачје“ кој ќе трае до јули 2024 година.

Меѓу поважните, е поставување на врата на влезот на пештерата според европските стандарди за заштита на лилјаците и од оштетувањата на пештерските украси од неодговорни посетители. Оваа фаза треба да се реализира во октомври.

Штип - Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ ја одржува јубилејната 10. Меѓународна научна конференција, на којашто присуствуваат и своите научни трудови ги презентираат професори од земјава и од странство.

Универзитетскиот професор, Милица Шутиновска која е член на Организациониот одбор на научната конференција вели дека интересот за учество се зголемува секоја година, а оваа година имаат вкупно пет секции. На научната конференција универзитетските професори ги пренесуваат и искуствата за давање на бесплатна правна помош. Шутиновска истакна дека Правната клиника на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип е регистрирана во 2019 година и според извештаите успешно функционира.

-Да напоменам дека ние како примарни даватели на правна помош имаме право да дадеме иницијален совет, мислење доколку имаат потреба од застапување на адвокат во тој случај врз основа на регистрите од Министерството за правда ги подготвуваме документите и ги испраќаме странките кај адвокатите. Од друга страна студентите се она што го слушаат теоретски како дел од Правната клиника да следат клиничка настава и да работат на предметите, вели Шутиновска.

Штип - Франција со позитивен став гледа кон интеграцијата на вашата држава, вели универзитетската професорка на Правникот факултет во Тулуз, Кристин Ле Паб  која предава историја на право, меѓудржавни и политички односи, а денеска беше дел од десеттата, Меѓународна научна конференција на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.  

-Ректорот на нашиот Универзитет, би сакал, како еден прв чекор во таа интеграција да ги доближи македонските универзитети во соработка со нашиот Универзитет и Универзитетите во Франција, вели Ле Паб.

Во врска со прашањето  кога ЕУ ќе ги отвори вратите за проширување, Ле Паб  со оптимизам вели дека се надеваат најскоро, колку што е возможно. Забележува дека Европската унија дава насоки на нашата земја за усогласување на законодавството со ЕУ. Тоа го прави чекор по чекор.

-Ние сакаме Македонија да стане дел од ЕУ, но притоа и да си ја задржи сопствената бит, односно сопствената убавина и традиција, вели Ле Паб.

Дебар - Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, во присуство на голем број верници ја одбележа втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен крст Господов – Крстовден.

Во манастирот беа присутни и митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил и епископот Дремвицки г. Давид.

- Исклучителен благослов за годинешнава слава на оваа Свештена Обител на славниот Великомаченик е присуството на нашиот драг и возљубен во Христа брат и сослужител, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Светиот Имвроски, пожртвуван и трудољубив работник на Господа и докажан пријател и спомагател на нашата Црква, ни доаѓа за празникот на Чесниот Крст од една распната Црква, но која постојано го навестува и го живее Воскресението.

Тетово – Хрватскиот книжевен критичар, публицист и новинар Никола Гамилец утре гостува во Тетово, на настан насловен „Разговори“ чија цел е разговори за современата хрватска книжевност, информираат организаторите од Македонско-хрватското друштво (МХД). Настанот е отворен за јавноста и ќе се одржи во хотелот „Лирак“ со почеток во 19 часот.

Организираме гостување на публицистот и новинар Никола Гамилец, чија задача ќе биде во едночасовен настан да ја приближи оваа не толку актуелна и популарна тема, преку ретроспективен „пресек“, испратен со бројни прашања и дилеми, но и со одговори и нови перспективи. Гамилец има студирано додипломски, постдипломски и докторски студии на Универзитетот во Загреб. Професионално се има усовршувано на BBC и IWPR Институтот во Лондон. Бил директор и главен уредник на печатени медиуми, радија и телевизии. Бил професор на Универзитетот во Загреб, на Американскиот универзитет во Дубровник и на Карловиот универзитет во Прага. Има објавено повеќе од 500 стручни трудови, анализи на хрватски, чести и англиски јазик. Последните години уредува, рецензира и пишува предговори и книжевни критики на новите изданија на современата хрватска книжевност како и на книги од подрачјето на Југославија, информира Марко Видачек, секретар во МХД.

Кавадарци - Општина Кавадарци е единствена општина во Република Македонија која изминатата година постави фотонапонски панели на сите јавни општински објекти со вкупна инсталирана моќ од 19,2 киловати на час, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

Оттаму споделија и фотографии, на кои, како што рекоа,  може да се забележи моќноста од фотоволтаиците, моменталната моќност на потрошувачи и моќност кон/ од мрежа за секој објект.

 - И секако, еден приказ дека општинските објекти сами обезбедуваат вкупно 99 проценти од електричната енергија. Во Кавадарци реализацијата на ваквиот иновативен проект придонесе за заштита на животната средина, подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, напредок во образованието, бидејќи овие панели работат на користење на обновливи извори на енергија, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Охрид - Општина Дебрца почна со реализација на еден од најкапиталните инфраструктурни проекти, за реконструкција на улица во село Волино.

Проектот предвидува целосна реконструкција на улицата од центарот на селото до мостот на каналот на река Сатеска во правец кон селото Требеништа, од центарот до мостот во правец на село Мешеишта, сето во вкупна должина од 1394 метри, потоа реконструкција на плоштадот во селото и изградба на два паркинг простори.

Градежните зафати предвидуваат отстранување на постоечкиот асфалт, тампонирање и асфалтирање 8.600 метри квадратни, изградба на тротоари во должина од 1130 метри, поставување атмосферска канализација во должина од 475 метри, изградба на бетонски канал долг 248 метри, поставување оптички кабел, каблирање и поставување во земја нисконапонска електрична мрежа, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и ново улично осветлување со вкупно 73 шестметарски и шест осумметарски столбови со лед светилки.

Берово  - Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски и претставници од Територијалната противпожарна единица од оваа општина се во работна посета на Република Словенија. Во рамки на посетата остварена е средба со градоначалникот на општина Нова Горица, а на покана на доброволното противпожарно друштво „Нова Горица", беровските пожарникари учествуваат во обуката за основни тактички постапки за гаснење на пожари, во затворен простор.

Остани поврзан