• сабота, 20 април 2024
МИА Општински пул

7 јуни 2023

Скопје - Од АМСМ информираа дека сообраќајот на магистралниот пат Градско - Прилеп, кај хотел Дреново, е во прекин, поради одржување јавен собир.

Скопје - Поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа утре од 9 до 13 часот без електрична енергија ќе останат дел од корисниците на Осло, од страната кон Реплек, во општина Карпош. 

Од Регионалниот центар за управување со кризи- Град Скопје најавија дека утре од 9 до 14 часот ќе немаат струја и корисниците од селата Малино, Бродец, Побожје, Танушевци и  Брест во општина Чучер Сандево, како и дел од село Љубанци во општина Бутел.

Струмица - Полицијата вчера уапси две лица од Струмица откако биле затекнати како со други лица вршат неовластено разменување парични средства.

Како што соопштија од СВР Струмица, од слобода се лишени М.А. (66) и М.Д.(67) од Струмица. Кај првиот полицијата пронашла и одзела различни валути во вкупна вредност од околу еден милион денари, а кај вториот околу 110.000 денари.

Од полицијата иноформираат дека по целосно документирање на случајот против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави заради сомнение за сторено кривично дело „неовластено продавање, купување готовински странски платежни средства и чекови“ по член 55 од Законот за девизно работење.

 Скопје - Новиот проект „Отворен Кабинет“ на Министерството за внатрешни работи, во рамки на утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, кој веќе започна со реализација на 5 јуни во просториите на СВР Штип, продолжува на 15 јуни во ОВР Струга. 

- Ако имате прашање за министерот, идеја која сметате дека ќе ја подобри безбедноста, предлог за подобрување на севкупното работење на полицијата, а притоа досега не сте имале можност да ја презентирате во неговиот Кабинет во Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот Спасовски на еден ден ќе дојде кај вас – во Секторот за внатрешни работи кој го покрива подрачјето каде што живеете, информираа денеска од МВР.

Скопје - Град Скопје ги известува граѓаните дека денеска и утре (среда и четврток), во раните утрински часови ќе се реализира втората фаза од авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против возрасни форми на комарци.

Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин. Од Град Скопје ги известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

Скопје - Во Скопје вчера во 16:00 часот на ул.„Васил Ѓоргов“ полициски службеници од Полициската станица Центар лишиле од слобода малолетник од Скопје.

Како што соопштија денеска од МВР, тој бил затекнат при извршување тешка кражба во куќа на оваа улица. Малолетникот бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Скопје - Во Општина Чаир денеска ќе биде промовиран парк „Украина“.

На настанот, како што најавуваат од општината, ќе присуствуваат амбасадорката на Украина во Северна Македонија Лариса Дир и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.

Скопје - Во соработка со Амбасадата на Република Словенија во Скопје, денеска и утре, од 10 до 17 часот ќе бидат претставени словенечките работодавачи во Скопје и во Битола.

На двата настана кои се наречени „Вработување и живеење во Словенија“ - македонските баратели на работи ќе имаат можност да се поврзат и директно да се запознаат со словенечки работодавачи од различни дејности и региони на Словенија. Работодавачите што ќе учествуваат се од областите на здравствената и социјалната заштита, производството, транспортот и логистиката, градежништвото, угостителството и туризмот итн. и тие заедно вработуваат над 13 000 работници.

Главната намена на настаните е да ги претстави тековните потреби на работодавачите, при тоа на странските баратели на работа да им обезбеди веродостојни информации за условите за работа и живот во Словенија.

Скопје - Продолжува јакнењето на капацитетите на Народната банка и финансиските регулатори (Министерство за финансии, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на осигурувањето и Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување) во полето на финансиска едукација, преку соработка со еминентни финансиски институции.

Од Народната банка денеска соопштија дека започнува втората фаза на Проектот за финансиска писменост на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и нејзината Меѓународна мрежа за финансиска едукација (ИНФЕ), спроведен со финансиска поддршка на Министерството за финансии на Холандија и неговата Money Wise платформа, што ќе се одвива во следниот петгодишен период, од 2023-2027 година.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан