
29 септември 2023
Охрид – Согласно одлуката за дополнување и изменување на одлуката за утврдување на цени за користење на паркинг простори на Општина Охрид, од 1 октомври цената на паркирањето возила низ Охрид ќе изнесува 30 денари за час.
Таа цена ќе важи за сите зони низ градот за сите паркиралишта со кои стопанисува Јавното претпријатие „Билјанини извори“, вклучувајќи ја и премиум-зоната во центарот на градот каде во летниот период чес паркирање се наплаќаше по сто денари.
Новата цена на паркирањето ќе биде на сила до 1 март наредната година.
Штип - Пораки за чиста животна средина, транспаренти со содржина да не се фрлаат отпадоци по улиците и со надеж дека возрасните ќе ги следат стапките на децата. Учениците од основните училишта во Штип денеска се вклучија во акцијата за подигање на свеста кај граѓаните со цел да живееме во средина без ѓубре и отпадоци.
-Денес со децата од второ одделение од ООУ „Ванчо Прке“ Штип се собравме да покажеме како треба да ја чуваме нашата планета, да не фралем смет уште од мали нозе да се навикнуваат на таков ред, рече наставничката во ООУ ,,Ванчо Прќе", Весна Ничева.
Со соодветна манифестација настапија и децата од ООУ „Димитар Влахов“. Еден дел од учениците чистеа пред и околу училиштето. Учениците од останатите општински основни училишта во Штип поделија пораки на слуучајни минувачи со цел да проработи свеста кај граѓаните.
Во акцијата се вклучија и општествено одговорни компани кои и поделија подароци на учениците. Ваква акција претходно спроведоа двете детски градинки во Штип.
Кавадарци - Во Кавадарци се градат шест апартмани од социјален карактер. Во завршна фаза е проектот за реконструкција и пренамена на постојан објект на улицата „7 Септември", информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
- Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува 6.322,282,77 денари со вклучен ддв од кои 3.376.361,00 денари се обезбедени од Биро за регионален развој и учество на Општина Кавадарци со износ од 2.945.921,77 денари, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Изведувач на работите е фирмата ,,Градба промет" од Кавадарци.
Kрива Паланка - Постигнавме намалување на криминалитетот за 29 отсто и зголемување на откривачката функција околу шверцот со дрога за 33 проценти, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по денешната посетата на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка остварена во рамки на серијата посети со проектот „Отворен кабинет“.
Со овој проект се опфатени сите Сектори за внатрешни работи, вклучувајќи ги и Одделенијата за внатрешни работи низ државата.
Спасовски оствари и средби со граѓаните во ОВР Крива Паланка при СВР Куманово, како дел од веќе утврдениот концепт „МВР за граѓаните“.
Целта на ваквите средби, нагласи Спасовски, е да се слушнат мислењата и идеите на граѓаните како полицијата да придонесе за уште поголем спокој на секој поединец, за уште поголема безбедност на заедницат, нагласувајќи ја можноста во текот на овие посети да се запознае поконкретно со реализираните активности и постигнатите резултати во тековната година, но и да се зацртаат целите за следниот период.
Неготино - Линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, минималната пензија да изнесува 18 илјади денари, нова методологија за пресметување на пензиите, беше побарано денеска од средбата на пензионери од повеќе општини, претставници на иницијативните одбори, кои, како што се нагласи, се залагаат за повисок стандард и помирен живот. Средбата се одржа во Неготино.
- Недозволиво е зголемување на пензиите од 6.8 проценти. Не отстапуваме од нашите барања по никоја цена, беше нагласено на средбата.
На состанокот беа искажани и размислувања за блокирање на патишта, за да се сврти вниманието на јавноста, кон проблемите со кои се соочуваат пензионерите, со цел нивно решавање. Беше договорено да се побара прием кај премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски, за со нив да се поразговара за проблемите на пензионерите.
На денешната средба беше договорено да се направи основачко собрание и да се официјализира оваа иницијатива ,,Пензионери за достоен живот", со свои тела и органи. За раководно лице, претседател, беше избран Драган Угриновски.
Штип - Отворена е ликовна изложба на реномираниот ликовен уметник и професор на Универзитетот ,,Гоце Делчев - Штип, Никола Смилков во Посавски музеј во Брежице Република Словенија.
На ликовната изложба под наслов „Поглед во небо'' се изложени 30 дела низ кои е претставена фигурација во мермер и бронза.
Смилков вели изложбата ја отвори директорката на музејот Аленка Чернелич Крошељ и историчарот на уметност Маруша Ерпич.
Организатор на изложбата е Никола Франич. Покровител на изложбата е Министерсво за култура на Република Словенија, Посавски музеј, Општина Брежице, Галерија 46 и Универзитетот „Гоце Делчев". Изложбата ќе трае до 25 ноември.
Куманово - Кумановскиот музеј организира повеќе работилници со најмладите во текот на неделата посвета на Европските денови на културно наследство, информираа денеска надлежните. Тема на овогодишното издание на Европските денови на културно наследство е „Живо наследство“.
Манифестацијата се одбележува со неколку настани кои се реализираат во Меморијалниот центар Пелинце и постојаната музејска поставка и наменети се претежно за ученици.
- Национална установа Музеј Куманово и оваа година како и претходните активно се вклучи во одбележување на Европските денови на културно наследство кои претставуваат најшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Во Меморијалниот центар АСНОМ Пелинце, беше презентирана музејска детска читанка за создавањето на македонската држава и зачувување на мајчиниот јазик, изјави в.д. директорката на установата, Марија Миљуш Божурска.
Во просториите на постојана музејска поставка се организираше забавно-едукативна квиз игра наречена „Археосфера-М“ каде што се натпреваруваа седмоодделенци од четири основни училишта во градот. Таму беа прикажани и етнолошки филмови „Голубарот“, „Мека душа за тврдо железо“ и „Таму некаде горе во планината“ пред гимназијалците од „Гоце Делчев“ од Куманово.
Оваа манифестација ќе биде затворена со работилница за деца од ОУ „11 ти Октомври“ под наслов, „Си беше еднаш …“, која ќе се реализира во постојана музејска поставка.а
Скопје - Во средното училиште на Град Скопје „Марија Кири Склодовска”, започна обновување на водоводната и канализациона мрежа, како и реконструкција на спортската сала, со цел овозможување подобрени услови за средношколците и подобри услови за одржување на часовите по физичко воспитување.
-Старата и небезбедна водоводна и канализациона мрежа после пет денеции е заменета со нова. Исто така, поради зголемениот број на паралелки во новата учебна година адаптирани се и две дополнителни училници, информираат од Град Скопје.
Градот Скопје во континуитет вложува во образованието за подобри услови и непречена реализација на наставата.
Скопје - Во Скопје утре ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим со почеток од 15.00 часот, поради одржување на велосипедска трка „Куп на град Скопје 2023“.
Трасата на движење, информираа од МВР, ќе започне на ул.„Димитрије Чуповски“ кај „Порта Македонија“, право по ул.„11 Октомври“ кон зградата на Собрание на Република Северна Македонија до крстосницата со ул.„Филип Втори Македонски“, па лево по ул.„Филип Втори Македонски“ до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до „Порта Македонија“, каде се продолжува право по ул.„Димитрие Чуповски“ сѐ до крстосницата со ул.„Даме Груев“ кај ТЦ„Палома Бјанка“ и назад по ул.„Димитрие Чуповски“ сѐ до стартно/целната позиција.
- Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува кон околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката, соопштија од МВР.
Скопје - Жичарницата на Водно од недела ќе работи од 10 до 18 часот. Притоа, од 17 до 17.30 часот ќе биде последно возење од доле-нагоре, односно во 17.45 часот ќе биде последно возење од горе-надоле, соопштија денеска од Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје.
- Посоченото работно време е согласно одлуката за работно време на објектот за месеците октомври и април. Секој понеделник и секој последен вторник во месецот, Жичарницата не работи поради редовни сервиси, се истакнува во соопштението.
Линијата „25“, Транспортен Центар - Средно Водно, од недела ќе сообраќа по есенски режим на работа.