• вторник, 15 јули 2025
МИА Општински пул

19 јуни 2025 

Штип - Пријавување за прием на средношколци во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип за учебната 2025-2026 година почнува од 25 јуни и ќе трае до 10 јули, најави денеска директорката на Државниот студентски дом (ДСД) „Браќа Миладиновци“ Гордана Барбашка.

Таа информира дека  располагаат со 236 легла, а Конкурсот за студенти е во август. Барбашка упати апел до учениците, кои ќе го продолжат своето средно образование во некое од училиштата во Штип, а се од друг град да се пријават на самиот конкурс.

Тетово - Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ на денешната прес-конференција побараа да не се усвојува предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и „Вреди“ затоа што, како што рекоа, значително го зголемува бројот на потребни потписи за учество на избори и ја затвора вратата за независните кандидати во многу општини.

Тие сметаат дека наместо да се натпреваруваат со нови идеи за подобрување на животот на граѓаните, политички партии повторно интервенираат во Изборниот законик за да го отежнат учеството на независните кандидати на избори.

Скопје - По седум години денеска повторно беше отворен комплексот „Македонско село“ кој се наоѓа на Водно во близина на Нерези. Нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“ чија понуда беше избрана за најповолна на јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи.

На отворањето беше присутен премиерот Христијан Мицкоски кој посочи дека комплексот ќе придонесе во развојот на туризмот и истакна дека државата бележи раст од 20 отсто споредбено со истиот период минатата година.  – Ги повикувам сите оние кои што не го посетиле „Македонско село“, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект. И се разбира, во периодот кој што следи, да се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите. Туризмот, како што знаете, веќе го коментиравме на почетокот на годината, бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20 отсто споредено со истиот период од минатата година, посочи Мицкоски.

Струга - Со изведувањето на завршните зборови на преставниците на Основното јавно обвинителство и на застапникот на одбраната денеска пред Основниот суд во Струга заврши судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко, кој е обвинет за незаконско назначување директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Јавните обвинители Ванеса Бизати Билјали и Џемал Лога во завршните зборови посочија дека обвинетиот во својство на градоначалник несомнено во повеќе наврати постапил спротивно позитивните законски прописи и овластувања, со именување на функцијата вршител директор на лица кои не ги исполнувале условите. Мерко според нив, назначувал в.д. директори без одлука на училишните одбори, без објавен оглас, несовесно постапувал и при употребата на неговите дискрециони овластувања како градоначалник, со што бил нарушен, меѓу другото, и процесот на функционирање на образовните установи.

Велес - Од денеска до  24 јуни низводно Вардар плови јубилејната 25 меѓународна Вардарска регата „Гемиџии 2025“, а втора година по ред од Велес се’ до Солун. На регатата која заплови утрово од под Мало Мовче на Вардар во Велес со собир на учесниците и организаторите од Општина Велес, тие по традиција се поклонија и положија свежо цвеќе на Споменикот во чест на Гемиџиите кај Вардар во Велес, а потоа и со фрлен  венец по Вардар.

На годинашната регата се вклучени околу 60-тина  учесници, најголем дел од  Велес, како и гости - учесници од повеќе земји, информира за МИА, Ангелче Гушев старешина на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, организатор на регатата со поддршка на Општина Велес и фирми спонзори. Тој појасни дека изминатиот месец имале интензивни поправки на препарирање на пловните објекти. Денеска запловија со десет гумени чамци, но големата дрвената Гемија и годинава не може да плови поради преминот кон Грција.

Скопје - Интензивно се работи на реконструкцијата на патот кој води кон Пеленица – една од фреквентните, но со децении запоставувани патни делници во овој дел на Скопје. По речиси три децении чекање, овој потег конечно ќе добие безбеден, функционален и достоен сообраќаен пристап за жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места.

Изградбата се одвива на потегот од „Јустинијан Први“ до границата со Општина Студеничани, на делница долга 3.370 метри. Патот се проширува на ширина од околу 6 метри, а за првпат се воведува и тротоар од едната страна, што досега никогаш не постоел на оваа рута. Со тоа, покрај возачите, и пешаците добиваат безбедност, што претставува особено важно подобрување за целокупната мобилност во овој дел од општината.

Струга – Дирекцијата за заштита и спасување сооопшти дека при изведба на градежни работи во близина кампот „Рино“ на западниот брег на Охридското Езеро кај селото Калишта е пронајдена стара неексплодирана артилериска граната.

Пронајдената артилериска граната со калибар 105 милиметри датира од Првата светска војна, а била откриена во двор меѓу изградени куќи. Истата безбедно е подигната од пиротехничар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и транспортирана до место за складирање, по што ќе биде уништена.

Кавадарци - Кавадарци денеска одбележа 112 години од Тиквешкото востание, свежо цвеќе беше положено пред споменикот во паркот Полана. Марија Михова, кустос историчар во Музеј галеријата, одржа историски час. Таа потсети дека станува збор за прв, организиран, масовен и вооружен протест на населението од Тиквешијата, првото востание кренато десет години по Илинденското востание. 

- Востанието било кренато против тогашната нововоспоставена српска власт, што ја окупирала Вардарска Македонија, по повлекувањето на турските сили после Првата Балканска војна од 1912 година, истакна Михова.

Кавадарци - Кавадарчанец при реновирање во ѕидот од домот пронашол 18 парчиња стар експлозив и две парчиња стар фитил, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес. 

- Синоќа во 20:40 часот во ОВР - Кавадарци, Н.М., на возраст од 39 години од овој град, пријави дека при реновирање во неговиот дом, во внатрешноста на ѕидот пронашол 18 парчиња стар експлозив и две парчиња стар фитил. Пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување безбедно ги подигнал предметите, а увид на местото изврши увидна екипа на ОВР - Кавадарци, соопштија од СВР - Велес.

Охрид - Библиотеките „Григор Прличев“ од Охрид и Градската библиотека од Нашице – Република Хрватска ќе потпишат Протокол за соработка. Документот што ќе биде потпишан утре предвидува соработка во подобрување на научните, стручните, образовните, издавачките и културните активности во рамките на спроведувањето на работните програми на двете институции. Како можни форми на соработка во иднина се посочени размена на знаења и искуства, размена на публикации и други материјали, заедничко користење човечки и технички ресурси и заедничка организација на научни и стручни програми, проекти од други меѓународни фондови, како и промотивни активности.

По потпишувањето на протоколот во просториите на Градската библиотка во Охрид ќе следува и промоција на книгата „Македонија така далечна, а така блиска“ од авторот Драгољуб Сиљаноски, преку кого се реализира идејата за  збратимување на двете библиотеки. Промоцијата е поддржана од Хрватско – македонската заедница во Охрид, а изданието е печатено со финансиска поддршка на Советот за националните малцинства на Република Хрватска.

Битола - Новата учебна година во Битола ќе ја почнат 529 првачиња и тоа е за 238 првачиња помалку затоа што лани беа запишани 767 првоодделенци. Најмалку првачиња запишани се во основните училишта „Александар Турунџев“ и „Св. Кирил и Методиј“ каде во училишните клупи ќе седнат 10 во Кукуречани и 24 деца во Битола, а најмногу првачиња, вкупно 94 запишани се во општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“.

Од секторот за образование на Општина Битола за МИА потврдија дека во сите основни училишта има помал број на првачиња и според евиденцијата во ООУ „Ѓорги Сугарев“ ќе учат 30 првачиња, во ООУ „Трифун Пановски“ запишани се 37, во ООУ „Коле Канински“ запишани се 43, а во ООУ „Гоце Делчев“ се запишаа 45 првачиња. Само 30 првачиња ќе учат и во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во селото Бистрица.

 

Остани поврзан