• вторник, 23 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

8 јуни 2023

Охрид - Охридската библиотека „Григор Прличев“ од понеделник ќе работи во една смена, односно од 8 часот и 30 минути, до 16 часот и 30 минути.

Летното работно време, како што соопшти Библиотеката, ќе трае до 4 септември.

- Одделот за зајмување книги од понеделник до петок ќе биде отворен во терминот од 08:30 до 16 часот. Како и досега и летово читателите слободно ќе можат да влезат и да одбираат книги од полиците и да побараат помош од библиотекарите, стои во информацијата.

Читалната во одделот за издавање, како што е наведено, ќе биде отворена од понеделник до петок од 9 часот и 30 минути до 14 часот, а читалната за дневен печат и периодика во „Прличевата одаја“ со читатели ќе работи од 9 до 15 часот. Читалните ќе можат да ги користат само зачленети читатели.

Библиотеката информира дека во текот на летото во одделението за издавање книги ќе можат да се зачленат и лица, кои ќе имаат подолг престој и одмор во Охрид.

Годишната членарина останува иста, за возрасни е 300, а за деца 200 денари. 

Битола - Во Битола пристигнаа 120 натпреварувачи од Србија, Албанија, Ерменија, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија и Северна Македонија кои ќе учествуваат на 5. Меѓународен напревар за пијано, „Пијанофест“.

„Пијанофест“ ќе почне со концерт кој вечер ќе го изведат ланскиот кауреат Лара Ајбајтер заедно со Маргарита Вујовиќ и Анастасија Холц, сопран, сите од Србија, а натпреварувачката програма ќе се одвива од 9 до 11 јуни.

-Оваа година „Пијанофест“ освен со дисциплините пијано и пијано четирирачно, збогатен е со нова дисциплина - соло пеење. Натпреварувачите се поделени во возрасни катергории, а ќе ги оценува меѓународна жири комисија, истакна Неда Маретиќ, портпарол на „Пијанофест“.

Организатор на „Пијанофест 2023“ е Здружение на пијанисти и музички педагози „Пијано“ од Битола, се реализира под покровителство на Министерството за култура и Општина Битола, и со поддршка на КИЦ-Офицерски дом и Државно музичко училиште-Битола.

Делчево - Во Делчево се отворени 27-те Регионални пензионерски спортски игри чиј домаќин е локалното здружение на пензионери. Игрите ги отвори претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова која посакувајки им успех на натпреварувачите потенцираше дека се работи за најмасовен спортски настан кој се организира за оваа категорија граѓани.

-Со регионалните спортски игри за пензионери започнавме кон крајот на мај во Штип, а завршуваме во Струга негде при крајот на јуни. Денес сме во Делчево каде секогаш организацијата е на врвно ниво, така беше и на Регионалната пензионерска музичка ревија која се одржа во време на пандемија, очекувам така да биде и сега, рече Трајкова.

На игрите во Делчево ќе учествуваат пеннзионери спортисти од Кочани, Виница, М.Каменица, Пехчево, Берово и градот домаќин Делчево.

-Мило ми е што гледам позитивна атмосфера овде во градскиот парк во Делчево, многу пензионери желни да се натпреваруваат, но и да се дружат. Сигирна сум дека ќе го направиме овој ден за паметење, рече претседателката на делчевското здружение Виолета Арсова.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој го поддржа настанот им посака многу успех на сите учесници, порачувајки да победат најдобрите.

Охрид - Над 190 правници и судски експерти во Охрид од денеска ќе дебатираат и ќе разменуваат искуства на Правна конференција на тема „Заштита на лични податоци“, во ко-организација на Здружението на правници и АЦТ.

 - Над 210 гости од земјава и од странство во текот на тридневната конференција ќе добијат нови информации за најновите судски пракси на Европскиот суд на правдата во областа на заштита на личните податоци. Предавач на темата ќе биде истакнатиот правник Клер-Агнес Марниер, Европски супервизор за заштита на податоците од Брисел, Белгија, соопштија организаторите.
 
Помеѓу останатите теми на кои ќе се оддржуваат работилници е и панелот наменет за Правата на одбраната и оштетениот во истражна постапка, на кој ќе говорат јавниот обвинител Фатиме Фетаи, Катерина Коларевиќ, судијата Ненад Савески, адвокатот Дељо Кадиев, како и универзитетскиот професор Гордан Калаџиев.
 
Најавена е и презентација за примери од добра пракса од европското потрошувачко право, како и студии на случаи и нови трендови во заштита на поптрошувачите и зелената транзиција, што ќе ја има Кристоф Берне, експерт за потрошувачко право на Европската унија од Париз, Франција.

Тема со која ќе се затвори правната конференција ќе биде дебатата посветена на новините во Законот за спречување перење пари и финансирање.

Скопје - Сообраќајот на патниот правец Гостивар-Маврово кај национален парк Бунец е блокиран од 10:00 часот.

Како што соопшти АМСМ, сообраќајот е блокиран поради јавен собир на околу 100 жители од село Горна Река. 

Скопје - Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 245 возачи.

Како што денеска соопштија од МВР, од нив седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 160 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 85 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Остани поврзан