
27 септември 2023
Пехчево - Поради тактичко-показна вежба со боево гаѓање ограничено движењето кај месноста Говедарник во Пехчево.
Од oпштината информираат дека боевото гаѓање ќе се изврши во три наврати, поради што апелираат на почитување на ограничувањето на движење во наведените датуми.
-Ги известуваме граѓаните на Пехчево и поширокото опкружување дека на ден 29.09.2023, 13.10.20233 и 29.10.2023 ќе биде спроведено боево гаѓање кај месноста Говедарник. Поради тоа се замолуваат граѓаните да се воздржат од движење на стрелиштето, соопштуваат од Општина Пехчево.
Посочуваат дека апелот е во насока на заштита на населението од несакани повреди и други незгоди.
Тетово – Тетовската полиција информира дека приведени се странски државјани- студенти кои физички се пресметувале во кругот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Пресметката била помеѓу двајца студенти од Таџикистан и двајца од Пакистан, а еден од нив завршил во болница.
-Денеска околу 11 часот полициски службеници на СВР Тетово ги привеле М.Ф.(23) и А.Ш.(19) од Таџикистан и И.Т.(20) од Пакистан, кои претходно биле пријавени дека околу 10 часот, во кругот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, меѓусебно физички се пресметувале, соопштија од МВР.
Во пресметката, според пријавеното, учествувал и Х.Т.(21) од Пакистан, кој се здобил со повреди и набргу бил пренесен во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, информира СВР Тетово.
Тетовската полиција информира и дека сега се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, по што против инволвираните кои, според првични информации на СВР Тетово се студенти на овој Универзитет, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Свети Николе - Нов протест на пензионерите од Свети Николе и денеска порачаа дека не се откажуваат од барањата за покачување на пензијата за 3.500 денари, како и усогласување на минималната пензија со минималната плата.
Трајче Станојков, член на Иницијативниот одбор за протести вели дека од утре протестите ќе ги радикализираат. Улиците во Свети Николе ќе бидат блокирани со земјоделска механизација, а додаваат дека ќе користат и други предмети се до исполнување на своите барања.
-Продолжуваме со протестот без разлика на тоа каква одлука ќе се донесе. Нашето главно барање е покачување на пензијата линеарно за 3.500 денари и усогласување на минималната пензија со минималната плата. Сакаме да покажеме дека ќе постапуваме и порадикално, патиштата овде во Свети Николе ќе ги блокираме од утре со земјоделската механизација, вели Станојков.
Пензионерите велат дека за неколку дена пред да земат пензија, оставени се во неизвесност оти не знаат колку пари ќе им легнат на сметки и што можат да си дозволат со тие пари.
До крајот на месецот се очекува од Министерството за труд и социјална политика да излезат со конкретни предлози за барањата на пензионерите.
Кочани – Општина Зрновци оствари рекорден износ од продажба на градежно земјиште во државна сопственост и за 18 парцели ќе наплати близу 5,8 милиони денари, што е над половина од буџетот за оваа година.
На електронското јавно наддавање беа понудени вкупно 26 градежни парцели, од кои една за изградба на дом за стари лица, а останатите за објекти за индивидуално домување.
- Постигната е извонредна цена од продажбата на земјиштето, при што парцелата за дом за стари лица се продаде за нешто повеќе од пет милиони денари. Со оглед што нашата општина е една од најмалите локални самоуправи во државата, со скромен буџет, оваа цифра е над 50 отсто од годишниот буџет. Дел од средствата ќе бидат искористени за отплата на досега реализираните проекти, а поголем износ за инфраструктурни и други зафати што претстојат. Веќе се работи на урбанистички планови, со разработка на блокови во Зрновци и Мородвис од по 11 хектари, наменети за индивидуално домување, но и за лесна и незагадувачка индустрија, како и за фотонапонска електрична централа, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Зрновци.
Градоначалникот Коцев најави дека до крајот на годината се планира изработка на урбанистички план вон опфат за две локации со вкупна површина од седум хектари, наменети за индустриска зона.
Последната продажба на градежно земјиште во општина Зрновци се реализираше пред околу четири години кога беа понудени девет парцели за индивидуално домување, а беше остварен скромен приход од близу половина милион денари.
Гостивар – Зголемен број на контролите во сите трговски објекти низ земјава и пломба на врата за оние трговци кои ќе ги доведат во заблуда потрошувачите, најави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во одговорот на новинарско прашање во врска со исходот од спроведените контроли и изречени санкции.
- Исто како и изминативе денови сите инспектори се на терен и ДПИ ќе го посети секое село во нашата држава, каде што има и малечки продавнички, бидејќи до нас стигаат пријави од граѓаните. Големите маркети имаа толеранција и рок за усогласување на цените од пет денови, рече Трајковски.
Тој нагласи дека во почитувањето на мерката, големите ланци на маркети ги исправиле грешките и ги применуваат одлуките на Владата за гарантирана цена. Трајковски ги пофали компаниите кои се покажале како општествено одговорни и направиле дополнителни намалувања на производи кои не се опфатени со владината одлука.
На новинарско прашање околу денешните контролите и исходот од нив, првиот човек на ДПИ потврди дека се во тек и дека се контролираат и големите маркети.
- Контролите се во тек и исходот на денешните контроли и резултати ќе ги знаеме денес подоцна или утре. Не застануваме тука. Казни ќе има и ќе се зголеми бројот на проверки и кај малите трговци и снабдувачите односно трговците на големо, бидејќи не сакаме да видиме недостиг на производи во маркетите, рече Трајковски
Тој посочи дека досега седум компании се казнети заради непочитување на одлуките на владата за намалување на цените и пет компании за непочитување на Законот за потрошувачи, односно за спроведување нечесни трговски практики и најави доследно спроведување на законските обврски.
Паричните казни кои им беа изречени, според Трајковски се платени и тие маркетите од утре ќе може да ги отворат.
Сакам да потенцирам дека ниту јас, ниту инспекторите нема да дозволиме, граѓанинот да биде доведен во заблуда. Станува збор за сериозни компании кои не смеат да си го дозволат тоа. Во тој дел нема да правиме компромис и ќе затвораме без селекција, подвлече Трајковски.
Куманово - Кумановци ќе користат бесплатен превоз до крајот на октомври, донесоа одлука советниците на последната седница. Надлежните претходно најавија дека ќе се најдат средства, превозот да биде бесплатен до крајот на годинава. Раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска кажа дека со пренамена од други ставки, обезбедени се средства од 1 до 31 октомври годинава, преку кратење од други ставки.
- Не можевме да обезбедиме средства за три месеци, успеваме за еден месец, кажа Ланг Спасовска.
Вкупно за 26 линии во градот и за линиите кон соседната општина Старо Нагоричане одвоени се 5, 5 милиони денари, информираа од секторот за финансии од општина Куманово. Според Ланг Спасовска превозот го користат од 10 до 13.000 граѓани.
Со оваа одлука не се сложија советниците од опозицијата кои кажаа дека мерката треба да важи само за ранливи категории граѓани.
- Можеби треба да се субвенционира одредена категорија на луѓе, социјални случаи, пензионери со ниски примања, да ги полниме џебови на приватни фирми и тие да профитираат не е прифатливо, вели советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП.
За советникот Миле Андоновски неприфатливо е милион евра, пари на граѓаните да се одвојат за превоз наместо за крупни инфраструктурни проекти. Александар Јованковски од СДСМ кажа дека мерката не го намалува загадувањето и дека во иднина е важно бенефицијата да ја користат само одредени категории кумановци.
Прилеп - Од 400 преставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најголемиот број се за политичката дискриминацијата во работните односи. Граѓаните се охрабруваат да пријават, а најголемиот број се годинава.
Ова беше речено на денешната средба со граѓани што се одржа во градската библиотека „Борка Талески во Прилеп, а е дел од активностите низ општините бидејќи Комисијата нема канцеларии надвор од седиштето во Скопје.
-Најзастапениот вид дискриминација, оттука и преставките на граѓаните се однесувата на работниот однос, потоа по етничка основа, според политичка припадност, тука се и ранливите категории, маргинализирани групи, но најмногу се за политичка дискриминација при работните односи. За волја на вистината голем дел од препораките на Комисијата се спроведуваат, во спротивно поднесуваме прекршочни пријави. Во тој случај, досега имаме пресуди во Куманово на четири наши поднесоци, во Прилеп имаме поднесоци кои не се завршени. Станува збор за три против политичари. Се надеваме дека во блиска иднина ќе биде заокружен тој процес и исход како што очекуваат граѓаните за да се задоволи еднаквоста, изјави Лимко Вејзароски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Иако имаме Закон за спречување и заштита од дискриминација од 2029 година, на забавување на процесот низ судските лавиринти и на бавното спроведување на Законот реагира и невладината организација „Станица П.Е.Т. од Прилеп која пет години им дава правна помош на граѓаните.
-За дискриминаторски објави во учебници имаме позитивни пресуди и тие учебници се отстранети од употреба. Моментално имаме постапка во втора фаза, по жалба до Апелација за пристап до јавни добра и услуги. Но, тешко оди во судските лавиринти, но ние не се откажуваме од судската постапка, но тешко оди имплементацијата на Законот во судските лавиринти, рече Кристина Здравеска од невладиното здружение „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека во споредба со државите од регионот имаме поголем напредок, а меѓу другото е што го имаме и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во наредниот период продолжуваат средбите со граѓаните во општините.
Дебар - Познатиот манастир „Свети Георгиј Победоносец”, кој се наоѓа во дебарското село Рајчица, ја одбележа втората манастирска слава Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден.
На одбележувањето присуствуваа голем број верници од повеќе градови од државава, како и поранешни жители на Рајчица и нивни потомци, кои сега живеат во Дебар.
Така е секогаш кон крајот на септември кога се прославува овој голем православен празник.
-Причината е голема бидејќи оваа манастриска слава е поврзана со денот кога пред повеќе од две децении почна возобновувањето на конаците. Симболиката на тој ден беше уште поголема, бидејќи, според преданието, токму на Крстовден биле поставени темелите на стариот претходен манастир, велат сестрите од манастирот.
Одржана беше Света архиерејска златоустова литургија со која чиноначалствуваше г. Кирил, митрополит на Имврос и Тенедос од Вселенската патријаршија, во сослужение со епископот Дремвицки г. Давид и епископот Антаниски г. Партениј, заедно со бигорските архимандрити Доситеј, Кирил и Анатолиј и бигорските јеромонаси и јероѓакони, свештеници од Дебарско-кичевската епархија, а во присуство на голем број монаси и монахињи од Пречистанкиот и Клисурскиот манастир.
Куманово - По реакциите на кумановци дека само што беше поставена, а потоа и отстранета заштитната ограда за реконструкција на малиот градски плоштад во Куманово, од општина Куманово за МИА посочија дека реконструкцијата ќе се помести поради отворањето на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ чие отворање е закажано вечерва.
Заштитната ограда беше поставена за време на викендот и на почетокот на работната недела беше отстранета, што предизвика реакции во јавноста.
- Поставената ограда на малиот плоштад беше дел од подготвителните активности пред отпочнување на реконструкција на плоштадот, кои сега се завршени. Реконструкцијата се поместува согласно отворањето на „Денови на комедија во градот“ и непречена циркулација на граѓаните на овој простор на денот на отворањето, велат од општината.
Оттаму додаваат дека активностите за реконструкција ќе продолжат во наредниот период.Реконструкцијата на малиот градски плоштад ќе опфати замена на подлогата, на урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да се добие целина со зоната на малиот плоштад. Од општинскиот буџет одвоени се 47.548.100,00 денари со вклучен данок на додадена вредност.
Битола - Германскиот кинематографер Франц Лустиг, директор на фотографија во филмот „Соврешени денови“, на прес конференција во Битола изјави дека целиот филм го снимил со камера од рака.
Според Лустиг, снимањето со статична камера по малку го губи контактот со актерите, додека со камера од рака успеал да ги направи најубавите слики во филмот кои се гледаат низ повеќе сцени.
Интересно е што дел од песните во филмот „Совршени денови“ беа работени по завршување на снимањето, а тоа значи дека дел од музичките нумери мораше да се преработат. Во последниот кадар од филмот снимав преку стакло за да изгледа како да влегувам во светот на актерот, а тоа со други зборови беше многу трогателна сцена, полна со емоции...едноставно извонредна сцена.
На фестивалот во Кан, филмот „Совршени денови“ доби награда за најдобра машка улога.
ИФФК „Браќа Манаки“ продолжува со проекции од студентска програма, докунентарна програма, кратка програма, како и филмовите во конкуренција за наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“.
Вечер во кино Манаки ќе биде приредна специјална проекција во чест на Шејмус Мекгарви, годинешен добитник на специјална награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Тетово – Претставници на Секторот за јавни дејности-Одделение за образование при Општина Тетово денес одржаа прес-конференција на која посочија за проблемот со недостиг на учебници во општинските училишта. Според раководителот на sекторот, Назми Даути, фалат на 45.000 книги во тетовските училишта.
- Фалат над 35 илјади учебници од прво до деветто одделение во основните училишта и над 10 илјади книги во средните училишта, пред сè во средните стручни училишта. Учениците се соочуваат со невидени тешкотии за учење и развивање на нивните основни вештини, додека МОН се чини дека сè уште е во сон.Овој изразен недостиг на учебници е очигледен неуспех на Министерството за образование да ги исполни ветувањата за образованието. Учениците се лишени од основен ресурс за учење, принудени да се потпираат на рачно напишани белешки и ограничени материјали. Ова не е само неуспех кон учениците од Тетово, туку е целосен неуспех кон иднината на Северна Македонија, рече Даути.
Toj ја критикуваше работа на Министерството за образование и наука за овој проблем.
-Министерството за образование и наука, кое во своето највисоко раководство има двајца Албанци (министерот и заменик министерот), е одговорно за ова. За жал, се чини дека грижата за учениците и образованието воопшто не успеа. Министерството за образование и наука треба да се засрами за својот неуспешен начин да им ги обезбеди ветените учебници на учениците од Тетово. Состојбата со недостиг на учебници во оваа општина е јасен одраз на негрижата и одговорноста на ова министерство кон образованието и иднината на младите генерации, истакна Назми Даути.
Тој рече дека Општина Тетово е решена да го заштити правото на учениците за квалитетно образование и ќе продолжи да повикува на помош и поддршка од донаторите и другите владини и меѓународни институции.
-Време е зборовите да се заменат со дела и да се обезбеди еднакво и квалитетно образование за сите ученици. Срамно е да се види дека Министерството за образование, институција која треба да се грижи за образованието и развојот на младите генерации, е во состојба да ги игнорира потребите на училиштата и учениците. Не е време за убави зборови и празни ветувања, туку за конкретни дела. МОН мора да ја преземе одговорноста за овој голем неуспех и веднаш да интервенира за да ги обезбеди потребните учебници за учениците од Тетово, истакна раководителот на Секторот за јавни дејности.
На крајот од излагањето рече дека ќе побара Министерството за образование и наука да одговори на овој повик и да даде јасно објаснување зошто толку долго се дозволува овој проблем да трае.
Охрид – Во организација на Касарна Хаб од Охрид викендов ќе се одржува вториот саем „ИТ Денови на кариера“, осмислен со цел да ги поврзе локалните таленти од информатичката технологија со водечките компании од индустријата во Македонија.
На настанот присуство најавија 12 компании, со две презентации и тоа во петок од 12 часот „Како да бидете фриленсер“ и презентација од „Сеавус“ в сабота.
Настанот ќе се одржи во поранешната касарна во Охрид, на 29 и 30 септември од 12 часот.
Според податоците од Заводот за статистика, во Охрид моментално има 8200 млади лица на возраст меѓу 15 и 29 години, кои се потенцијални кандидати за вработување.
Струмица - Општина Струмица од вчера официјално членува во Мрежата на силни градови во светот кои имаат пристап и механизми за справување со негативните појави кои доведуваат до насилство.
Во известувањето од Мрежата на силни градови стои дека Струмица им се придружува на повеќе од 210 градови и општини ширум светот, посветени на застапување, спроведување и споделување на локални пристапи за справување со сите форми на екстремизам и поларизација кои можат да доведат до насилство.
Според градоначалникот, Костадин Костадинов, доброто работење и справувањето со предизвиците добило признание од сериозна и реномирана меѓународна организација.
-Преку Локалниот совет за превенција и неговите партнери дадоа голем придонес во овој успех на нашата Струмица. Справувањето со предизвиците и нивната превенција ќе продолжи и нека ни е со среќа уште едно големо признание за нашата Општина, рече Костадинов.
Со признанието членка на Мрежата на силни градови во светот се отвора можност за поголема соработка со светски метрополи, но и добивање конретна поддршка за решавање на одредени проблеми
Инаку, Струмица го има најфункционалниот Совет за превенција во државата каде граѓаните во соработка со локални и национални институции ги детектираат проблемите при што нудат решенија како да се надминат. Во Струмица досега се решени проблемите со уличната трговија, кучињата скитници, насилството, препродавачите на девизи и и други проблеми.
Македонска Каменица - Градоначалникот на Oпштина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски и директорот на Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, Виктор Ѓоргиевски во рамки на последниот работен состанок разговараа за изнаоѓање начин и преземање на потребните чекори на институциите, за воведување на задолжителна училишна облека за учениците во каменичката деветолетка, информираа од општината.
-Со денешните разговори ги започнуваме активностите за воведување на училишните униформи. Како што стои и во мојата програма и програмата за работа на локалната самоуправа, се надевам, дека многу наскоро заедно со директорите на училиштата, наставниот и стручниот образовен кадар, со поддршка од родителите и од сите чинители во заедницата, ќе успееме во намерата за сите ученици да обезбедиме бесплатна училишна облека, истакна Атанасовски.
Целта на проектот како што додаде е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување.
Со реализацијата на оваа активност очекувањата се училиштата во Македонска Каменица да ги достигнат стандардите на училиштата од останатите градови во државата и европските метрополи.
-Со воведувањето на бесплатната училишна облека се очекува да се постигне и чувство на еднаквост помеѓу децата. Да нема поделби и разлики помеѓу нив во начинот на облекување, а од друга страна, обезбедуваме намалување на трошоците за родителите при купување на гардероба. Воведувањето на бесплатната училишна облека во нашето училиште е важен чекор кој го правиме за подобро општествено и образователно искуство за сите наши ученици. Униформата не е само облека, таа е симбол на нашата образователна заедниц, која носи многу предности, потенцираше директорот на ООУ ,,Св.Кирил и Методиј", Ѓеоргиевски.
Како непосредни придобивки од воведувањето на училишна облека, директорот Горгиевски посочи дека униформите ќе помогнат учениците да се почувствуваат како дел од образовната заедница како целина, подобрена безбедност, отстранување на социјалните разлики, подобрен и препознатлив имиџ на училиштето, како и подобрена концентрација при наставата.
Охрид - Собирите како 22. Годишна конференција на Македонската берза, на која учествуваат претставници на повеќе сегменти од финансискиот сектор и институции на пазарот, компаниите, државните органи, како и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност, овозможуваат на финансиските институции да ги развиваат стратегиите во работењето, подобрување на ефикасноста, следење на светските текови и трендови. Тоа го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, во обраќањето пред учесниците на годинешниот собир што се одржува во Охрид.
- Од вакви собири успеавме минатата година да направиме стратегија за развој на финансиските пазари, со вклученост на сите финансиски институции во државата. Веќе како резултат на таа стратегија имаме нови закони што се во процедура, како законот за хартии од вредност, законот за финансиски инструменти и за проспекти, хартии од вредност и транспаренстност во постапките, истакна Бесими.
Тој посочи дека оваа година се донесени повеќе финансиски инструменти насочени кон развој на финансиското работење во земјата.
- Тоа се граѓанската обврзница што имаше успешна реализација, со вклученост на голем број граѓани, вредна 25 милиони евра, која поради интересот ќе ја обновиме наредниот месец, со каматна стпака од пет проценти...Во интерес на развојот на финансискиот пазар имавме сериозна поддршка од банките и првичната идеја ја редизајниравме со препораките од банките, така да имавме еден инклузивен процес, рече Бесими.
Тој најави дека веќе од денеска почнува издавањето на двегодишна „зелена“ обврзница, со каматна стапка од 4,75 проценти, отворена обврзница и за граѓаните и за банкарските институции.
Бесими посочи на нови инструменти, новитети што се воведуваат во насока на развој на финансискиот сектор. Тука ги посочи трите структурни обврзници на општините за кои рече дека секако на секундарниот пазар ќе завршат преку некои трансакции, потоа редовното годишно издавање на обврзниците за денационализација и други типови обврзници што веќе се презентирани и се реализираат. Во насока на развој на финансискиот пазар, најави дека ќе следуваат и нови финансиски инструменти, со цел вклучување на малите и средните претпријатија во финансиите...
- Мислам дека за развој на економијата клучен е и развојот на финансиските пазари...Мораме да сме похрабри, покреативни. Економијата секако ја водат големите компании, но да не заборавиме дека пристапот до капитал, до финансиите мора имаат и новите идеји на младите претприемачи. Тие носат нови идеи. На крај тие пак ќе завршат со инвестиции на некои инвеститори или големи компании, така што тука има простор за развој и се надевам дека сме на прав пат, рече Бесими.
Гостивар - Реконструкција на улици, санирање на локални патишта, спортски терени, изградба на канализација и нов пешачки мост преку Вардар што може да го користат лицата со посебни потреби. Ова се вложувања што ги најави градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и напомна дека реализацијата на дел од овие инфраструктурни проекти е започната, а дел се во процес на подготовка.
Таравари напомена дека во тек се работите на три патни правци кои се подготвуваат за асфалтирање, како што се локалните патишта што ги поврзуваат селата Долна и Горна Бањица и комплетна реконструкција и поставување на канализација помеѓу селата Здуње и Дебреше, која деновие ќе биде ставена во употреба.
- Наскоро треба да почне асфалтирање на улицата која води до северниот излез на градот, поточно од бензинската станица на „Макпетрол“ до хотелот Игнација. Подготвуваме документација и за реконструкција на улицата „Беличица“, рече Таравари.
Во јужниот дел на општината, ќе се работи на локалниот пат со селото Куново, проект што се финансира со пари од Бирото за неразвиени подрачја, а во селото Мало Турчане се уредуваат две улици едната со бехатон плочи, а другата ќе се асфалтира.