• четврток, 28 март 2024

Механизмите за санкции на САД се важен инструмент во нашата борба со корупцијата, порача Османи

Механизмите за санкции на САД се важен инструмент во нашата борба со корупцијата, порача Османи

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Право на Владата на САД, која има повеќе различни механизми за санкционирање, е да презема мерки кон оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, не ги почитуваат Охридскиот и Преспанскиот договор и кои се вклучени во организиран криминал и корупција, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

- Тие механизми се исклучително важен инструмент кој е комплементарен со нашата борба против корупцијата. САД ја имаат целата наша поддршка и барање да ни помогнат во справувањето со корупцијата и организираниот криминал, како еден од најглавните ризици за стандардот на граѓаните, но и за стабилноста на земјата, истакна Османи на денешната прес-конференција за време на министерскиот состанок на Иницијативата „САД-Јадранска Повелба“ одговарајќи на новинарско прашање дали е запознат кои личности од земјава ќе се најдат на најновата „црна листа“ на САД за лица кои се предмет на санкции.

Запрашан за коментар за обвинувањата на опозицијата за криминал и корупција при склучен договор од страна на ЈП за државни патишта, Османи изјави дека е некоректно да се изведуваат заклучоци без да се слушнат двете страни.

- Мислам дека следен чекор би требало да биде директорот, односно претпријатието да се изјаснат. Ако после тоа изјаснување остане нерешена дилема тогаш ќе коментирам. Мислам дека денеска е денот кога претпријатието треба да ја каже својата вистина, бидејќи од наслови на договори, од наслови на соопштенија на политички партии е недоволно да се извлече заклучок за да може да коментира МНР, додаде Османи.  

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, кој е кадар на ДУИ, склучил договор за косење трева, кастрење гранки и сечење на дрвја во патен појас со фирма од кичевското село Челопеци во вредност од над 2 милиони евра, што партијата го оцени како „еклатантен пример за криминал и корупција“. сп/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан