• сабота, 09 декември 2023

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Денеска во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Н.В. од Струмица. Тој се сомничи дека на 19.09.2023 со употреба на сила влегол во казино во с.Босилово, струмичко и одзел пари. По преземени мерки било дојдено до сознание дека тој е сторителот на делото, по што денеска бил извршен преглед кај него и на неговото работно место во Струмица. Притоа, во неговиот ормар била пронајдена торба со парите, кои ќе бидат вратени на сопственикот. Од него биле одземени и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 16:00 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија при СВР Велес ги лишиле од слобода П.П.(51) од село Плевење, општина Чашка и Т.С.(78) од село Теово, општина Чашка, а во 16:50 часот од слобода бил лишен и Н.Ш.(28) од Велес. По преземени мерки било дојдено до сознание дека П.П. поседува огнено оружје. Во службен разговор со него, П.П. изјавил дека поседува една пушка карабин која била во домот на Н.Ш., кој доброволно ја предал на полициските службеници заедно со неколку куршуми различен калибар. Додека, пак Т.С. на полициските службеници предал една ловечка пушка калибар 16и две воздушни пушки калибар 5,5мм и калибар 4,5мм. Лицата биле приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Синоќа во 03:00 часот, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода А.К.(27) од Скопје затоа што околу 01:10 часот во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ се обидел физички да нападне лекар кој бил на работното место, а оштетил едно работо биро и компјутер. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

Во текот на денешниот ден, во периодот од 06 до 10 часот, Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија, со цел зголемување на безбедноста на учениците односно нивниот транспорт до училиштето и назад. При акциската контрола констатирани се 75 прекршоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата (19 на подрачје на СВР Штип, 14 СВР Велес, 10 СВР Битола, по 9 на подрачје на СВР Струмица и Куманово, 7 СВР Охрид, 4 СВР Тетово и 3 СВР Скопје) и 9 прекршоци од Законот за возила (5 на подрачје на СВР Тетово и по 1 на подрачје на Секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Штип и Куманово). За време на акциските контроли извршени се проверки на 52 возила кои вршат јавен превоз, а презмени се и други активности. По извршените проверки, 37 возила се упатени на вонреден технички преглед, додека 13 возила се исклучени од сообраќај.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 201 санкција, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 13 санкции, 26 мерки за возење без возачка дозвола, девет санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење сигурносен појас, осум санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло...

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 183 возачи. Од нив 11 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело дури 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 54 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 129 надвор од населено место.

Во рамките на планираните активности на Секторот за внатрешни работи Тетово за непречен и безбеден превоз на учениците до училиштата и назад до нивните домови, вчера од 12:00 до 16:00 часот во Тетово е спроведена акциска контрола со која биле опфатени пет автобуси и едно патничко моторно возило. При контролата откриени и санкционирани биле два прекршоци (претовар и неносење на возачка дозвола). На лицата кои ги управувале возилата им биле изготвени поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот.

Вчера на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 9 прекршоци, од кои 5 во населено место и 4 надвор од населено место. Санкционирани биле и 23 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за возач почетник, 5 за некористење сигурносен појас и 12 за непрописно паркирање.

Денеска во 04:20 часот во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го привеле Д.С.(31) од Скопје затоа што околу 03:17 часот во казино на подрачје на Аеродром физички нападнал вработен како обезбедување. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 12:50 часот кај место викано „Милци“ во близина на село Богородица, гевгелиско, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица забележале како во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки влегле повеќе лица мигранти, по што се упатило кон автопатот Гевгелија- Скопје. Возилото не застанало на знак за запирање даден од полициските службеници, но во 13.30 часот на автопатот кај Гевгелија возилото застанало и возачот го напуштил местото. При преглед во возилото биле пронајдени девет лица мигранти од кои пет од Сирија и 4 турски државјани, кои биле задржани во Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Синоќа во 03:02 часот во СВР Штип, М.А.(45) од Штип пријавил дека околу 02:45 часот во централа на такси компанија во Штип, И.С. од Штип физички го нападнал него и негов колега. Се работи на комплетирање на случајот, по што против напаѓачот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во 19:35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во автобус на ЈСП во с.Арнакија, скопско, настанала физички пресметка помеѓу Н.М.(20) од с.Чајлане и малолетник од с.Копаница, при што и двајцата употребиле остри предмети и си нанеле повреди. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против М.И.(22) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.12.2022, полициски службеници извршиле преглед над лице од Прилеп, при што пронашле и одзеле марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против  Д.Р.(19) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги и  психотропни супстанци“. На 15.01.2023 во Прилеп, полициски службеници го затекнале пријавениот со уште две лица како користат марихуана, која претходно им ја продал пријавениот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Ј.(45) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 09.12.2021 во село Велмеј и во Охрид бил извршен претрес на дом и други простории кои ги користи пријавениот, при што биле пронајдени и одземени автоматска пушка калашников, 47 куршуми со калибар 7,62х39 мм и 26 ловечки патрони со калибар 12 мм.

ОВР Валандово поднесе кривична пријава против Е.П.(29) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 29.08.2023, пријавениот при склучување на договор со рент а кар фирма во Струмица за изнајмување на патничко возило на увид дал возачка дозвола за која по извршени проверки било констатирано дека е фалсификувана.

Синоќа во 20:39 часот во СВР Скопје, 56-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 12.50 часот на подрачјето на Аеродром еден малолетник ја допрел по телото неговата малолетна ќерка и со остар предмет и упатил закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Вчера во 10:30 часот во СВР Скопје, Љ.Н.(40) од Скопје пријавил дека околу 09.30 часот на своето работно место во јавно претпријатие во близина на с.Батинци, Ш.Н. со остар предмет му се заканил и се обидел физички да го нападне. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Вчера во 09:00 часот во СВР Куманово, С.С.(50) од Куманово пријавил дека во кругот на Општа болница Куманово бил каснат од куче скитник.

Вчера во 10:55 часот во Полициската станица Кисела Вода, Д.Ѓ.(20) од Македонска Каменица пријавил дека на ул.„Пушкинова“ бил каснат од куче скитник.

Синоќа во 16:10 часот во СВР Скопје, М.Ц.(45) од Скопје, пријавила дека на бул.„Гоце Делчев“ била касната од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.А.А. од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 19.09.2023 во Кичево, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле зелена материја.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Ѓ.(34) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 23.03.2023 во село Доброшане, кумановско, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана. Исто така, марихуана била пронајдена при претрес во неговиот дом и други простории.фф/вг/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан