• петок, 29 март 2024

МААЕ: Иран ги расчисти сомнежите за збогатување ураниум

МААЕ: Иран ги расчисти сомнежите за збогатување ураниум

Техеран, 1 јуни 2023 (МИА) – Иран ја расчисти загриженоста за две исклучително важни прашања што ги покрена Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со високо збогатен ураниум и локацијата каде е пронајден вештачки произведен ураниум.

Во последниот извештај на МААЕ, во кој имале увид некои светски агенции, има мало намалување на притисокот врз Техеран, кој значително го забрза развојот на неговата нуклеарна програма откако Вашингтон во 2018 година се повлече од договорот на Иран со светските сили.

Во доверливиот квартален извештај се вели дека инспекторите на МААЕ повеќе немаат прашања во врска со честичките на ураниум од иранскиот подземен објект Фордо за кои е утврдено дека се збогатени до ниво од 83,7 отсто, што доведе до тензии со Иран во последните месеци, бидејќи кога ураниумот се збогатува на ниво од 90 проценти тој е погоден за употреба во нуклеарно оружје.

Иран изјави дека спорните честички се нуспроизвод од тековниот процес на збогатување во кој може да дојде до променливи нивоа на збогатување на радиоактивниот метал.

- Агенцијата го извести Иран дека, по прегледувањето на податоците, утврди дека добиените информации не се во спротивност со објаснувањето на Иран … и Агенцијата во овој момент нема дополнителни прашања на оваа тема, се вели во извештајот.

МААЕ пишува дека истражителите ја затвориле истрагата за трагите од вештачки произведен ураниум пронајдени во Мариван, во близина на градот Абаде, 500 километри југоисточно од Техеран. јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан