• вторник, 13 октомври 2026

Лондон ги осуди шверцерите откако рекордни 230 мигранти пристигнаа во еден чамец

Лондон ги осуди шверцерите откако рекордни 230 мигранти пристигнаа во еден чамец

Лондон, 10 август 2026 (МИА) – Британската влада ги осуди „непромислените и опасни“ тактики на шверцерите на луѓе откако рекордни 230 мигранти пристигнаа во Обединетото Кралство преминувајќи го Ламанш во еден чамец.

Оваа бројка го соборува претходниот рекорд од јули, кога 165 луѓе успешно го преминаа каналот.

Чамецот тргнал од Франција во текот на ноќта и пристигнал во Довер во раните утрински часови.

Новинската агенција „Прес асосиејшн“ фотографираше голем издуван гумен чамец на пристаништето во комплексот на Командата за гранична безбедност во Довер, пренесе ДПА.

Шверцерите на луѓе го зголемуваат бројот на мигранти кои ги пренатрупуваат во чамците.

Претходно овој месец гумен чамец со 173 лица кој се движел кон Обединетото Кралство се преврте во Ламанш откако неговиот мотор се запали.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави: „Овој најнов инцидент ги покажа непромислените и опасни тактики што ги користат криминалните банди кои ги овозможуваат овие премини и кои продолжуваат да ги ставаат животите во ризик со сè поголемото пренатрупување луѓе во чамци небезбедни за пловидба.“

- Постигнуваме напредок, при што бројот на премини со мали чамци е намален оваа година и е забележан најнизок број за месец јули од 2020 година наваму. Но, мораме да одиме чекор понатаму, поради што потпишавме договор за плаќање според резултати со Французите, за да поставиме 40 отсто повеќе сили на терен на француските плажи – додаде тој.

Околу 258 мигранти пристигнаа во Британија во четири чамци во саботата, според податоците на Министерството за внатрешни работи.

Сепак, вкупниот број на пристигнувања за 2026 година е намален во споредба со минатата година.

Вкупната привремена бројка за оваа година досега изнесува 14.819: што е за 43 отсто пониско од бројот забележан во истиот период минатата година и за 16 отсто помалку во споредба со истиот период во 2024 година. јт/

Фото: МВР на Велика Британија

Можно е и ова да ти се допаѓа