Либерален институт Скопје: Потребни се итни интервенции, одговорност и акција на институциите во Струга за решавање на проблемите на граѓаните
- Животната средина, лошата инфраструктура, сообраќајниот хаос, бездомните кучиња, социјалната несигурност, недостаток на културни настани, се само дел од посочените проблеми на стружани во разговор со активисти на Либералниот институт Скопје.

Струга, 21 мај 2025 (МИА) - Животната средина, лошата инфраструктура, сообраќајниот хаос, бездомните кучиња, социјалната несигурност, недостаток на културни настани, се само дел од посочените проблеми на стружани во разговор со активисти на Либералниот институт Скопје.
- Инспирирани од локалните проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат, ја организиравме оваа акција за на еден креативен и невообичаен начин да им пристапиме на граѓаните и ги охрабриме да зборуваат за своите проблеми. Доколку можете да замавнете со ова „магично стапче” и да решите три проблеми во Струга, кои би биле тие?”, беше главното прашање кои младите активисти им го поставија на граѓаните кои ги затекнаа во центарот на Струга, соопшти Либералниот институт Скопје.
Најзагрижувачки, според информацијата, биле проблемите поврзани со животната средина: депонии, загадување на Охридското Езеро, палење трска, уништување на природниот екосистем, нечиста река, лоша канализација и слабо осветлување покрај крајбрежјето.
- Во делот на инфраструктурата и урбанизмот, граѓаните укажуваат на дивоградби, дупки на улици, неуредени шеталишта и хроничен недостаток на паркинг. Сообраќајниот хаос, особено за време на туристичката сезона, дополнително се влошува од слабата култура на учесниците во сообраќајот и недостигот на јавен паркинг. Во категоријата општествени проблеми, беа посочени бездомни кучиња, социјална несигурност, ниски плати и недоверба во институциите. Посебна загриженост постои и за младинскиот живот и културата, каде младите се чувствуваат маргинализирани поради недостаток на културни настани, забавни содржини и работни места – па сè повеќе од нив се одлучуваат да го напуштат градот, информира Либералниот институт Скопје.
Тие забележале и институционална нефункционалност и чувство на запоставеност од локалната власт, кои предизвикувале револт, недоверба и протестно расположение меѓу граѓаните.
- Овие наоди не само што укажуваат на потребата од итни интервенции, туку и ги повикуваат надлежните институции на одговорност и акција. И додека магичното стапче остана симболично, желбите на стружани не се „научна фантастика“, напротив тие бараат чиста средина, функционална инфраструктура и подобар квалитет на живот. Крајниот заклучок е дека не ни требаат магионичари и волшебни стапчиња, туку одговорни институции, малку урбанистичка магија, и зошто да не – барем еден функционален паркинг повеќе, заклучува Либералниот институ Скопје.
Според нив, може да се почне со функционални светла покрај езеро и некое ново катче за култура и забава на младите. сс/са/
Фото: Либерален институт Скопје