• среда, 17 април 2024

„Летечка театарска трупа“ од Тетово годинава одбележува 15 години јубилеј, во април премиера на „Црвенкапа“

„Летечка театарска трупа“ од Тетово  годинава одбележува 15 години јубилеј, во април премиера на „Црвенкапа“

Тетово, 22 март 2023 (МИА) – Со изведба на театарска претстава за мали и големи деца „Црвенкапа“ драмското студио „Летечка театарска трупа“ Тетово во текот на април почнува со активностите за 2023, а воедно и за одбележување на јубилејни 15 години постоење. Оваа претстава за деца е првата од неколкуте предвидени премиери.

Премиерата на „Црвенкапа“ е закажана за 11 април во 19 часот во Центарот за култура „Иљо Антеск-Смок“, а репризата наредниот ден во истиот термин.

Од „Летечка театарска трупа“ велат дека нивната преработка на Црвенкапа вклучува комични и возбудливи елементи без вметнување современ наратив со што се зачувува едноставноста и леснотијата во раскажувањето на приказната што води кон лесна приемчивост кај најмладата публика.

-Режисерскиот концепт ја следи традиционалната нишка на сказната за Црвенкапа, па претставата е наменета за предучилишна и за училишна возраст од прво до трето одделение. Оживувањето на ликовите на сцена е пропратено со живописна и оригинална костимографија и шминка кои се соодветни на архетипните особини што ги носи ликот. Со тоа се обезбедува соодветна визуализација на самата приказна што е важно за впечатокот што го остава кај публиката на таа возраст. Со ова, ликовите, дијалозите и пораките што се испраќаат остануваат долго врежани во детската меморија, изјави режисерот Зоран Јованоски.

Тој вели дека дијалозите во претставата се едноставни и јасни, пропратени со комични моменти но со јасно нагласени и истакнати пораки, како и разлика меѓу позитивните и негативните постапки, вредности и човекови особини.

-Пробите за подготовката на театарската претстава траат речиси осум месеци. Младите актери се стекнуваат со знаења за сценските движења, сценскиот говор, доловувањето емоции, односот кон партнерот или партнерите во дијалогот, театарските правила и воопшто целокупниот процес на продукција на една театарска претстава. Ова придонесува не само кон нивно издигнување во зрели актери во иднина, туку и кон нивен личен напредок и развој како индивидуи кои ќе бидат квалитетни граѓани и ќе придонесуваат кон развојот на уметноста и заедницата воопшто, истакна Зоран Јовановски.

Една недела по „Црвенкапа“ ќе следува и следува премиерата на претставата „Пепелашка“ која е во режија на Владимир Јованоски. ас/ир

Остани поврзан