Левица: Обвинителство итно да постапи по кривичната пријава за кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски
14 октомври 2025
Последниот случај со поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за непостапување по службена должност и толерирање дивоградби во Драчево, против градоначалникот на Кисела Вода, а сега кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеоргиевски, објавено во „Слободен печат“, е уште една потврда за тесната поврзаност меѓу власта, бизнис интересите и урбанистичката мафија која со години го уништува Скопје, се наведува во соопштението од Левица, што МИА го пренесува интегрлано.
Додека народот плаќа даноци и со години чека да му се решат инфраструктурни проблеми бизнисмени од ДПМНЕ си дозволуваат да градат дивоградби на државно земјиште и при тоа да ги легализираат со промена на урбанистички планови, што е класичен пример за злоупотреба на функција за лична и партиска корист.
Бараме Обвинителство итно да постапи по пријавата и да отвори истрага не само против Ѓорѓиевски туку и против сите лица кои се инволвирани во овој случај со дивоградбите во Драчево. Нема да има правда додека функционерите не почнат да одговараат за своите постапки.
Толерирањето бесправни градби и обидите за нивна легализација не се изолирани случаи туку станаа правило, во системот што го воспоставија ДПМНЕ и СДС заедно со ДУИ, а сега и ВРЕДИ, кои три децении ја држат во заложништво државата заради сопствените бизнис интереси. Истите тие, кои во опозиција се колнат во правна држава, од позиција на власт преку своите функционери кршат закони за да спасат приватни бизниси и свои финансиери.
Левица остро реагира на ваквата три децениска практика и укажува дека веднаш мора да се почне со строга контрола над урбанистичките планови, да се прекине со легализација на дивоградби и да се спроведе ревизија на сите сомнителни дозволи за градба. Скопје мора конечно да стане град на закон, а не на лични привилегии и договори под маса.
ПП Левица