Лавров: Русија е подготвена за преговори со Украина, но без прекин на огнот
- - Остануваме подготвени за преговори, но воената операција нема да биде прекината за време на преговорите - изјави шефот на руската дипломатија.
Њу Делхи, 12 септември 2026 (МИА) – Русија е подготвена за преговори со Киев, но не и за истовремен прекин на огнот во војната со Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
Руската влада не е без добра волја, истакна Лавров на маргините на самитот на земјите од БРИКС во Њу Делхи.
- Остануваме подготвени за преговори, но воената операција нема да биде прекината за време на преговорите - изјави шефот на руската дипломатија.
Тој повторно упати понуда за разговори до украинскиот претседател Володимир Зеленски.
- Ако сака да се сретне, нека дојде - рече Лавров, повторувајќи ја поканата Зеленски да дојде во Москва на преговори. - Тоа веќе е огромен гест на добра волја од наша страна - додаде тој.
Зеленски категорично ја отфрли оваа понуда, која рускиот претседател Владимир Путин му ја упати пред неколку месеци.
Соединетите Американски Држави работат на повторно започнување на преговорите меѓу Москва и Киев. Во јавноста се шпекулира и за можен трилатерален самит меѓу Путин и Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп. ссм/
фото: ЕПА