• четврток, 18 април 2024

Компаниите кои без објективни причини не ги намалуваат цените не треба да добиваат субвенционирана струја, смета Ковачевски

Компаниите кои без објективни причини не ги намалуваат цените не треба да добиваат субвенционирана струја, смета Ковачевски

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Сметам дека за компаниите кои не го почитуваат џентлеменскиот договор меѓу Владата и стопанските комори за намалување на цените на нивните производи, не треба да важи мерката за набавка на електрична енергија по субвенционирана цена, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

- Доколку нема објективни причини за тоа да не бидат намалени цените и покрај субвенционираната цена на електрична енергија, тогаш нормално дека нема да добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, бидејќи таа електрична енергија ја субвенционираат граѓаните на државата. И тоа се средства на граѓаните за да може да се намалат цените на производите, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање презентацијата на новата инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“.

Тој потсети дека Владата во интерес на граѓаните одреди субвенционирана цена на електрична енергија за компаниите и во време кога таа чинеше 300-350 евра за мегават час, државата одлучи да им ја понуди по 80 евра за мегават час.

Премиерот, при тоа изрази благодарност до вработените во енергетските компании за зголеменото производство на електрична енергија во државата годинава за речиси 25 проценти во однос лани, што беше овозможено благодарение на фактот дека првпат по 70 години во функција се сите капацитети за производство на електрична енергија.

Без разлика кој и каква позиција извршува и дали припаѓа на некоја политичка партија може да биде санкциониран за злоупотреби. Такви случаи има и немало пардон за никого, истакна денеска прем

- Кога сите, посебно моите политички опоненти коишто сметаат дека се експерти за се, предвидуваа дека Северна Македонија ќе остане без струја и дека ќе има рестрикции во јануари, ние сме единствена земја во регионот која што не само што немаше рестрикции, туку имаше вишоци на електрична енергија коишто ги продаваме и сме единствена земја во регионот која што не само што не ја зголеми цената на електричната енергија, туку ја намали, додаде Ковачевски.

Во однос на случувањата во Фондот за здравствено осигурување, премиерот Ковачевски оцени дека тие покажале оти именувањето на Магдалена Филиповска Грашкоска за генерален директор на ФЗО бил вистинскиот избор и повтори дека ќе предложи еден од инженерите коишто работат во справување со кибер нападите да биде одликуван со државна награда во име на сите инженери коишто се справуваат со последиците од овие напади и кои во соработка со стратешките партнери го надминаа проблемот за 14 дена, иако просекот за отстранување на ваквите последици е 24 дена.

- Ние одржавме Совет со безбедносните служби со којшто раководи премиерот, формиравме тело за справување со хибридни напади кое што има поголем број на задачи. Тоа тело е во надлежност, односно под раководење на Бирото за јавна безбедност, во кое што учествуваат експерти од АНБ, Агенцијата за разузнавање, военото разузнавање, од МВР и коишто  работат секојдневно на спречување, меѓутоа и на градење на системи за подолгорочна заштита, истакна Ковачевски.

Тој најави дека во врска со кибер нападите наскоро земјава ќе ја посети помошникот генерален секретар на НАТО задолжен за хибридни напади, со цел да се разговара за соработката со Централата на Алијансата во справувањето со овој проблем.  

Премиерот потенцира дека проблемот со кибер нападите е поширок и тој го лоцира во некои структури кои не сакаат Северна Македонија да има надворешна политика усогласена со ЕУ, додавајќи дека првичната истрага во однос на лажните дојави за бомби покажува „интересни податоци“, кои не може да ги коментира додека не заврши истражната постапка. сх/сп/

Остани поврзан