• вторник, 26 март 2024

Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе расправа за Извештајот за земјава

Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе расправа за Извештајот за земјава

Стразбур, 24 мај 2023 (МИА) - Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска и утре одржува седница на чиј дневен ред, меѓу останатите е и расправата и гласањето по Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, изработен по извештајот на Европската комисија, во кој се поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

На документот, во кој 2030 година се споменува како датум кога земјата би требало да ги исполни условите за членство во ЕУ, се поднесени 320 амандмани кои треба да бидат разгледани од членовите Комитетот за надворешни работи.

Во нацрт-текстот на европратеникот Ќучук се нагласува дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во долгорочен мир, а Северна Македонија се етаблира како сигурен партнер и спроведе трајни реформи на европскиот патот. Во документот се поздравува континуираната посветеност на земјава за интеграција во Унијата, која се заснова на одржлив напредок во обезбедувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, додека се движи кон меѓусекторско усогласување на политиките.

Претстојните предвремени парламентарни избори се многу важни бидејќи ќе ја одредат рамката за европската перспектива на земјата, оценува Илхан Ќучук, известувач на Европскиот парламент за Сев

Се поздравува и целосното усогласување на земјава со надворешната и безбедносната политика на Унијата - вклучително и нејзиниот јасен одговор на агресијата врз Украина - во согласност со рестриктивните мерки на ЕУ кон Русија и Белорусија.

Предлог-документот, кој е на десет страници, ги повикува креаторите на политиките во земјава да поттикнат национален консензус за интеграцијата во ЕУ и да работат на амбициозната цел за исполнување на критериумите за членство во Унијата до 2030 година.

Ќучук изразува загриженост за „непотребното одложување на процесот на пристапување“ и ја нагласува „потребата да се зајакне транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на процесот, вклучително и неговата парламентарна димензија“.

Во извештајот се поздравува „добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Северна Македонија“ и се повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

Во текстот се нагласува и посветеноста на земјава за позитивна дипломатија и добрососедски односи и се повторува целосната поддршка за доследно спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договорот со Грција, но се предупредува и на „обидите за поткопување на билатерални односи“ и се изразува жалење за сите „внатрешни и надворешни дејствија што ја поткопуваат стабилноста и го загрозуваат регионалното помирување“.

Во Нацрт-извештајот се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи и на враќање на довербата и соработката во меѓусебно почитување и во дух на добрососедство. До носителите на политички одлуки и до општествата во Бугарија и Северна Македонија се упатува апела да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство и се изразува поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог со цел со добра волја да се решат билатералните разлики.

Известувачот, исто така, ги поддржува напорите за постигнување договор за уставни измени кои би вклучиле дополнителни заедници во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.

На Предлог-извештајот се поднесени дури 320 амандмани на 161 страница, од кои 50-тина се од бугарски европратеници.

Со своите амандмани, бугарските европратеници се обидуваат да во Извештајот да вметнат свои ставови и критики за земјава со оценки за постоење на „говор на омраза“ кон Бугарија и Бугарите, како и за „дискриминација, вознемирување, закани и насилства“ врз припадниците на бугарското малцинство. Меѓу останатите, со овие амандмани се прави обид да се исфрли делот од извештајот во кој се бара преговарачкиот процес да не се злоупотребува за решавање на билатерални спорови, а наместо тоа да се вметне спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како услов за прием на земјава во ЕУ. Со амандманска интервенција се прави обид и во заклучоците да се вметне дека во земјава е нарушена безбедносната состојба со присуство на повратници на Исламската држава и на вехабисти, како и дека има зголемено турско, иранско и кинеско влијание.

Во амандман на хрватска пратеничка се бара еднаков пристап до политичко учество, образование и јавна администрација на припадниците сите етнички заедници во земјава, а грчки европратеници бараат наместо „взаемна имплементација“ на договорите со Грција и Бугарија да стои „имплементација со добра волја“.

Холандската европратеничка пак предлага амандман со кој се осудува говорот на омраза и заканите што доаѓаат екстремни бугарски политичари кон земјава, како заканите упатени кон претседателот Стево Пендаровски и ширењето на идеи за Голема Бугарија, кои се оценуваат како спротивно на европските вредности и дека ги нарушуваат добрососедските односи.

Истата европратеничка бара целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик и историја од страна на сите земји членки на ЕУ, спорот околу историјата да се решава надвор од преговорите за членство, како и да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени.

На дневниот ред на ова заседание на АФЕТ е и гласањето по Извештајот за напредокот на Албанија, за рамковните договори на ЕУ со Тајланд и Малезија и за политиката на Унијата за заштита на новинарите во светот, а, меѓу останатото, ќе се расправа и за геополитичкиот дијалог за ИПА З, за односите меѓу Ерменија и Азербејџан, најновиот развој на настаните во регионот на Блискиот Исток, за состојбите во Тунис и ДР Конго, како и за Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Велика Британија и за односите на Унијата со Латинска Америка. сп/са/

Остани поврзан