Кац: Израел нема да се повлече од териториите што ги контролира во Либан
- Кац изјави дека Израел планира „на неодредено време“ да остане на териториите што ги контролира во Либан, како и во Сирија и во Појасот Газа.
Тел Авив, 15 јуни 2026 (МИА) – Израел нема да се повлече од териториите што ги зазеде во Либан, а доколку Иран го нападне Израел поради случувањата во Либан, израелската армија ќе возврати, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Изјавата на Кац е првиот официјален коментар од израелска страна по објавувањето на договорот меѓу САД и Иран. Двете земји планираат да се сретнат в петок во Женева за да го потпишат документот, соопшти Пакистан, кој посредува во преговорите.
Кац изјави дека Израел планира „на неодредено време“ да остане на териториите што ги контролира во Либан, како и во Сирија и во Појасот Газа.
Според информациите, Иран го условил привремениот договор за војната со прекин на израелските напади врз „Хезболах“ во Либан.
Во изминатите две и пол години Израел воспостави контрола врз територии во Газа, Либан и во Сирија со вкупна површина од околу 1.000 квадратни километри.
Министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, повторно нагласи дека договорот меѓу Вашингтон и Техеран не го обврзува Израел.
- Израел не им е потчинет на Соединетите Американски Држави. Ние сме независна и суверена држава - изјави Бен-Гвир.
Тој додаде дека Израел не е страна во договорот и дека документот не нуди гаранции за безбедноста на земјата.
- Не треба да се повлечеме од ниту една територија во Либан што нашите борци ја освоиле и ја исчистиле од терористичка инфраструктура - рече Бен-Гвир.
Тој предупреди дека секогаш кога Израел попуштал под меѓународен притисок на сметка на својата безбедност, плаќал висока цена.
- Тоа беше случај со Договорите од Осло, со договорот за Либан од 2006 година и со секој период на воздржаност во Газа, по кој следеше нова ескалација - изјави тој.
Бен-Гвир додаде дека Израелците ги ценат односите со САД и се благодарни на американскиот претседател Доналд Трамп, но нагласи дека „Израел не е банана-држава“.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху сè уште не се изјаснил за договорот меѓу САД и Иран, ниту за прашањето за Либан, кое, според изјавата на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, е опфатено со договорот. ссм/
фото: архива