• понеделник, 11 декември 2023

„Катимерини“: „Црвен телефон“ меѓу Атина и Анкара за директен контакт за мигрантското прашање 

„Катимерини“: „Црвен телефон“ меѓу Атина и Анкара за директен контакт за мигрантското прашање 

Атина, 27 септември 2023 (МИА) – Атина и Анкара разговараат за можноста да се воведе „црвен телефон“ преку кој началниците на крајбрежните служби на Грција и Турција директно ќе комуницираат со цел запирање на миграциските бранови, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот пишува дека директната комуникација за оперативните прашања, освен поголема и побрза ефикасност, ќе испрати и порака за соработката меѓу двете земји.

Мигрантското прашање беше една од главните теми на вчерашниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност на Грција, а според „Катимерини“ фокусот бил на „коренот на проблемот што се наоѓа во Турција“, при што било заклучено дека договор со Анкара би бил клучот за намалување на миграциските текови.

-Она што Атина го бара од Анкара е акција на три нивоа: прво, Турција да ги надгледува нејзините граници, второ, да се справи и да се бори со мрежите на криумчарите и трето, да прифаќа враќања. Главните замени што паѓаат на маса се две: освен парите што Анкара ги добива од ЕУ, може да се разговара и за задоволување на долгогодишното барање на Турција што е поврзано со визите. Станува збор за делумна либерализација за земјите од Шенген зоната, која би можела да ги вклучи и островите во Грција кои се клучна дестинација за турските граѓани. Ова прашање сепак ја засега ЕУ. а топката за таков договор се префрла во Брисел, пишува весникот.

Дополнително, споменува дека од почетокот на годинава имало над 30.000 пристигнувања на бегалци и мигранти во Грција, лани беа 18.000, а во 2021 година само 8.000. ср/рп/

Остани поврзан