• сабота, 14 ноември 2026

Кандидатката за шеф на ОЈО ГОКК, Лидија Раичевиќ, најави фокус на проактивно откривање на криминалот

Кандидатката за шеф на ОЈО ГОКК, Лидија Раичевиќ, најави фокус на проактивно откривање на криминалот

Скопје, 13 октомври 2026 (МИА) - Јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, која е кандидат за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), денеска пред Советот на јавните обвинители истакна дека наместо програми, на Обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривичните дела.

Образложувајќи ја својата кандидатура, Раичевиќ оцени дека јавните обвинители не смее да се потпираат исклучиво на случаи откриени од полициските структури, туку мора и самите активно да учествуваат во откривањето на криминалот.

- Јас ја нудам својата стручност во делот на откривање на кривичните дела, тоа е функција што јавниот обвинител ја има запоставено - изјави Раичевиќ.

Таа посочи дека Обвинителството мора да има поширок увид во криминалните појави во општеството и да развива сопствени капацитети за нивно препознавање и гонење.

- Не може севкупниот криминал да се гони само по откривање полициски структури. Јавниот обвинител треба да ја знае структурата на криминалот во општеството - нагласи Раичевиќ.

Во своето обраќање таа истакна и дека изборот на раководител на ОЈО ГОКК е важен не само за институцијата туку и за кредибилитетот на обвинителската функција во државата повикувајќи ги членовите на Советот да одлучуваат според сопственото убедување.

Осврнувајќи се на модернизацијата на Обвинителството, Раичевиќ рече дека е потребно унапредување на техниките на работа, дигитализација и подобро поврзување со другите институции, но оцени дека тоа не смее да биде единствената цел.

- Базата на нашето постигнување е постигнување два квалитети - да не остане непокриен криминалитет, а од друга страна, да бидат запазени правата на човекот - рече Раичевиќ. ар/са/

Фото:МИА