• сабота, 20 април 2024

Каевски: Голем број пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието

Каевски: Голем број пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието

Скопје, 25 март 2023 (МИА) - Сите пратеници од владејачкото мнозинство и голем број пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието, смета пратеникот на СДСМ и портпарол на партијата Дарко Каевски.

-Верувам дека кога ќе влезе процесот во Собранието ќе бидете уверени дека сите пратеници од владејачкото мнозинство, вклучувајќи голем број пратеници и од опозицијата, ќе бидат за, со аргументи и ставови за уставните измени, затоа што се важни за европскиот напредок на државата, важни се затоа што сме ветиле пред граѓаните дека ЕУ е наша децениска аспирација и ние како политичари од оваа генерација сме должни тоа да го оствариме, рече Каевски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Во врска со изјавата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека овој Парламент нема мандат да го менува Уставот и дека тој ќе ги истрпи сите притисоци, Каевски рече дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат преку спинови и лажни соопштенија да го одвлече притосокот што го има од неговите поддржувачи во ВМРО-ДПМНЕ“.

-Од неговите поддржувачи во ВМРО-ДПМНЕ коишто се убедени дека европскиот пат е и единствениот пат на оваа држава и дека уставните измени мора да се случат и оттука се таквите тенденции и таквите коментари, рече Каевски. хс/лв/

 

 

Остани поврзан