• петок, 20 јуни 2025

Зеленски: Светот мора да одговори ако Русија не се согласи на прекин на огнот

Зеленски: Светот мора да одговори ако Русија не се согласи на прекин на огнот

Тирана, 16 мај 2025 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците да воведат повеќе санкции кон Москва доколку Русија не се согласи на безусловен прекин на огнот за време на тековните разговори во Истанбул.

- Наш приоритет број еден е целосен, безусловен и чесен прекин на огнот. Ова мора да се случи веднаш за да се запре убивањето и да се создаде цврста основа за дипломатија, рече Зеленски, обраќајќи им се на лидерите на самитот на Европската политичка заедница во Тирана.

Доколку руските претставници во Истанбул не се согласат на прекин на огнот, тогаш „светот мора да одговори“, рече тој.

- Потребна е силна реакција, вклучително и санкции за рускиот енергетски сектор и банки, додаде Зеленски.

- Притисокот мора да продолжи да расте додека не се постигне вистински напредок. Украина е подготвена да ги преземе сите реални чекори за да ја заврши оваа војна. Го повикувам (рускиот претседател Владимир) Путин да и даде вистински авторитет на својата делегација, нагласи украинскиот претседател.

Зеленски истакна дека „украинската делегација има мандат да носи одлуки“.

- Оваа недела имавме вистинска шанса да преземеме важни чекори кон завршување на оваа војна. Само кога Путин не би се плашел да дојде во Турција, рече украинскиот претседател, алудирајќи на отсуството на Путин од преговорите. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан