• четврток, 26 септември 2024

Започнува 78-то издание на Меѓународниот технички саем во Пловдив

Започнува 78-то издание на Меѓународниот технички саем во Пловдив

Софија, 25 септември 2024 (МИА/БТА) - Во Пловдив беше отворен 78-от Меѓународен технички саем, на кој учествуваат директни производители и трговски претставници од 25 држави. Тие претставуваат модерно еколошко градежништво, машинство, енергетика, дигитални технологии во производството, домот и трговијата, тешка техника, хибридни транспортни средства и беспилотни летала.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Во својот говор при отворањето, заменик-министерот за економија и индустрија, д-р Давид Сукалински, ја истакна важната улога на бугарската индустрија во економијата на земјата.

„Бугарската индустрија има исклучително важна улога во нашата економија, бидејќи нејзиниот придонес кон бруто домашниот производ е речиси 20 проценти. Во изминатата година, додадената вредност, создадена од индустријата, изнесува 10,7 милијарди евра. И покрај бројните кризи на глобално ниво, бројот на работните претпријатија во бугарската индустрија е околу 30.000 и е релативно стабилен во последниве години. Приоритетните цели на владата за развој на индустријата се фокусирани на намалување на јаглеродниот отпечаток, зголемување на дигитализацијата на производствата, подобрување на ресурсите и енергетската ефикасност, како и воведување на кружни модели на производството“, рече министерот Сукалински.

Овогодинешното издание на Техничкиот саем е посветено на сектори од индустријата кои стануваат сè поважни за економијата, како што се дигиталните технологии, градежништвото, авиоиндустријата, машинството, како и индустриите поврзани со развојот на кружната економија и екопроизводството. Во своето излагање, заменик-министерот посочи дека овие сектори имаат значителен потенцијал за создавање додадена вредност и нови работни места, поттикнување на иновации, како и за промовирање на извозот и инвестициите.

Неколку зборови по повод отворањето на саемот кажа и доц. д-р Иван Соколов, главен директор на Меѓународен саем Пловдив.

„Во сложените и динамични економски услови, се трудиме да бидеме корисни за индустријата и да создадеме можности за нејзиниот развој. Меѓународниот технички саем е таква иницијатива која ги поддржува субјектите и нивната активност. Целта на ова издание е да придонесе за размена на идеи и решенија, да поттикне инвеститорски партнерства, да ги популаризира иновациите во и за бизнисот. Се очекуваат силни експозиции во машинството, енергетската ефикасност, технолошкото производство, секторот за електромобили и беспилотните летала“, рече доц. Соколов.

И оваа година ќе се одржи Меѓународниот конкурс за иновативни производи со висок квалитет, кој стана традиција на најстарото индустриско изложување во земјата. Жири составено од специјалисти од Државната агенција за метрологија и технички надзор ќе ги одреди лауреатите на 78-то издание. Добитниците на наградата ќе бидат објавени на свечена церемонија, која ќе се одржи утре во салата „Пловдив“ на Конгресниот центар во Пловдивскиот саем.

Бугарскиот бизнис сè повеќе се потпира на свои рационални решенија, кои успешно ги воведува во својата активност. Меѓу кандидатите за златни медали со диплома се машини, технологии, дигитални разработки за контрола и управување на различни процеси. Се истакнуваат производи со сеизмичка заштита и мобилни можности, теренска техника, техника за чистење на урбани средини и други, наведуваат организаторите.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан