• среда, 29 ноември 2023

Завршни активности од проектот „Зелен кајак“ во Струга

Завршни активности од проектот „Зелен кајак“ во Струга

Струга, 23 септември 2023 (МИА) - Под мотото „Биди еко-спортист, придонеси природата да расне!“ денеска и утре во Струга ќе се одржат завршните настани од европскиот проект „Зелен кајак“, во организација на кајак кану клубот „Дрим“.

Целта на проектот, чиј носител е организацијата „Младинфо“, а финансиран од Европската унија, како дел од програмата ЕРАСМУС, е зголемување на свеста за борба против загадувањето на природата практикувајќи еко-спортови на вода.

Според најавата, денеска на „Машка плажа“ ќе се одржи еколошка работилница и еко-регата во која ќе учествуваат поединци кои поседуваат опрема за веслање (СУП, кајак, кану). Предвидено е и чистење на крајбрежниот појас на Охридското Езеро и реката Дрим, а победник ќе биде оној кој ќе собере најголема количина отпад за зададено време.

- Предвидени се и мини обуки за управување на кајак за сите заинтересирани посетители на настанот, а спроведени од професионални тренери од Србија, Хрватска, Бугарија и од Македонија, соопшти проектниот координатор Јана Лахтова Стаматовски.

Во рамките на програмата, за утре е предвидена Меѓународна натпреварувачка кајак регата, на која ќе учествуваат кајак клубови од земјава и соседството. сс/вг/

Фото: постер ККК Дрим

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан