• среда, 20 мај 2026

Заврши седуммесечниот Американско-македонски клуб за културна размена

Заврши седуммесечниот Американско-македонски клуб за културна размена

Пехчево, 6 мај 2026 (МИА) – Американско-македонскиот клуб за културна размена, иницијатива на Општина Пехчево, го заокружи своето седуммесечно функционирање, оставајќи значаен белег во образовниот и културниот развој на младите во општината.

Проектот, целосно финансиран од локалната самоуправа, се реализираше во рамки на ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево, со поддршка на партнери и волонтери од повеќе институции.

-Неговата цел беше да го поттикне учењето на англискиот јазик и да ја продлабочи културната размена меѓу учениците, информираа од училиштето. 

Во текот на програмата, повеќе од 120 ученици од прво до деветто одделение учествувале во различни воннаставни активности, прилагодени според возраста.

-Активностите опфатија развој на говорни вештини по англиски јазик, интерактивно учење преку игри инспирирани од американскиот образовен пристап, како и работа на заеднички проекти со ученици од Соединетите Американски Држави, додадоа од ООУ „Ванчо Китанов" Пехчево.

Завршницата на проектот беше одбележана на 4 и 5 мај, кога околу 80 ученици добија сертификати за нивната посветеност и континуирано учество, а во рамки на настаните беше одржан и евалуациски состанок на проектниот тим, на кој беа разгледани резултатите, предизвиците и идните насоки.

Градоначалникот на Општина Пехчево Александар Китански оцени дека проектот претставува значаен чекор кон унапредување на јазичното образование и меѓукултурното разбирање кај младите, додавајќи дека ваквите иницијативи ќе продолжат и во иднина. вс/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан