• четврток, 28 март 2024

Заврши мултинационалната вежба „Брз одговор“ на Криволак, демонстрирана обединетост на НАТО

Заврши мултинационалната вежба „Брз одговор“ на Криволак, демонстрирана обединетост на НАТО

Скопје, 29 мај 2023 (МИА) - На Криволак денеска се изведе најголема мултинационална вежба „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во државава и со која се демонстрира обединетост на НАТО.

Вежбата успешно беше завршена од страна на нашата Армија заеднички со три НАТО армии – САД, Албанија и Црна Гора и земја партнер на НАТО – Косово.

-Заедно ги покажуваме нашите вредности и потенцијали, а тоа е суштината на НАТО преку заеднички акции да се обезбеди индивидуалниот и општиот мир за сите. Република Северна Македонија не е веќе објект на геополитичка сцена, туку субјект кој активно учествува во носење на одлуки на иста маса со светски супер сили, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по изведба на вежбата.

Ова, како што рече Ковачевски, е најдобар демант за тие кои беа против зачленување во НАТО пред три години.

-За Северна Македонија зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните приоритети. Со договорот за ФРОНТЕКС и зачленување во НАТО ги заштитивме нашите идентитетски одредници, нашиот јазик и нашата култура. Нашата држава е посилна и постабилна од кога било, и политички и економски, порача Ковачевски.

Тој испрати порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над, како што рече, нашите политички, идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурна иднина за сите нас и идните генерации. 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска нагласи дека брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив, како што порача, мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници. 

-Ниту една држава, ниту една Армија не може да бидат врвни доколку не се здружени. Нашето единство во НАТО е нашата сила. Во НАТО чекориме рамо до рамо обединети со прогресивните сили на светот и нашиот партнер САД подготвени да одговориме на заканите без оглед на тоа од каде доаѓаат, рече Петровска.

Придобивките од сојузништвото во НАТО, како што рече, се пред се за граѓаните и нивното чувство на припадност, безбедност и сигурност. 

-Солидарноста е клучот на успехот и напредокот особено во тешки времиња. Силата е во различностите, во секоја смисла. Секој успех е заеднички успех, рече Петровска. свд/мс/

фото: МИА, Влада

Остани поврзан