• понеделник, 13 јули 2026

Животните приказни на Братислав Димитров: Мемоарите на еден пензиониран летувалец

Животните приказни на Братислав Димитров: Мемоарите на еден пензиониран летувалец

Скопје, 15 јуни 2026, (МИА) 

Братислав ДИМИТРОВ

(„Ем да плашчам ем да страдам“)

дедо ми Томе Паговски

Еден стар виц повторно е актуелен. Еве како изгледа таа фина конверзација помеѓу двајца денешни летувалци: „Каде летово нема да одите на одмор?“ - прашува едниот, а другиот одговара: „Нема да одиме во Дубаи. Минатата година не бевме во Шпанија, а ниту пред две години. Па ред е малку да промениме. Во меѓувреме, и светот се промени.

Денес, овој виц е стварност, а стварноста сè повеќе е виц. Некои професионални манџии ми замеруваат дека немам доволно почит кон животот. Толку имам. Мојот професор по предметот „метафизичка болка“, Емил Сиоран, е далеку построг. Оставаше на полагање секого што не го знаеше неговото учење: „Покрај тоа што е темелна заблуда, животот пред сè е недостиг на вкус кого не успеваат да го поправат ни смртта, па дури ни поезијата“. 

И со поезијата се претера. Ако. Ѝ личи. Поезијата е вселенска инфузија, а нејзината содржина е тоа што го видел Џон Милтон додека бил слеп. Не знам како се храните вие, ама јас не можам без поезија колку и да се трудам. Многу сум по тоа духовната храна, жими тебе. Ниту најстрогата диета не може да го намали мојот гурманлук. За појадок си каснувам метафора. Ужинка ми е алегорија. За ручек се гоштевам со хипербола. А навечер обилно мезам стилска фигура, да ми извините на поетската слобода.  

Не е лесно да контрираш некому со километарско име, Јохан Волфганг фон Гете. Јас како искусен паталец ве уверувам дека неговата книга „Страдањата на младиот Вертер“ е четиво за градинка, максимум осмолетка. Барем кога ќе се спореди со историјата на нашите летувања. И јас сум дел од големата армија туристи фундаменталисти, кои се жртви на митот познат како „летување“. Сè до овој момент, никој паметен не успеал да објасни. Што е тоа што луѓето ги тера да го напуштат своето удобно домашно огниште за да ги посетат масовно оние „туристички места“ кои се современи логори на тортура.   

Како беше во мое време? Во мое време еднаш беше 1964 година, а јас бев дете. Какво дете? Не поставувај такви прашања, не сме дојдени тука да се вреѓаме. За разлика од денес, тогаш летувањето беше масовна појава. Носевме милион непотребни работи заради филозофијата: „Нека, ќе се најде. Ни јаде ни вода пие“. Натоварени како магариња, се влечкаме накај автобуската станица на „Партизанска“, задња пошта Тафталиџе.

Првото море што го видовме беше во Улцињ, Црна Гора. Се одеше со автобус преку планината Чакор. Земјен и тесен пат. Кога ќе се сретнеа два автобуси во обратен правец, едниот мораше да се враќа во рикверц за да може да се разминат. Тогаш ова патување траеше подолго отколку денес да скокнеш до Сејшели или некој друг џенем. Одевме на „Велика плажа“ поради ситниот песок, во кој се закопувавме комплетно. Од нас се ѕиркаа само ококорени очи. Се летуваше насекаде и секој. Со феријалци, извидници, синдикални одморалишта, приватни соби и во вреќи за спиење. Тогаш нѝ ветуваа скоро пристигнување на комунизмот. Во меѓувреме, измислуваа разни варијанти: диктатура на пролетеријатот, самоуправен социјализам, социјализам со човечки лик... И еден ден, наместо комунизам, ни пристигна капитализам! И овие многу ги бидува да смислуваат. Првин беше демократски капитализам, а по либерален, корпорациски, а еве сега и воен. Едноставно, ти доаѓа да зажалиш дека не живееш во камена доба, ако веќе не можеш во јура или креда.

Шоферот секогаш застанува до кафеана, каде што користи бесплатни чорби, џигери и гајба пиво. Башка тоалетот, што само за нас патниците важи наплата за мала или голема нужда. Откако на шоферот ќе му завиткаат во весник нешто за по пат, тргнуваме. И, конечно, стигнавме. Влегува четиричлена фамилија во „приватен смештај“. На терасата има маса само со две столици. На масата нема пепелник. На никој не му паѓа на памет да го побара проклетиот пепелник затоа што газдата одма ќе ја промовира собата во висока А-категорија. А и темата за вклучување на бојлерот се одлага. За да не предизвика засилена деноноќна стража околу тој стратешки објект.   

Во острата идеолошка борба социјализмот измисли институција познато под терминот „репете“. Сите ја користеа таа погодност затоа што во тоа време ако не се вратиш од одмор поправен барем неколку кила, џабе си арчел пари. На плажа сме. Тука сè уште никој не слушнал за последниот научен пронајдок „кабина за пресоблекување“. Ѕенѕаме и цупкаме со пешкир околу половината додека ги облекуваме или соблекуваме гаќите за капење. Крпата понекогаш знае и да падне, наоколу секогаш има љубоморни мажи а на сите нас ни е преку глава од скандали. Законот на физиката налага: најгласната фамилија со шест деца, две кучиња и свекрва, секогаш да се смести точно на два сантиметри од твојот пешкир.

Само што ќе стапнеме на плажата, почнува натпреварот кој повеќе ќе поцрни. Лежиме на врелата летна рингла до стадиум на ќумур, крека. Еднаш спомнав, ама малку е. По цел ден јадеме и се печеме на сонце. Летувалец што не ја излупил својата кожа барем еднаш исто како да не бил на одмор. Навечер офкаме и ставаме кисело млеко на нашиот лик и тело. Патем се колнеме дека доколку не можеме без летување, ќе одиме на зимување! 

Денес се летува за да има што да се објави на „Фејсбук“ и да пукнат душманите. Денешните модерни летувалци, откако ќе ја напуштат родната грутка, веднаш влетуваат во ресторан и се сликаат. За да видиме дека во светот се јадат и други јадења, освен грав и ѓеврек.  

Еве што друго пишува во мемоарите на пензионираниот летувалец:

„Ако си фамилијарен човек, на летување сфаќаш дека твојот „мирен одмор“ значи дека децата се караат на друг песок. Летувањето треба да биде доволно долго за шефот да те сожали, но не толку долго за да открие колку долго може без тебе. 

Одморот е кога немаш ништо да правиш и цел ден го правиш тоа. Македонецот патува во странство за да најде ресторан со ќебапи и после да каже: „Нашите се подобри“. Помеѓу нив има и почитувачи на филозофијата на Сократ: „Знам дека не знам каде ми е пасошот“. Има и Ничеанци: „Бог е мртов. А и хотелот нема WiFi. Вуди Ален еднаш призна: „Одев на одмор да се одморам од себеси. За жал, и јас дојдов“. Ништо не ја загрозува брачната хармонија како заедничкото местење на чадорот за сонце на силен ветер. 

Чарлс Буковски никогаш не бил на одмор, инаку би изјавил: „Најважно во летувањето е да најдеш ладовина и евтино пиво“. Затоа, пак, изјавил: „На летување најмногу одмораат тие што останале дома. Најголем успех е да се вратиш дома со помалку проблеми отколку куфери“. На крајот сите се враќаме дома. Во заседа нè чекаат куп неплатени сметки, климатски, кадровски и други спектакуларни промени“.

Довидување до следната година, со молба до летото да не се појави. И ние малку да одмориме. /дј