• вторник, 09 јуни 2026

Жесток украински напад со дронови врз руска територија како одговор за 24 загинати во Киев

Жесток украински напад со дронови врз руска територија како одговор за 24 загинати во Киев

Москва, 15 мај 2026 (МИА) - Украинската војска во текот на ноќта изведе еден од најжестоките напади со дронови врз руска територија од почетокот на војната, при што социјалните мрежи се преплавени со драматични снимки од огромни пожари и експлозии над повеќе руски градови, јавија светските агенции.

Најтешко е погодена рафинеријата за нафта во Рјазањ, една од клучните точки за снабдување на руската војска со гориво. Нападот следуваше само еден ден по бруталниот руски ракетен удар врз Киев, во кој загинаа најмалку 24 лица, а десетици беа ранети. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно нареди подготовка на „соодветни формати на одговор“.

Во Киев денеска се одбележува Ден на жалост по масовните руски воздушни напади извршени во ноќта кон четвртокот. Спасувачките служби потврдија дека меѓу 24-те жртви има и три деца, додека 47 лица се повредени. Зеленски соопшти дека е предизвикана штета на повеќе од 20 локации во градот, вклучувајќи и цивилна инфраструктура.

Според руски извори и пишувањето на „Киев Индипендент“, во текот на ноќта над Рјазањ се слушнале силни детонации. Рафинеријата во овој град е меѓу најголемите во Русија, со годишна преработка од над 17 милиони тони нафта. Гувернерот на Рјазањската област, Павел Малков, потврди дека делови од соборени дронови погодиле едно претпријатие и повеќе станбени згради, при што загинале три лица, а 12 се ранети.

Нападите не беа ограничени само на Рјазањ. Чад е забележан и над воениот аеродром во Ејск, во Краснодарскиот крај, а градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека пет дронови се соборени при приближување кон престолнината. Поради опасност од удари, привремено беа затворени аеродромите „Домодедово“ и „Шереметјево“.

Експлозии се пријавени и на окупираниот Полуостров Крим, поточно во градовите Евпаторија и Саки. Украинската војска официјално не се огласи за овие напади, додека руските тврдења не можат независно да се потврдат.

Оваа серија удари доаѓа во време кога Украина ја интензивира кампањата против руската енергетска инфраструктура со цел да ги намали приходите на Москва за финансирање на војната. Рјазањ се наоѓа на околу 450 километри од украинската граница и 180 километри југоисточно од Москва, што ја покажува зголемената способност на украинските дронови за удари длабоко во руска територија. ссм/сд/

фото: принтскрин