Ердоган пред Абас: Турција со сите сили ќе продолжи да ја брани палестинската кауза
- Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Анкара се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за најновите случувања на палестинските територии, како и за билатералните и регионалните прашања.
Анкара, 12 август 2026 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Анкара се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за најновите случувања на палестинските територии, како и за билатералните и регионалните прашања.
По билатералната средба, Ердоган и Абас одржаа заедничка прес-конференција, на која турскиот претседател го критикуваше Израел за односот кон Палестинците и ја потврди цврстата поддршка на Анкара за палестинската кауза.
- Геноцидната влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжува со своите незаконски дејства на Западниот Брег и во Ерусалим пред очите на целиот свет. Во исто време, и натаму се поткопува постоењето на суверена палестинска држава. Невозможно е тоа да се игнорира и да останеме рамнодушни кон ова прашање - изјави Ердоган.
Тој нагласи дека „поддршката за Палестина претставува заедничка одговорност на целото човештво“, а особено на исламскиот свет.
- Турција со сите сили и на сите можни платформи ќе продолжи да ја брани палестинската кауза. Решително ќе се бориме за создавање независна и географски обединета палестинска држава со главен град Источен Ерусалим, врз основа на границите од 1967 година - порача Ердоган.
Палестинскиот претседател Абас последен пат ја посети Турција во август 2024 година, кога оствари средба со Ердоган и се обрати пред турскиот Парламент. На дневен ред на тогашната посета беа напорите за прекин на огнот и за доставување хуманитарна помош за Појасот Газа. ссм/
фото: ЕПА