• четврток, 18 април 2024

Европската Унија и корупцијата: Обвинетиот Италијанец во случајот Катаргејт тврди дека „ќе раскаже сè“

Европската Унија и корупцијата: Обвинетиот Италијанец во случајот Катаргејт тврди дека „ќе раскаже сè“

18 јануари 2023

Би-би-си

Наводниот водач на криминална мрежа вмешана во корупциски скандал во Европската Унија се согласи да открие кои земји биле вмешани и како тоа функционирало.

Адвокатот на Пјер Антонио Панцери рече дека неговиот клиент се согласил да „раскаже сè“ откако постигнал договор со обвинителите.

Поранешниот пратеник во Европскиот парламент е еден од четворицата осомничени кои се во притвор во Белгија.

Тие се осомничени дека примале мито од Катар и Мароко во замена за влијание врз Европарламентот во Брисел.

Катар категорично негираше дека се обидел да стекне влијание преку подароци и пари, додека Мароко, исто така, силно ги отфрли наводите дека барал влијание за прашања како што се правата за риболов и спорниот статус на Западна Сахара.

Четири лица беа обвинети минатиот месец откако полицијата заплени околу 1,5 милион евра во готовина за време на серијата рации во станови, куќи и хотел.

Полицијата објави фотографии од запленетите банкноти од 200, 50, 20 и 10 евра, како и куфер пронајден во хотелот кој бил полн со готовина.

Обвинителите рекоа дека Панцери се согласил на спогодба за признавање на вината според законот за доушници, што е користен само еднаш во Белгија.

Неговиот адвокат, Марк Ујтенделе, рече дека неговиот клиент признал „кривична одговорност“.

- Треба да знаете дека ова е човек кој е уништен и не му останува многу живот, додаде тој.  Но, неговиот клиент се надева дека ќе ја „обезбеди својата ситуација“ со тоа што ќе се согласи да „каже сè што знае за случајот“, рече адвокатот.

Меѓу другите осомничени се актуелната грчка европратеничка Ева Каили, на која ѝ беше одземена функцијата заменик-претседател на парламентот, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и лобистот Николо Фига Таламанка.

Откако Панцери (67) го напушти парламентот, стана шеф на лоби-групата „Борба против неказнивоста“.

Фига Таламанка работела во истата зграда во Брисел за друга невладина организација.

Според изјавата на белгискиот федерален обвинител, поранешниот член на Европскиот парламент се согласил на спогодба за признавање вина според законот направен според прописите на Италија според кои покајниците-криминалци или „пентитите“ стануваат државни сведоци.

Портпаролот рече дека му се заканува една година затвор, а не „многу потешка затворска казна“, како и парична казна и конфискација на имот од еден милион евра.

За возврат, од него ќе биде побарано да даде детали за тоа како функционирала мрежата, какви биле финансиските аранжмани со земјите за кои станува збор и „вклученоста на познати и непознати лица во истрагата, како што е идентитетот на лицата за кои вели дека биле поткупени“. .

Договорот за признавање вина беше објавен еден ден откако италијанскиот суд се согласи да ја екстрадира ќерката на поранешниот европратеник, 38-годишната Силвија Панцери, под сомнение за вмешаност.

Истиот суд во северниот град Бреша минатиот месец пресуди дека сопругата на Панцери, Марија Колеони, исто така може да биде екстрадирана, но највисокиот апелационен суд на Италија ќе ја донесе конечната одлука за тој случај.

Двете жени во моментов се во домашен притвор и ги негираат обвиненијата за корупција и перење пари.

Грчката европратеничка Ева Каили, која исто така негира вмешаност во овој случај, е осомничена заедно со други за примање мито од Катар во замена за влијание врз креирањето политики на ЕУ.

Според некои медиуми, нејзиниот партнер Франческо Џорџи минатиот месец признал дека учествувал во недозволени активности.

Сепак, спомнувањето на „непознати луѓе“ во истрагата сугерира дека ќе има повеќе откритија.

Обвинителите веќе побараа да им се одземе имунитетот на уште двајца пратеници од левиот центар, Белгиецот Марк Тарабело и Италијанецот Андреа Козолино.

Адвокатите на двајцата европратеници негираа дека имале некаква улога во скандалот, но барањето го разгледува парламентарната комисија за правни прашања. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан