• недела, 14 април 2024

Дуќанџии од кумановски „Гарнизон“ без струја

Дуќанџии од кумановски „Гарнизон“ без струја
Куманово, 16 февруари 2023 (МИА) - Осумнаесет дуќани од првиот кат на „Гарнизон“ Куманово четврти ден сè без електрична енергија, бидејќи се случил дефект на канализациската мрежа во стан и нивните електрични броила биле зафатени и отстранети. Тие денеска во изјавата за медиумите побараа брза реакција од ЕВН, бидејќи, како што кажаа, не можат да работат веќе четврти ден и се во штета.
 
- Најдовме дека е протечено од каналот, сега е санирано. Но сè уште немаме струја, бевме во ЕВН ни бараат потврда да дадеме согласност дека можеби ќе треба да се менуваат електричните броила, не знаеме што да правиме. Поплавата е од стан, реагиравме до станарите и до управителот. Тој ни рече дека ние не сме под нив и го решија проблемот со каналот, но ние сега сме без струја. Водата од горе е низ дуќанот и зафатени се броилата. ЕВН велат да викнеме фирма која е лиценцирана, да обезбеди дека тие ќе дојдат да ги сменат броилата или колективно да се собереме сите да ја земеме одговорноста доколку се уништени ние да ги платиме. Ние немаме одговорност, не сме криви, ние сме во штета, четири дена не работиме. Дуќаните се под кирија. Се видовме со фирмата управител, тие испратиле молба до ЕВН и да се види што ќе се направи, изјави Ридван Селими, сопственик на дуќан.

Од ЕВН денеска кажаа дека во мерниот ормар има вода.

- За да може да се приклучат повторно во мрежата, сопствениците се известени дека треба да ја проверат внатрешната инсталација и да обезбедат потврда дека истата е во ред, велат од ЕВН.

И од фирмата управител информираа дека добиле пријава за дефект на канализациска мрежа, која се однесува на цел локалитет „Гарнизон“ од станари со кои склучиле договор за управувачки работи. Оттаму потврдија дека излегле во пресрет, иако не е нивна надлежност, бидејќи, дуќанџиите не склучиле договор со нив, но сепак доставиле барање до ЕВН, писмено да одговори за процедура за повторно пуштање на електрична енергија во овој дел од „Гарнизон“.

  • Од наша страна, иако управуваме само со еден влез од локалитетот „Гарнизон“ којшто освен нашиот влез ги вклучува сите други деловни простории и усте една, станбена единица управувана од друг управител, веднаш беа преземени мерки за отстранување на дефектот. Ги ангажиравме од ЈП „Водовод“ и приватно стручно лице кои работеа три дена и кои нè информираа дека се работи за дефект од поголеми размери. Во меѓувреме го информиравме и надлежниот инспектор за домување кој изврши увид на фактичката состојба и остваривме состанок по кој добивме насоки за понатамошна постапка. Уште еднаш нагласуваме дека се работи за дефект од поголем размер со кој е опфатен поголем број на деловни простории со кои немаме склучено договори и не им фактурираме за нашите услуги, велат од „Вектор Плус“.

Од општинскиот инспекторат за домување велат дека извршиле увид на местото, оствариле контакт со управителот, дале насоки за решавање на проблемот, кој мора да оди со писмено барање до ЕВН, но пред сè отстранување на дефектот. Од инспекторатот му наложиле на управителот да го контактира сопственикот на посебниот дел од каде потекнува дефектот, да се изврши вештачење на местото од стручни лица за да се дојде до последна заклучок за проблемот. Исто така, наведуваат од инспекторатот дека деловните простории кои и припаѓаат на зградата, задолжително треба да учествуваат во наплата на тековно одржување и резервен фонд. ам/цр

Остани поврзан