• среда, 29 ноември 2023

Донаторска акција за поддршка на образовните потреби на деца од рурални средини

Донаторска акција за поддршка на образовните потреби на деца од рурални средини

Скопје, 24 септември 2023 (МИА) - На иницијатива на Синдикалната организација на Народната банка, во соработка со нивните колеги од СФОМ и синдикалните организации на деловните банки, била организирана донаторска акција за подобрување на условите за настава за децата од селото Дреновци.

Како што соопшти Народната банка, нивните вработени  масовно се вклучиле и одговориле на повикот за донација кој бил поттикнат од новинарска сторија за тешките услови во кои живеат и учат децата во ова мало прилепско село.

-Училишниот прибор и опрема коишто беа собрани за време на донаторската акција им беа предадени на учениците и наставниците од селото Дреновци, при нивната посета на Народната банка, во чии рамки тие го посетија и Музејот на Народната банка, каде што имаа можност да ги видат најстарите монети коишто се дел од нашето вредно културно наследство.  Учениците и нивните наставници се сретнаа и со вработените од централната банка кои работат во доменот на финансиската едукација, кои накратко им пренесоа дел од знаењата за функционирањето на финансискиот и банкарскиот систем на нашата земја, соопшти Народната банка. 

За време на посетата, групата ученици и наставници се сретнале и со раководството на Банката и во разговор со гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, биле запознаени со работењето на централната банка.

-Притоа беа истакнати заложбите на вработените и на институцијата за градење образование коешто отвора можности за развој на секое дете и поединец, како придонес кон поголем економски раст и развој на земјата. Токму финансиската едукација е еден од стратегиските приоритети на Народната банка, при што посебно внимание ѝ се посветува на едукацијата на младите, како носечки столб на иднината на општеството, се наведува во соопштението. хс/мд

Фото: Народна банка на Република Северна Македонија 

 

Остани поврзан