• вторник, 06 октомври 2026

Десетици илјади луѓе се собраа во Приштина во знак на поддршка на припадниците на ОВК

Десетици илјади луѓе се собраа во Приштина во знак на поддршка на припадниците на ОВК

Приштина, 12 септември 2026 (МИА) – Десетици илјади луѓе денеска се собраа на плоштадите во Приштина, каде што се одржа „Маршот на слободата“ во знак на поддршка на припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК), во пресрет на објавувањето на конечната пресуда на Специјализираните совети во Хаг по обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото, пренесоа регионалните медиуми.

Пред свечената бина и по целата должина на шеталиштата во главниот град беа истакнати знамиња на Косово, Албанија и ОВК, како и пароли со кои се велича нивната борба. Покрај фотографиите на обвинетите поранешни раководители на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – стоеја натписи „Слободата има име“.

Елиза Хоџа, членка на платформата „Слободата има име“ и една од организаторките на настанот, истакна дека денеска се маршира за оние кои се осмелиле да направат повеќе од мнозинството граѓани.

- Денеска маршираме со ОВК, за ОВК, затоа што ОВК нè обединуваше, нè обединува и денес, нè обединува засекогаш -  рече Хоџа, пренесува Бета.

Претседателот на Организацијата на воените ветерани на ОВК, Хисни Гучати, изјави дека собирот не е организиран за одбрана на поединци, туку за одбрана на вистината на еден народ кој се борел за опстанок, слобода и државата Косово.

- Денеска овде не се собравме да браниме поединец, туку се собравме да ја браниме вистината на еден народ кој се бореше да преживее, да биде слободен и да ја изгради нашата држава -  рече Гучати.

Поддршка изрази и претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, кој истакна дека Косово ја памети, ја почитува и ја брани жртвата на ОВК.

- Денеска на овој плоштад во Приштина не гледам само илјадници граѓани, туку го гледам Косово. Ги гледам луѓето кои го одржаа Косово во живот во најтешките денови, ги гледам семејствата кои платија висока цена за слободата - изјави Хамза. ссм/

фото: ЕПА