Делчево го освои пехарот во ПХВ програмата – шест волонтерски проекти добија највисоко признание „сонце“
- Општинската организација на Црвен крст – Делчево е најуспешна во циклусот 2026, откако сите реализирани проекти беа оценети со највисоката ознака за долгорочен придонес во заедницата
Делчево, 10 јуни 2026 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст – Делчево го освои пехарот за најуспешна реализација на Програмата за промоција на хумани вредности (ПХВ) за циклусот 2026, откако младите волонтери реализираа шест проекти, а сите беа оценети со признанието „сонце“.
Според објавените резултати, годинава на национално ниво биле реализирани вкупно 195 мали проекти, што е рекорд во последните десет години. Од нив, 57 ја добиле оценката „сонце“, која се доделува на проекти што оставаат значаен и долгорочен придонес во локалната заедница.
Од Општинската организација на Црвен крст – Делчево го истакнаа задоволството од постигнатиот успех.
-Пехарот оваа година е во Делчево каде младите волонтери реализираа шест проекти и сите беа оценети со „сонце“. Овој резултат е потврда за нивната посветеност, хуманост и искрената желба да придонесат за подобрување на животот во локалната заедница“, велат од организацијата.
Со шест проекти оценети со „сонце“, Делчево се најде на врвот на листата, пред Тетово со пет вакви признанија, додека третото место го делат Свети Николе и Демир Хисар со по четири проекти.
Од Црвениот крст посочуваат дека волонтерскиот ангажман на младите продолжува и понатаму преку Клубовите на млади, придонесувајќи за јакнење на членството и развојот на хуманите активности во локалните заедници.
Успехот на делчевските волонтери претставува едно од најголемите признанија за нивната работа во рамки на ПХВ програмата и потврда дека младинскиот активизам може да создаде видливи и трајни позитивни промени во општеството. вс/вј/
Фото: МИА