• сабота, 20 април 2024

Делегации на УНЕСКО и на Бернската конвенција до крајот на месецов во Охрид во увид на сработеното

Делегации на УНЕСКО и на Бернската конвенција до крајот на месецов во Охрид во увид на сработеното

Охрид, 18 април 2023 (МИА) – Претставници на УНЕСКО и Бернската конвенција кон крајот на месецов ќе престојуваат во земјава, ќе направат увид на ситуацијата во Охрид, што е сторено во насока на исполнување на препораките за заштита на природното и културно-историското наследство.

Иако и централната и локалната власт декларативно се за задржување на статусот што Охридскиот регион го има во УНЕСКО и тврдат дека работат во насока на исполнување на препораките,  ситуацијата на терен дава поинаква слика, дека малку се води сметка за вредноста на брендот што го носи печатот на УНЕСКО.

Во изминатите години, особено последните неколку децении, забрзано се менува ликот на градот и крајбрежјето, особено се видливи промени во изгледот на Старото градско јадро. Независно што тој дел на  градот е заштитен со Закон како културно наследство од особено значење, сепак, во градот се забележливи интервенции за кои се однесуваат голем дел од препораките од УНЕСКО, односно недоволно спроведени активности за запирање на континуирана ерозија на атрибутите што го детерминираат регионот како Светско културно и природно богатство.

Комитетот на УНЕСКО на последната пленарна сесија пред две години побара сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Со одлуките од Кина се бара од С Македонија и Албанија оваа година до Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на посочените забелешки. Во документот беше нагласено дека доколку до 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО закажан за оваа година не бидат анулирани постоечките закани по Охридскиот регион и неговите исклучителни вредности, останува отворена опцијата за поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Работите во периодот пред состанокот во Кина се помрднаа од мртва точка, спроведени беа одредени активности, се отстрануваа дивоградби и урбана опрема од крајбрежјето, но остана генерално како впечаток дека се работи бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност.

Во најнапредна фаза е проектот за пренасочување на реката Сатеска како загадувач на езерото во нејзиното природно корито кон Црн Дрим.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, смета дека напредок е постигнат согласно можностите и финансиите на општината, додека по однос критиките дека недоволно се работи за задржување на статусот на регионот во УНЕСКО, вели дека се оркестрирана кампања на поединци.

Според него, градот мора да се развива, посочувајќи примери од Италија, каде се гради и во подрачја заштитени од УНЕСКО.

- Ние како општина Охрид имаме доста направено, посебно последната година, иако и наназад има доста што е направено. Ќе ги презентираме сите наши рпоекти до каде се реализирани, што сме направиле, што сме испроектирале и колку во суштина ние како општина и покрај неможноста со финансии што се сме направиле. Јас се надевам на позитивен исход, вели Кирил Пецаков.

Градоначалникот на Охрид најавува дека оваа сезона по пауза од две години ќе бидат уредени плажите на источниот браг на езерото, со поставување времена урбана опрема изработена од природни материјали. Притоа нема да бидат дозволени платформи во Езерото ниту какви било други градежни конструкции.

Најгласни и најажурни во одбраната на Охрид и Езерото од човекот и неконтролираната екплоатација се невладините организации и еколошките граѓански здруженија.

Тие се оние што први посочуваат на неправилностите во постапувањето, во односот кон заштитеното добро, во обидите да се изманипулира јавноста од затскриени декларирани заложби за заштита, а впрочем се работи за исполнување на нечии лукративни интереси. 

Јавно го декларираат нивниот став дека впишувањето на Охридскиот регион на листата светско наследство во опасност ќе му овозможи на Комитетот за светско наследство да додели итна помош од Фондот за светско наследство за загрозеното добро. Според нив, „полошо за Охридскиот регион е ова одолговлекување кое го прават македонските институции, на државно и локално ниво, кои препораките доставени уште во 2017 година и назначени како итни се уште не ги имаат исполнето.

И оспоруваниот хотелски објект кај Лагадин повторно ќе се гради, иако неговата изградба е посочена како спорна од УНЕСКО, а вината за тоа кој дозволил тоа да се случи си ја префрлаат меѓусебно локалната и централната власт.

Таквата практика на меѓусебно обвинување на институциите на државно и локално ниво и преплетување на ингеренциите во повеќе наврати доведоа до ситуации што овозможија легализација на дивоградби, неказнивост, остварување придобивки и стопанисување со заштитени ресурси.

Неодамна министерката за животна средина, Каја Шукова, изјави дека Министерството никогаш не давало позитивно мислење по однос проекти во заштитеното подрачје во Охрид, особено ако се работи за крајбрежниот појас, а постојат бројни примери каде токму Министерството за животна средина и просторно планирање постапило спротивно на таквите тврдења.

Општина Охрид неодамна организираше и одржа јавна расправа со претставнците на угостителскиот сектор на која од сопствениците на угостителските објекти беше предочено за потребата од поставување унифицирана урбана опрема, соодветни еднолични реклами изработени од природен материјал, поставување еднобојни тенди на терасите, односно менување на опремата во насока на подобрување на се она што влијае на подобрување на комплетната визура на градот.

Препораките се добри и позитивно би се одразиле врз тоа како изгледа градот во очите на туристите, но тоа е попусто кога во исто време низ централнот градско подрачје се спроведуват зафати што придонесуваат токму за спротивното.

Граѓаните на Охрид се за развој на градот, тоа го покажуваат сите анкети, но истовремено се посочува на непланско работење, реализација на проекти што го нагрдуваат неговиот изглед.

Како такви примери тие ги посочуваат реконструкцијата на улицата „Македонски просветители“, особено начинот на кој е уреден коловозот со калдрмата за која велат дека ниту е практична ниту визуелно наликува на Охрид, неплански изведените паркиралишта за возила, визуелно несоодветното модернистичко осветлување на сообраќајницата.

Како друг пример на несоодветно поставена урбана опрема граѓани на Охрид ги посочуваат неодамна поставените клупи во самиот центар на градот, на плоштадот „Свети Климент Охридски“ и паркот пред Градското пристаниште. Според дел од Охриѓани, таквите клупи не одговараат ниту визуелно ниту практично на декларираните заложби за унифицирана урбана опрема во градот, а секако се во колизија на желбите за поубав изглед на градот пред очите на посетителите.

Александар Бачиќ

Фото: МИА

Остани поврзан