Дебарските пожарникари го одбележаа 20 мај, имале повеќе интервенции од лани
- Можам да искажам само пофални зборови за вашата максимална посветеност и брзите интервенции на поширокото подрачје. Како локална власт, ја имате нашата целосна поддршка. Вашата посветеност ја покажавте и за време на викендот, кога имаше целосен прекин во водоснабдувањето, со ангажираноста за снабдување на институциите со техничка вода. Честит нека ви е Денот, рече меѓу другото градоначалникот Меља.
Дебар, 20 мај 2026 (МИА) - Меѓународниот ден на пожарникарите 20 мај, дебарските пожарникари го одбележаа со бројки кои потврдуваат дека биле повеќе ангажирани споредено со периодот јануари-мај минатата година.
Пред претставници на локалната власт, претставници на полицијата и други институции, командирот на Територијалната противпожарна единица, Џетан Мифтароски, рече дека нивна цел, како единица, е заштита на населението и имотот на подрачјето на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Река.
-Од почетокот на годинава до денес евидентирани се 65 интервенции што е за 23 интервенции повеќе споредено со истиот период минатата година. Дури 70 отсто од интервенциите се пожари на отворен простор. За среќа материјалната штета е мала, како и опожарените површини, рече, Мифтароски.
Порача дека единицата е подготвена и е во служба на населението 24/7 во трите општини.
-Четиринаесетте пожарникари делуваме како едно, никогаш не правиме разлика по никоја основа, никогаш не го делиме населението, интервенираме веднаш по добиена дојава, нагласи тој.
И во оваа прилика тој спомена дека двете соседни општини, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, не придонесуваат во финансирањето на единицата, што им создава финансиски проблеми во работењето.

Градоначалникот на Дебар Фисник Меља им го честиташе денот и искажа пофални зборови и, како што рече, највисока почит за ангажираноста и ефикасноста за храброста, посветеноста и високо чувство на одговорност секогаш се во служба на граѓаните.
-Пожарникарите се тивките херои на нашето секојдневие, луѓе кои се соочуваат со опасност за да спасат животи, да заштитат семејства и да ја зачуваат безбедноста на нашата заедница. Можам да искажам само пофални зборови за вашата максимална посветеност и брзите интервенции на поширокото подрачје. Како локална власт, ја имате нашата целосна поддршка. Вашата посветеност ја покажавте и за време на викендот, кога имаше целосен прекин во водоснабдувањето, со ангажираноста за снабдување на институциите со техничка вода. Честит нека ви е Денот, рече меѓу другото Меља.
Заблагодарувајќи им се на присутните за искажаната чест, Мифтароски, упати апел до граѓаните да бидат повнимателни и посовесни, посебно во претстојниот период, зашто „вниманието и совесноста на сите е повеќе од потребна“. вт/вј/
Фото: МИА