• четврток, 25 април 2024

Дваесетгодишен јубилеј на манифестацијата „Фолклорни средби Брвеница игра и пее“

Дваесетгодишен јубилеј на манифестацијата „Фолклорни средби Брвеница игра и пее“

Тетово, 1 јуни 2023 (МИА) - Културно уметничкото друштво „Брвеница“ годинава одбележува јубилеј 20 години на манифестацијата „Фолклорни средби Брвеница игра и пее“. Јубилејната годишнина ќе се одбележи на 16 и 17 јуни 2023, а покрај домаќините ќе учествуваат и КУД „Брвеница“ од Рашка, Србија, КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, ГАКУД „Браќа Гиноски“ од Гостивар, Здружение на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово, КУД „Младост“ од Кичево и КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.

Дваесет години негување на традицијата, богатото културно наследство, негување на фолклорот – и затоа оваа година покануваме заедно да ја прославиме дваесет годишнината на нашето друштво на културната манифестација „Фолклорни средби Брвеница игра и пее 2023 година“. На 16 јуни, петок манифестацијата ќе започне со ревија на македонски носии во Стенче во дворот на црквата св. Екатерина, презентирани од членовите на КУД „Брвеница“, на која ќе бидат присутни и гостите од истоименото друштво од Рашка, Србија, изјави претседателката на КУД „Брвеница“, Маријана Младеноски.

Таа информираше дека за прв пат по повод јубилејот ќе се организира ревија на македонски народни носии.

- На оваа прва ревија присутните ќе имаат прилика да погледнат дел од оригинални носии од крајот на 19 и почетокот на 20 век, носии од Полошкиот регион и западниот дел од Македонија кои се надеваме дека ќе ги им стоплат душите и ќе ги вратат сеќавањата за нашите предци кои неуморно рачно ги изработувале и ни ги оставиле во аманет да ги сочуваме и да се потсетуваме на темелот на македонската традиција и автентична култура единствена во целиот свет. Се надеваме дека ќе уживаат во настапите на фолклорните уметници и младите играорци кои ќе настапат со кореографии од различни делови на Македонија и се надеваме дека ќе поттикнеме големо културно будење и заинтересираност за се поголем број на млади деца се вклучат во негувањето на непроценливото културно наследство, изјави Маријана Младеноски.

Следниот ден сабота 17 јуни во 15 часот и 30 минути фестивалот ќе започне со дефиле низ Брвеница на домаќините и другите гости, по што следува концерт со почеток во 16 часот и 30 минути пред спортската сала „Коста Рацин“ во Брвеница. ас/лв/
фото МИА 

Остани поврзан