Генералната секретарка на Собранието учествува на Состанокот на генералните секретари
- Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова денеска учествуваше на Состанокот на генералните секретари, што се одржа во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти. На состанокот се дискутирало на тема „Стандардите во јавниот живот, рамка за интегритет во парламентите“.

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова денеска учествуваше на Состанокот на генералните секретари, што се одржа во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти. На состанокот се дискутирало на тема „Стандардите во јавниот живот, рамка за интегритет во парламентите“.
Во рамките на темата, генералните секретари дискутираа и разменија мислења за постојната ситуација во нивните парламенти и етичките стандарди кои треба да се почитуваат од страна на парламентарците и службата при нивната работа.
Притоа, како што соопштија од собраниската прес-служба, учесниците истакнаа дека рамката на интегритет ги вклучува правилата и принципите кои постојат при односот на парламентарците со трети страни и интересни групи, при вршење на нивните должности и активности, нивните финансиски интереси, примање подароци. Рамката содржи стандарди на однесување и нуди санкции во случај на нивно непочитување.
На средбата беше дискутирано и за извештајот на работа на Европскиот центар за парламентарно истражување и документација (ЕЦПРД), како и за приоритетите и програмата на ЕЦПРД за 2024 - 2025 година.
Состанокот на генералните секретари се одржува од 28 до 29 септември.бт/аа/
Фото/ Собрание на Северна Македонија