• четврток, 28 март 2024

Втор хакерски напад врз платформата за спроведување на завршните испити во средните училишта во Грција

Втор хакерски напад врз платформата за спроведување на завршните испити во средните училишта во Грција

Атина, 30 мај 2023 (МИА) – Втор ден по ред хакерски напад создава проблеми во спроведувањето на завршните испити во средните училишта во Грција, а според грчките медиуми, обвинителот од Врховниот суд веќе наредил да се спроведе истрага, јави дописничката на МИА од Атина. 

Националната мрежа за технологија и истражување утрово била на мета на хакерски напад, по што паднала и платформата од која се избираат темите за завршните испити, додека пак вчера постоела масовна посета на мрежата со 280.000 конекции во секунда.

Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека по денешниот втор хакерски напад реагирал обвинителот од Врховниот суд Исидорос Дојакос кој побарал детална истрага, но и помош од Секторот за борба со електронски криминал.

Хакерските напади, како вчера, така и денеска предизвикаа доцнења и одложувања на завршните испити во средните училишта во цела Грција.

Од Министерствата за образование и дигитална политика вчера истакнаа дека случајот се однесува исклучиво на интерните полагања во средните училишта и во никој случај не е поврзан со државните испити за запишување на факултет кои започнуваат в четврток. ср/

Остани поврзан