• четврток, 25 април 2024

Втор ден блокиран патот Градско - Прилеп, се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш"

Втор ден блокиран патот Градско - Прилеп, се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш

Росоман, 5 јуни 2023 (МИА) - Втор ден е блокиран регионалниот пат Градско - Прилеп, кај клучката за Кавадарци, со протест се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш". Блокадата ќе остане до 14 часот, се пропуштаат итни случаи.

Учесници на протестот велат дека се револтирани поради проблемот со каналот за наводнување. Тие бараат најбрза санација, како и алтернативен начин за наводнување, додека се врши санацијата. Затоа што, како што нагласуваат, загрозени им се земјоделските култури и нивната егзистенција.

Претседателот на месната заедница Сирково, Веле Коцев за МИА информираше дека бараат  вонредна седница на совет на Општина Росоман, прогласување на елементарна непогода,  алтернативно решение за да се спаси сезоната. Блокадите ке траат до изнаоѓање на решение.

На протестот заедно со земјоделците е и градоначалникот на Росоман, Стојан Николов. Тој нагласува дека итно се бара изнаоѓање решение за проблемот.

Пред неколку дена, АД Водостопанство на Република Северна Македонија, ја информираше јавноста дека на 27 мај 2023, е детектирано оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради кое привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини.

- Извршен е увид и во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а се со цел враќање на системот во првобитна состојба. Дополнителни информации, граѓаните од регионот можат да добијат во подружницата АД Водостопанство - Тиквеш. За сите понатамошни активности пак, поврзани со санацијата, јавноста ќе биде навремено информирана, соопштија тогаш од АД Водостопанство. свд/са/


Фото : МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан