• петок, 29 март 2024

Вработените од Министерството за култура шести ден на протест

Вработените од Министерството за култура шести ден на протест

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - И на денешниот протест вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм ги повторија нивните барање за зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии како и за средба со надлежните.

Протестот, што се организираше пред Владата, се одржува шести ден. Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски за време на протестот денеска изјави дека платите на функционерите ќе бидат четири пати поголеми од платите на вработените во јавниот сектор.

Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски Фото/МИА

-Упорно бараме некој од надлежните да ги сослуша нашите барања. Очигледно во државата се уште во сила онаа народната „кучињата лаат, караванот си врви“. Па така, веќе е извесно дека именуваните функционери ќе си добијат покачување од 78 проценти или илустративно, еден министер ќе добива плата од 1.800 евра, а еден вработен во државна администрација ќе добива просечна плата од 400 евра. Без дилема, за овие покачувања министерот за финансии сигурно ќе обезбеди финансиски средства и без протести. Ова секако нема да биде дисторзија во системот туку сосема оправдано покачување на платите на функционерите, затоа што тие тоа го заслужуваат, рече Костовски.

Протест на вработените од Министерство за култура Фото/МИА

Како што посочи, доколку не добијат одговор деновиве, ќе се обратат и до други инстанци, до претставниците на меѓународната заедница, при што ќе побараат нивна поддршка.

-Нашиот концепт на мирни протести не допира до свеста на надлежните, што дополнително не мотивира да продолжиме со нашата борба и да ги поттикнеме и другите колеги да ни се приклучат во остварувањето на целта - достоинствена плата за вработените, додаде тој.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски  Фото/МИА

Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, држава сме со највисока инфлација и со најниски плати. 

-Шести ден сме надвор на улица, шести ден бараме прием кај надлежните да се договориме кога ќе добиеме и ние она што ни следува. Бараме тоа што го добија колегите од едно Министерство и од Собранието, изјави Денаски на денешниот протест. бт/аа/

 

Остани поврзан